Заменик-министерот Максути даруваше крв на денешната Акција за дарување крв и храна по повод американскиот Национален ден на служба и сеќавање

Заменик-министерот за одбрана, Беким Максути даруваше крв на денешната Акција за дарување крв и храна која се организира во американската Амбасада во Скопје, по повод Националниот ден на служба и сеќавање на САД. По тој повод заменик-министерот истакна дека нема подобар одговор на грозоморни акти како терористичките напади пред 16 години во САД, од сплотеноста во пораката дека нашата човечност и заедништво се поголеми од која било закана на заедничките вредности.

Максути изрази искрено сочувство до американските граѓани и семејства кои се погодени од терористичките напади на 11 Септември 2001 година на кулите близначки во Њујорк. Тој додаде дека како и секоја година, бројни доброволци од Армијата на Република Македонија учествуваат во оваа акција и даруваат крв за оние на кои им е потребно, што е уште една афирмација на стратешкото партнерство помеѓу Македонија и САД и на нашата заложба за негово уште поголемо развивање на што е можно повеќе полиња.

Националниот ден на служба и сеќавање започнал да се одбележува во 2002 година, преку добротворни акции, со цел да се покаже почит кон жртвите, преживеаните и сите оние кои помогнаа во справувањето со последиците од нападите на 11 септември. Овој настан трае во текот на денот, од 09-16 часот. Истиот се организира во соработка со Црвениот крст на Град Скопје и Институтот за трансфузиологија и како што истакнуваат од американската Амбасада, сите потенцијални дарители се добредојдени.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail