„SABER GUARDIAN 2017“

Започна меѓународната вежба „Saber Guardian 17“ на која АРМ учествува со 71 припадник

 Со свечена церемонија денеска (11 јули) беше отворена меѓународната вежба „Saber Guardian 17“, на која учество зема и Армијата на Република Македонија со 71 припадник, од составите на воената полиција, инженерискиот баталјон, баталјонот за специјални намени, и припадниците на Балканските медицински наменски сили.

 Припадниците на АРМ ќе изведуваат воени задачи заедно со составите на 709-тиот воено полициски баталјон, 2-от Инженериски сквадрон и 30-та медицинска бригада на Вооружените Сили на САД, како и со борбената група за специјални операции под команда на Унгарија.

 Вежбата „Saber Guardian 2017“ е досега најголема мултинационална воена вежба во Црноморскиот регион, организирана и предводена од Армијата на САД во Европа која се изведува на териториите на Унгарија, Романија и Бугарија и на која учествуваат повеќе од 25.000 припадници на вооружените сили од 22 земји членки на НАТО и партнерските земји.

Во продолжение може да видите неколку фотографии од отворањето на вежбата и дел од активностите на воената полиција на АРМ при нивното патување до крајната дестинација, воспоставување на базниот камп во близина на Валчеа, Романија и првичните задачи во патроли и контролни точки согласно зададеното сценарио.

____________________________________________________________________________________________________________________________________________________________________

КРАТКА ИНФОРМАЦИЈА ЗА ВЕЖБОВНИТЕ АКТИВНОСТИ НА АРМ ВО ЈУЛИ/АВГУСТ

„SABER GUARDIAN 2017“

Припадниците на Армијата на Република Македонија овој и наредниот месец ќе бидат дел од две големи вежби со земји-членки на НАТО-Алијансата, од кои едната, „Saber Guardian 2017“ се одржува во Романија, Унгарија и Бугарија, додека другата, „Dragoon Guardian“ ќе се одржи на армискиот полигон „Криволак“ во Република Македонија.

Вежбата „Saber Guardian 2017“ во трите земји се одржува од 23 јуни до 26 јули, а вклучува над 25.000 припадници на вооружените сили на над 20тина земји на НАТО и земји-партнери и претставува најголема вежба во Црноморскиот регион оваа година. Вежбата е организирана и предводена од Армијата на САД во Европа.

Република Македонија во оваа вежба учествува со 71 припадника распоредени во Романија и Унгарија. Дел од оваа вежба ќе бидат припадници на инженерискиот баталјон, Воената полиција, Баталјонот за специјални намени и Балканските медицински наменски сили. Освен основната опрема, во оваа вежба ќе се распоредат и 8 возила „Хамви“ и „Лендровер“. Дел од оваа вежба ќе бидат и 9 припадници на Балканските медицински наменски сили, организација чиј дел е Македонија и чие седиште е сместено во Скопје.

Целта на вежбата е да се покаже подготвеноста на припадниците на земјите – учеснички за одговор на едно поголемо сценарио кое вклучува компјутерски поддржани вежби, теренска обука и вежби со боеви гаѓања.

Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија на оваа вежба гледаат како на начин за подобрување на заедничките процедури и техники на работа со останатите Армии од НАТО. Еден од клучните столбови на современа Армија, како што е Армијата на Република Македонија се и постојаните вежби како начин на одржување и подобрување и зголемување на знаењата и искуствата на припадниците на Армијата. Преку учеството во заеднички вежби припадниците на Армијата ги согледуваат и увежбуваат и процедурите на работа на Армиите на НАТО, што придонесува кон уште поголема интероперабилност при заедничко учество во идни мировни мисии и операции.

Министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска, ќе присуствува и ќе се обрати на испраќањето на припадниците на АРМ во оваа вежба кое е планирано за 06 јули (четврток) – 10.00 часот во касарната „Илинден“ во Скопје, на кое ве повикуваме да присуствувате.

На средината на јули министерката Радмила Шеќеринска со делегација на МО и АРМ ќе присуствува во Романија на Денот на високи гости, а за медиумите ќе биде обезбеден видео материјал и информација за посетата.

„DRAGOON GUARDIAN“

Веднаш по завршувањето на вежбата „Saber Guardian“, припадници на Армијата на Република Македонија и на Европската команда на вооружените сили на САД ќе ја реализираат вежбата „Dragoon Guardian“ која се одржува на најголемиот армиски полигон во Македонија, „Криволак“.

На вежбата учество ќе земат 95 припадници на АРМ од инженерискиот баталјон на Првата механизирана пешадиска бригада и 300 припадници на вооружените сили на САД (од единицата 2.Cavalry Regiment), кои во Република Македонија ќе влезат на 28 јули (од Р.Бугарија) со над 100 моторни возила.

Со реализација на оваа исклучително голема заедничка вежба, се зајакнува билатералната соработка помеѓу Македонија и нашиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави, се подобрува интероперабилноста со САД, а со тоа и НАТО, се разменуваат искуства и знаења од областа на инженерските единици и единиците за изведување на операции, а се влијае и на развојот на меѓусебната доверба и разбирање.

Со цел да се излезе пресрет на медиумскиот интерес, Министерството и Армијата, заедно со Амбасадата на САД планираат неколку активности кои вклучуваат: медиумско покривање на влезот на колоните возила на вооружените сили на САД, кај граничниот премин „Деве Баир“ и фото/видео можност; неколку настани низ градови во Македонија, вклучувајќи го и Скопје каде ќе може да се види опремата на вооружените сили на САД и отворен ден на вежбата, активности за кои ќе бидете дополнително известени.

Повеќе информации на следниот линк: http://www.arm.mil.mk/baza/vezbi/saber_guardian_17.html 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail