Во Скопје започна тридневната работилница за специјалистите по јазично тестирање

Денеска во Скопје започна тридневната работилница „Патот до успехот на специјалистите по јазично тестирање“, организирана од Министерството за одбрана и Бирото за меѓународна јазична координација, кое е советодавно тело на НАТО-Алијансата кое се грижи за стандардизација на јазичната обука. Работилницата има за цел да го унапреди националниот СТАНАГ 6001 тим преку имплементација на научените лекции и подобрување на процесот за тестирање согласно стандардот СТАНАГ 6001.

 На отворањето на работилницата, државниот секретар во Министерството, Драган Николиќ рече дека Македонија е почестена што за прв пат претседава со ваква меѓународна работилница. „Ја имаме шансата да покажеме дека работиме на нашата визија: Македонија  – членка на НАТО, подготвена и силна“, рече Николиќ и додаде дека бидејќи мисијата на Бирото за меѓународна јазична координација е промоција и поттикнување на интероперабилноста помеѓу НАТО и земјите на Партнерството за мир, сите патокази го покажуваат патот на Македонија токму кон Алијансата.

 Државниот секретар додаде дека Министерството ја цени оваа активност и поддршката за афирмација на Македонија за унапредување на националниот СТАНАГ 6001 тим, процесот на тестирање и усогласувањето на јазичната политика.

 На работилницата учествуваат 51 специјалист по јазично тестирање од 25 земји, вклучувајќи го и тимот од Република Македонија кој веќе бил дел од ваков тип работилници во Белгија, Чешка, Босна и Херцеговина и Австрија. На овогодинешната работилница меѓу другото, подетално ќе се разговара за селекцијата и обуките на новите специјалисти по јазично тестирање, одредувањето на работните квалификации и нормирањето на специјалистите, како и подобрувањето на работната динамика на тимовите за тестирање.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail