Заедничка вежба на специјалните единици на Македонија и Соединетите Американски Држави.

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, денес по повод денот за високи гости присуствуваше во Касарната во Ѓорче Петров каде се одржа заокружување на заедничката вежба на припадници од Полкот на специјални операции на Армијата на Република Македонија, специјалните единици на Министерството за внатрешни работи и специјалните единици на Соединетите Американски Држави.

Во своето обраќање, министерот Јолевски најнапред упати честитки за успешното одржување на вежбата и истакна дека со поддршка на стратешките партнери, припадниците на Армијата на Република Македонија и на Министерството за внатрешни работи се гарант за безбедноста и на територијалниот интегритет и суверенитет на нашата земја.

„Искажувам благодарност до САД и до амбасадата на САД во Република Македонија за поддршката која ја даваат за развојот на македонската Армија. По мојата посета на Командата на специјални операции на САД точно пред две години, во 2015 година ја зајакнавме соработката помеѓу специјалните сили на САД и Полкот за специјални операции. Ова е прва од вежбите што оваа година ја имаме со припадници на САД меѓу кои се вежби од сите сегменти, не само од областа на специјалните операции. Истакнувам дека е воспоставена добра соработка со командата за специјални операции на НАТО и Командата на специјалните сили на САД во Европа“ – рече министерот Јолевски.

Ние продолжуваме да ја зајакнуваме Армијата и овие вежби се резултат од декларацијата за нашето стратешко партнерство со САД, каде соработката во областа на одбраната има високо место. Ние ќе продолжиме да ги подобруваме капацитетите на Армијата, како со обуки за припадниците, така и со опрема за Полкот за специјални операции и за сите останати единици на АРМ, додаде министерот.

Амбасадорот на САД во Република Македонија, Џес Бејли истакна дека се горди да бидат сведоци на соработката на специјалните сили и на нивните прокажани способности. „Денес имавме прилика да ја видиме кулминацијата од три неделната обука спроведена од специјалните сили на САД од Европската команда. Ова е дел од заедничките напори на Македонија и САД да се справат со тероризмот и затоа сите наши единици треба да бидат подготвени.  Ова е само еден пример од нашата многу блиска соработка изминативе години заедно со Полицијата и Армијата. Тоа е знак на продолжување на нашето партнерство. Преку ваквите вежби ние заеднички ќе придонесеме за безбедноста на граѓаните“ – Истакна амбасадорот Бејли.

Оваа вежбовна активност која е прва годинава се спроведува согласно заедничките програми за обука и тренинг на припадниците на Армијата и е резултат на повеќе годишните активности кои ги имаат Република Македонија и Соединетите Американски Држави на полето на одбраната. На денешната показна вежба беа прикажани дел од активностите кои изминатите денови заеднички ги увежбуваа овие единици. Истата вежба втора година по ред се одржува заедно и со припадниците на МВР. Целта на вежбата е унапредување на интероперабилноста помеѓу специјалните сили на Македонија и САД и унапредување на капацитетите на специјалните сили во Република Македонија.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail