Заменик-министерот Максути на Самитот на европска политика во Брисел

Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, денеска во Брисел учествуваше на годишниот Самит на европска политика ко-организиран од тинк-тенк организацијата „Пријатели на Европа“, фондацијата Конрад-Аденауер-Стифтунг и Програмата за развој на Обединетите Нации, а поддржан од Европската комисија и Советот за регионална соработка. На Самитот оваа година учествуваше и Кристијан Даниелсон, генерален директор На Европската комисија за соседска политика и проширување.

Самитот оваа година беше на тема „Западниот Балкан на крстопат – Нови предизвици, променлива динамика“, а дискусиите беа во насока на поставувањето на Западниот Балкан сè повисоко на европската агенда, предизвиците со кои се соочуваат земјите од регионот во делот на безбедноста, економијата и потребните реформи. Високо на агендата беа теми како воспоставувањето на демократијата, мирот и стабилноста и економскиот развој и интеграцијата на Западниот Балкан, како и реформите на национално, но и локално ниво.

Самитот беше поделен на неколку сесии посветени на мирот, демократијата и помирувањето, но и на зголемувањето на можностите за бизнисите и потребата од продолжување на реформските процеси. На самитот се разговараше и за локалните самоуправи и потребата од нивно вклучување во реформските процеси.

На маргините на Самитот, заменик-министерот Максути кусо разговараше со Хојт Ји, заменик-помошник државен секретар во Бирото за европски и евроазиски работи во Стејт департментот на САД и со Ендрју Плит, виш советник за развој во Европската команда на САД.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail