Воведена новата службена униформа за припадниците на АРМ

„Денес со оваа свеченост ја воведуваме новата службена униформа за офицерите и подофицерите во Армијата на Република Македонија. Нашата цел е припадниците на Армијата да имаат убава и квалитетна службена униформа за што се консултирани стручни лица, но и самите припадници на Армијата на Република Македонија.

 Тоа го истакна министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски на денешната свеченост во Домот на Армијата, на која присуствуваа министри во Владата на Република Македонија, претставници на Министерството и Генералштабот на АРМ.

 Во своето обраќање министерот посочи дека службените униформи се македонски производ – производството на ткаенината и шиењето е извршено во Македонија. Во однос на набавката, министерот истакна дека истата е започната и завршена во 2015 година, додека во текот на минатата година се работело на производство на униформата. „Од 20 елементи на службената униформа, 19 се веќе во магацините на Армијата на Република Македонија“, додаде Јолевски.

 Овој проект, како и проектите како надградбата на објектот на министерството со нови 1400 метри квадратни и 59 простории, потоа отворањето на кантини во касарните, и секако капиталниот проект за модернизација на Армијата се со цел унапредување на стандардот на припадниците на Армијата, што е приоритет за Министерството за одбрана. Од аспект на модернизацијата, министерот информираше дека во текот на идната недела во Македонија со летање ќе бидат пренесени и два ремонтирани хеликоптери на воздухопловството на АРМ. Додаде дека идната недела ќе пристигне и нова опрема за Полкот за специјални операции.

 На новинарски прашања, министерот Јолевски посочи дека во тек е набавка и на 1100 парчиња, додека започнати се подготовки и за набавка на нови 7.000 парчиња од воено-теренската униформа. Во врска со мигрантската криза, министерот посочи дека се следи состојбата и адекватно на тоа во функција ќе бидат ставени и соодветни стратегии и планови.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail