Заменикот – министер Максути оддаде почит на одбележувањето на единаесет години од хеликоптерската несреќа кај катлановско Блаце

Денеска, заменикот – министер за одбрана, Беким Максути, положи венец со свежо цвеќе на спомен-обележјето кај катлановско Блаце, во спомен и почит кон припадниците на Армијата на Република Македонија кои пред единаесет години загинаа во хеликоптерската несреќа при враќање од мисијата АЛТЕА во Босна и Херцеговина.

Венци со свежо цвеќе беа положени и од делегацијата од АРМ, предводена од директорот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Зоран Милески, Здружената оперативна команда, Воздухопловната бригада, 1. Механизирана пешадиска бригада, општината Петровец и членовите на семејствата на загинатите припадници на АРМ.

Воедно, почит беше оддаден и во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец и во кампот Бутмир во Сараево.

Хеликоптерот Ми-17 се урна на 12-ти јануари 2008 година кај катлановско Блаце, враќајќи ги од мисија потполковникот Тони Спасовски, мајорот Горан Ристовски, капетаните Бране Спасовски и Игор Ѓорески, наредниците Славчо Василев и Тони Давитковски, постарите водници Јанко Шириќ, Александар Тасковски, водниците Мики Ивановски и Александар Васиќ и десетарот Златко Вељановски.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail