Патот до НАТО

Патот на Република Северна Македонија до НАТО

- Соработката со НАТО започна во декември 1993 година, кога Собранието на Република Македонија ја усвои Резолуцијата за пристапување на РМ во НАТО (Северноатланската договорна организација).

- Во ноември 1995, Р. Македонија стана членка на Партнерството за мир (ПзМ), а во јуни 1996 е отворена Канцеларијата за врски на РМ при НАТО.

- Во април 1997 - Р. Македонија е примена во ПАРП процесот, а истата година во ноември 1997 е отворена Мисијата на РМ при НАТО во Брисел, Кралство Белгија.

- Во април 1999 – на Самитот на НАТО во Вашингтон, Р. Македонија официјално стана земја кандидат за членство во Алијансата. Оттогаш, земајќи ги предвид консензусот на сите политички чинители во земјата и високата поддршка на јавноста за членството во НАТО,  Р. Македонија работи на градење на односи со Алијансата, користејќи ги сите алатки и модалитети кои и стојат на располагање.

- Во август 2002  - Р. Македонија за прв пат испрати двајца мировници во Мисијата ИСАФ во Авганистан, а во мај 2003 -Македонија, Албанија и Хрватска, заедно со Соединетите Американски Држави ја потпишаа Повелбата за партнерство (Јадранската повелба).

- Во април 2008 – На Самитот на НАТО во Букурешт е потврден напредокот на РМ и исполнувањето на критериумите за членство, но покана за членство не е упатена. Во заклучоците од Самитот е нотирано дека покана за членство на РМ ќе и се упати по изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот со името со Р. Грција.

- На Самитите на НАТО од 2009(Стразбур и Кел), 2010(Лисабон), 2012(Чикаго), 2014(Велс) и 2016(Варшава), континуирано се поздравуваат придонесот на РМ кон меѓународните операции предводени од НАТО и поддршката кон остварувањето на целите на Алијансата и се реафирмира ставот дека покана за членство на земјата ќе и се упати по изнаоѓање на взаемно прифатливо решение за спорот со името со Р. Грција.

- На седница одржана на 25 декември 2017г, Собранието на РМ донесе Декларација за забрзување на реформските и интегративните процеси за зачленување на Република Македонија во ЕУ и НАТО (Сл. весник 192 од 26.12.2017).

- Согласно препораките на НАТО, Владата презема конкретни чекори за зголемување на Буџетот за одбраната и тоа започнувајки со зголемување на Буџетот на одбраната за 2018 година, Буџетот континуирано да се зголемува годишно за 0,2 проценти со цел достигнување на целта за издвојување на 2% од бруто-домашниот производ за одбраната.

- На 11 јули 2018 г., на Самитот на НАТО во Брисел на Република Македонија официјално и е упатената покана за започнување на пристапните преговори за членство во НАТО.

- На 19 јули 2018 година Собранието на РМ на својата 57 седница ја донесе Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Република Македонија во НАТО.

- На 25 јули 2018 година, делегацијата на НАТО предводена од Џејмс Мекеј, Директор на Евро-атлантско и глобално партнерство во одделот за политички и безбедносни прашања во штабот на НАТО, ја посети РМ со што се означи почетокот на пристапните разговори.  За шеф на тимот на НАТО за пристапните разговори со РМ е назначен Помошникот ГенСек на НАТО за политички работи и безбедносна политика (ASG PASP), амбасадорот Алехандро Алваргонзалес.

- На 1 август 2018 до РМ беше доставен НАТО Планот за спроведување на процесот за пристапување.

- На  5 септември 2018, на 86-та редовна седница ВРМ го формираше Комитетот за интеграција на Република Македонија во НАТО. Со Комитетот претседава ПВРМ Зоран Заев, а негови заменици се: ЗПВРМ и МО Радмила Шекеринска, ЗПВРМ за европски прашања, Бујар Османи, и МНР Никола Димитров. Воедно, формиран е Работен комитет за интеграција на РМ во НАТО со кој претседава Национален координатор за подготовка на РМ за членство во НАТО Стево Пендаровски  како и Секретаријат. [1]

- Драфтирана е Програма за продолжување на реформите која опфаќа реформи во областите владеење на правото, човекови права, борба против корупција и организиран криминал, активности за реформа на Армијата и активности за спроведување на правните и финансиски обврски од членството во НАТО.

- На 5-6 септември 2018, Генералниот Секретар на НАТО Јенс Столтенберг, оствари официјална посета на Република Македонија, прва по добивањето покана за членство. Во текот на посетата Генералниот секретар Столтенберг ги поздрави напорите на Владата и испрати порака дека полноправното членство зависи од исходот на референдумот и имплементацијата на Преспанскиот договор.

- На 18-19 октомври 2018, на состанок во Брисел формално беа завршени завршени пристапните разговори помеѓу РМ и НАТО.

- На 6 декември 2018, на состанок на замениците постојани престтавници на земјите членки на НАТО беше презентирана Програмата за продолжување на реформите (ППР). Со презентациајта на ППР заврши втората фаза од Процесот на пристапување.

- На 21 јануари 2019 г. МНР,  Никола Димитров упати писмо до Ген.сек. на НАТО, Јенс Столтенберг во кое ја изрази подготвеноста на земјата да ги прифати и почитува обврските и заложбите за членство на земјата во НАТО, формално изразувајќи интерес за добивање покана за пристапување кон НАТО. Со писмото во НАТО била официјално доставена и Програмата за продолжување на реформите.

- На 6 февруари 2019 г. постојаните претставници на 29-те земји членки на НАТО во седиштето на НАТО го потпишаа пристапниот протокол за членство на Република Северна Македонија во НАТО.  Со потпишувањето на Пристапниот Протокол, започнува следната фаза од пристапниот процес, во која следи ратификација на Протоколот од страна на националните парламенти и институции на земјите членки на Алијансата.

- На 13 и 14 февруари 2019 г. Заменик премиерот на Владата на Република Северна Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска учествуваше на НАТО состанок во формат министри за одбрана во Брисел, К. Белгија во рамки на кој за прв пат висок претставник од земјата учествуваше на министерска сесија која е отворена само за земји членки на НАТО.

- На 4 декември 2019 година во Лондон, претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев ја предводеше делегацијата на нашата земја која за прв пат учествуваше на Лидерски самит на Алијансата.

- на 11 февруари 2020 година, Собранието на Република Северна Македонија го ратификуваше Протоколот за членство во НАТО. Без гласови против и воздржани, 114 пратеници гласаа “за” членството на нашата држава во Северноатлантската алијанса.

- на 12 февруари 2020 година, Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го потпиша Указот за прогласување на Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор.

- на 17 март 2020 година, во специфични услови за европскиот континент и светот, шпанскиот Сенат, за прв пат преку видео – конференциска врска, и сите гласови „за“ го ратификуваше Протоколот за членство на Република Северна Македонија во Алијансата, со што заврши процесот на ратификација на овој протокол кај сите земји – членки на Алијансата. Истиот по само два дена беше депониран од страна на Шпанија во депото во Вашингтон, САД.

- 20 март 2020 година, Претседателот Пендаровски го потпиша Инструментот за пристапување на Република Северна Македонија во Северноатлантската Алијанса.

- 27 март 2020 година, Република Северна Македонија стана полноправна членка на најголемата воено политичка алијанса во светот – НАТО.

НАТО  ВО  РЕПУБЛИКА СЕВЕРНА МАКЕДОНИЈА

-       Канцеларија за врски на НАТО во Скопје со седиште во Министерството за одбрана. Шеф на канцеларијата за врски е полковник Зоран Јанковиќ.

-       Од 2019 Амбасадата на Република Словенија е НАТО контакт амбасада за Република Северна Македонија, претходно во изминатите две години оваа задача ја извршуваше Амбасадата на Република Хрватска.


-          [1] На 135 седницата Владата на Република Северна Македонија на Стево Пендаровски, досегашен национален координатор за подготовка на Република Северна Македонија за членство во НАТО, му утврди престанок на функцијата поради изборот за Претседател на Република Северна Македонија. Воедно усвоена е информацијата дека до целосно полноправно членство на нашата земја во НАТО, обврските на Националниот координатор за подготовките на Република Северна Македонија за членство во НАТО ги презема Дане Талески, советник за надворешна политика на Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail