Заменик-министерот Максути на средба со Пол Северо, Директор за одбранбено планирање на НАТО

Заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Беким Максути денеска во Министерството оствари средба со Пол Северо, Директор за одбранбено планирање на НАТО, а воедно и лидер на тимот од Алијансата кој учествува на билатералните консултации во Република Македонија.

На средбата заменик-министерот Максути посочи дека Република Македонија позитивно гледа на редовните билатерални консултации со Алијансата, како еден вид на механизам за одржување на подготвеноста на Македонија за членство во Алијансата. „Има целосен консензус од сите за продолжување на реформите за членство во НАТО. Ова е од взаемен интерес и ние сме подготвени да бидеме дел од НАТО силите, а воедно се надеваме дека политиката на отворени врати на НАТО ќе продолжи и понатаму“, рече заменик-министерот на средбата. Тој посочи дека е овие разговори се суштински за Македонија со цел утврдување на достигнувањата, плановите и предизвиците за во иднина. Заменик министерот додаде дека е потребно да се направи и следниот чекор, односно од „де факто“, Македонија да стане и „де јуре“ полноправен член на НАТО.

Максути истакна дека процесот на реформи продолжува, а спомена и дека Министерството внимава на правичната застапеност на сите етнички заедници во редовите на Армијата.

Директорот Северо се заблагодари за средбата и истакна дека вчерашните разговори биле плодни и успешни и воедно ја истакна транспарентноста на сите учесници на состаноците. Воедно тој додаде дека ја цени заложбата на сите политички партии за посветеноста за членство во Алијансата и дека она што досега беше направено ќе продолжи со исто темпо да се реализира и понатаму.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail