Заменикот – министер Максути ја отвори работилницата посветена на меѓународната безбедност и имплементацијата на меѓународното хуманитарно право

„Безбедноста на меѓународно ниво денес во услови на глобализација претставува сериозен предизвик и цел кон која се стреми современиот цивилизиран свет. И покрај тоа што Повелбата на ООН им забранува на државите да употребуваат сила за во решавање на настанатите конфликти, освен во случај на самоодбрана, сепак светот и понатаму е под постојан ризик од закани по мирот и безбедноста“, рече денеска заменикот – министер за одбрана, Беким Максути, на отворањето на семинарот за „Меѓународна безбедност и имплементација на Меѓународното хуманитарно право“.

Максути истакна дека фактите зборуваат дека по завршувањето на Студената војна, светот се соочи со 116 воени конфликти, од кои 20 беа меѓународни војни, факти кои говорат дека почитувањето на меѓународното хуманитарно право е од исклучителна важност.

Во фокусот на овие меѓународни правила е хуманитарната заштита, потенцираше заменикот министер, и додаде дека хуманата димензија на овие правила е насочена кон намалување на последиците од вооружените дејствија и спречувањето на прекумерни жртви, човечки страдања и материјални последици.

„Република Македонија како потписник на меѓународните документи кои ја сочинуваат правната основа на Меѓународното хуманитарно право има обврска да ги почитува тие правила и да овозможи дисеминација и запознавање со правилата и принципите на Меѓународното хуманитарно право“, заклучи на отворањето заменикот – министер.

Семинарот е во организација на Секторот за човечки ресурси во Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, а дел од него се претставници на Министерството, Армијата на Република Македонија и другите органи на државната управа поврзани со одбраната, безбедноста и кризниот менаџмент.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail