Мисии

УЧЕСТВО НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ВО МИРОВНИ OПЕРАЦИИ

Република Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница и поаѓајќи од принципот на неделивост на безбедноста, континуирано придонесува во напорите на меѓународната заедница за заштита на светскиот мир и безбедност. Во тој контекст, во согласност со Уставот и законите на Република Македонија и ратификуваните меѓународни договори, единиците на Армијата од постојаниот и од резервниот состав или нивни делови, како и воени старешини и цивилни лица на служба во Армијата и вработени во Министерството за одбрана, можат да учествуваат во вежбовни активности, обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Републиката.

Придонесот во операции во целокупниот спектар на мисии на ООН, на НАТО и на ЕУ и воедно кон глобалната безбедност, мир и стабилност е стратешка мисија на системот за одбрана на Република Македонија, која првенствено се гледа преку вложувањето на сопствените безбедносни способности и капацитети за остварување на заедничките вредности и интереси и учеството во колективната одбрана на НАТО и ЕУ. Во согласност со дефинираните стратешки цели за полноправно членство во НАТО и ЕУ, Република Македонија во изминатите години активно и континуирано партиципираше со свои човечки и материјални капацитети во меѓународните операции.

Република Македонија во 2002 година започна да учествува во меѓународни мировни операции и досега учествува во шест меѓународни мировни операции (ИСАФ, Слобода за Ирак, АЛТЕА, УНИФИЛ, КФОР и Одлучна поддршка), од кои пет надвор од својата територија и една меѓународна операција од национална територија. Низ годините учеството во мировните операции постепено се зголемуваше согласно планираните ресурси и потребите на меѓународната заедница. Во периодот од 16 години (2002 – 2018 година) околу 4000 припадници на Армијата на Република Македонија учествувава во овие меѓународни мировни операции.

Првиот придонес на Република Македонија надвор од нејзините граници започна во 2002 година во рамките на НАТО – предводената мисија ИСАФ во Авганистан. Потоа придонесот постепено се зголемуваше со распоредување на сили во мисијата „Слобода за Ирак“ во Ирак, во воената операција „ЕУ АЛТЕА во Босна и Херцеговина и во мисијата на Обединетите нации „УНИФИЛ“ во Либан. Дополнително, Република Македонија континуирано од 1999 година обезбедува постојана поддршка за силите во операцијата „КФОР“ на Косово.

Хронолошки, учеството на Република Македонија во меѓународни операции е следниот:

1. Почнувајќи од 1999 година, Република Македонија логистички ја подржува мисијата КФОР на Косово, преку Национален координативен центар за поддршка на земјата домаќин. Овој центар овозможува прифат, придружба, административна подршка, обезбедување, снабдување и медицинска заштита на територија на Република Македонија. Во овој национален центар  се ангажираат до 13 лица од АРМ.

2. Во август 2002 започна учеството во мировната мисијата ИСАФ во Авганистан со упатување на 2 штабни офицери во рамките на турскиот контингент и перманентно плански се зголемуваше. Во рамките на мисијата учествувавме со повеќе од 2700 лица меѓу кои, штабни офицери и подофицери, ментори, пешадиски единици и медицински персонал. Мисијата ИСАФ во Авганистан, беше и првата мисија во која Република Македонија учествуваше со персонал како резултат на регионалните иницијативи (од 2005 до 2009), односно со медицински тим од А3 формат (Македонија, Хрватска и Албанија), со елементи (штабни офицери) од Бригада за Југоисточна Европа (СЕЕБРИГ) во 2006, како и со инструктори за воена полиција во Школото за воена полиција на Авганистанската армија во А5 формат (од 2011 до 2013). Во рамките на билатералната соработка на Република Македонија, во 2010 година во мисијата ИСАФ учествувавме со заеднички тимови со САД со персонал од специјалните единици на АРМ и воена полиција. Мисијата ISAF заврши во 2014 година.

3. Во рамките на коалицијата предводена од Соединетите Американски Држави, во периодот од 2003 до 2008 година учествувавме во операцијата Слобода за Ирак во Ирак. Учеството  започна со упатување на единица за специјални намени и перманентно се зголемуваше со упатување на дополнителен персонал од штабни офицери и пешадиски вод за обезбедување. Во мисијата Слобода за Ирак беа ангажирани вкупно  490 припадници на АРМ.

4. Почнувајќи од јуни 2006 година, Република Македонија за првпат зеде учество во мисијата на ЕУФОР – „АЛТЕА во Босна и Херцеговина што преставуваше прв придонес во рамките на воена операција предводена од Европската унија. Во мисијата АЛТЕА досега имаме учествувано со околу 290 лица во период од 12 години, односно со хелихоптерски детачмент (2006-2008), медицински тим (2006-2015) и со штабен и медицински персонал (2006 – 2018).

5. Од мај 2007 година Република Македонија го започна својот придонес во меѓународната операција УНИФИЛ“ предводена од ООН во Либан со упатување на еден штабен офицер во оперативниот штаб на УНИФИЛ. Во оваа мисија учествуваме со еден штабен офицер во оперативната команда на УНИФИЛ. Досега се извршени единаесет ротации со упатување на по едно лице годишно.

6. Мировната мисија предводена од НАТО Одлучна подршка“ – RSM (Resolute Support Mission) во  Авганистан, започна на 01.01.2015 година и во неа учествуваме од првиот ден. Досега имаме учествувано со околу 250 лица воен персонал. Република Македонија во 2018 година го зголеми учеството со персонал во мисијата „Одлучна поддршка“ за 20 %. Во моментов 44 припадници на АРМ се дел од мисијата. Придонесот во операцијата е со штабен персонал, единица за обезбедување и ментори, во соработка со силите на САД, Република Турција, Сојузна Република Германија, како и во рамките на регионалниот придонес во А5 формат.

 Придонес на АРМ во меѓународни операции во 2018 година.

Во операцијата предводена од НАТО Одлучна подршка“ – RSM (Resolute Support Mission) во Авганистан придонесуваме со вкупно 44 лица.

Во операцијата на ЕУ „АЛТЕА во Босна и Херцеговина учествуваме со 3 лица, односно со две штабни позиции и 1 доктор во медицински тим.

Во мисијата на ОН УНИФИЛ“ во Либан континуирано придонесуваме со еден штабен офицер.

Република Македонија како кредибилен партнер на Североатланската алијанса од 1999 година преку Координативниот центар на земјата домаќин за поддршка обезбедува логистичка поддршка за КФОР, со што уште повеќе ја зацврстува својата улога во унапредувањето на регионалната безбедност.

Придобивки од учеството на Република Македонија во мировни операции и меѓународни единици

Со учеството и придонесот што Република Македонија го дава во изградбата на севкупниот глобален мир, гради сопствен меѓународен углед како сериозен и исполнителен партнер во меѓународната заедница и „извозник на безбедност“.

Учеството во меѓународните мисии во континуитет е двигател за градење и унапредување на севкупните оперативни способности, распоредливи и одржливи сили. Самото учество овозможува практично развивање, надоградување и одржување на распоредливи способности за достигнување на ниво од 50% распоредливи сили, согласно стратешките определби.

Преку учеството на АРМ во мировните и хуманитарните операции се овозможува практична проверка на сопствените планови за обука и обученоста на единиците, како и проверка на степенот на оспособеноста и обученоста на секој поединец за учество во високо ризични операции.

Научените лекции претставуваат големо искуство во планирањето и плановите за обука на единиците на АРМ.

 *      *     *

Покрај придонес со капацитети во меѓународни операции, Република Македонија, во согласност со сопствените стратешките определби за полноправно членство во ЕУ и посветеноста на продлабочување и унапредување на соработката на земјите од регионот, има пријавено придонес со сопствени капацитети во меѓународни единици:

Почнувајќи од 1998 година, Република Македонија има декларирано капацитети во јачина од механизирана пешадиска чета, инженериски вод и штабен персонал во рамките на бригадата на земјите од Југоисточна Европа – СЕЕБРИГ. Бригадата е формирана како резултат на Договорот на министрите за одбрана на земјите од Југоисточна Европа за формирање на мултинационални мировни сили, потпишан во 1998 година во Скопје, Република Македонија. Бригадата е наменета за придонес во меѓународни и хуманитарни операции предводени од НАТО, ЕУ, ОБСЕ и други коалиции. Во 2006 година, штабен персонал од СЕЕБРИГ учествуваше во операцијата ИСАФ во Авганистан.

Во 2012 и 2014 година бевме дел од борбените групи на Европската Унија и ЕУБГ, каде  учествуваме со пешадиска чета, штабен персонал и национален елемент за поддршка. Единиците беа успешно евалуирани и беа во базенот на сили во готовност за реакција на ЕУ во втората половина на 2012 (2012-2) и 2014 (2014-2).

ФИНАНСКИСКИ ТРОШОЦИ ЗА МИСИИТЕ

За мисијата ИСАФ во Авганистан за период 2005-2006 се потрошени околу 2.800.000 американски долари.

За мисијата “Слобода за Ирак” за период 2005-2006 се потрошени околу 5.000.000 американски долари.

Финансиските трошоци за учество во мисии во 2005 и 2006 изнесуваат околу 7.800.000 американски долари.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail