Шекеринска на свечената заклетва на доброволно служење воен рок во Велес: Вие сте нашите идни бранители и чувари на мирот

„Вие сте идните бранители на Република Македонија, и идни амбасадори на мирот  во меѓународните операции. Со вашиот избор вие сега станавте не само дел од одбраната на нашата татковина, туку и почеток на иден професионален состав на Армијата“, им порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на 53-та војници – доброволци од 32. генерација на денешната свечена заклетва во касарната во Велес.

Министерката рече дека покрај честа да се биде дел од одбраната, отслужувањето на воениот рок ја отвора вратата за понатамошен професионален развој во воената струка. „Како и многу од вашите претходници, и вие ќе може да продолжите со надградба на воената професија во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија и да ја одберете војничката професија како животна определба. За таа цел, во наредниот период вие ќе поминете низ интензивна војничка обука заедно со вашите инстуктори и командири“, посочи министерката. Таа истакна дека намерата е да се зголеми бројот на млади лица кои што ќе изберат доброволно да го служат воениот рок и кои ќе изберат кариера токму во АРМ.

Министерката изрази задоволство што во редовите на војниците-доброволци има претставници од сите етнички заедници во Република Македонија, и припадници на машкиот и женскиот пол, бидејќи одбраната на татковината не разликува ниту пол, ниту етничка, ниту верска припадност.

На семејствата на војниците-доброволци, министерката им порача дека нивните деца избрале многу благородна професија и дека треба да се горди на нив и нивниот избор. „Јас како министерка за одбрана и Министерството за одбрана во целост ќе сториме сè што е во наша надлежност да ги поддржиме вашите деца кои ќе одберат воениот позив да им стане животна определба“, рече министерката.

„Служењето на воениот рок во АРМ за кое доброволно се пријавивте, со сигурност ќе има големо влијание во вашиот понатамошен животен пат. Да се биде припадник на АРМ е доказ за вашата зрелост, која ќе ја потврдите со завршувањето на обуката со успех“, им посочи заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Мухамет Рацај на војниците-доброволци.

Во рамките на 32. генерација на војници – доброволци има и 10 припаднички на женскиот пол. Војниците во период од три месеци ќе стекнуваат знаења и вештини од основната воена обука во Центарот за индивидуална обука.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail