Заменикот – министер Максути во Виена на отворање на експертската конференција посветена на воената поддршка на цивилните институции

Заменикот-министер за одбрана на Република Македонија, Беким Максути, денеска во Виена, Австрија се обрати на отворањето на експертската конференција на тема „Унапредување на синергиите: Воена поддршка на цивилните институции“, која се организира под покровителство на австриското претседателство со Советот на Европската Унија.

Максути се осврна на искуствата на Република Македонија, низ која во 2015 и 2016 година минуваше т.н. „Балканска мигрантска рута“, при што подвлече дека научените лекции говорат дека заедничкиот ангажман на воените сили и цивилните институции не се само можни, туку посакувани за зачувување на мирот и безбедноста.

„На почетокот на 2015 година, Република Македонија беше на главната мигрантска рута од Блискиот Исток. Одговор на овој притисок беше прогласувањето на кризна состојба на северната и на јужната граница, каде беа стационирани и припадници на Армијата на Република Македонија, кои помогнаа во воспоставување на контрола и во регулација на текот на бегалци и мигранти низ нашата земја“, рече заменикот-министер.

Заменикот-министер истакна дека еден од главните бенефити од таа состојба беше заедничкиот одговор на сили и капацитети од повеќе европски земји, вклучувајќи ја и Австрија кои испратија полициски сили на македонската граница. Во моментов во поддршка на македонските сили се 147 полицајци, 20 од нив од Австрија.

„Од 2015 и 2016 година ние докажавме дека соработката во сите аспекти е можна и добредојдена. Ние треба повеќе да ги зацврстиме напорите за олеснување на процедурите за барање на помош и поддршка и да ги регулираме и целосно дефинираме одговорностите и правилата за вклучување на овие сили“, рече Максути.

Тој истакна дека миграцијата во Европа е заеднички предизвик и дека побарува сеопфатен пристап, кредибилни политики и активности не само краткорочно, туку и на среден и долг рок. Оваа состојба, заклучи Максути, достигна една меѓународна димензија, влијаејќи на безбедноста и стабилноста на Европската Унија и на земјите опфатени од мигрантските рути.

На отворањето на експертската конференција се обрати и министерот за одбрана на Австрија, Марио Кунасек.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail