Доброволно служење воен рок

И Н Ф О Р М И Р А Њ Е
на граѓаните на Република Македонија за начинот и постапката за доброволно служење на воен рок во Армијата на Република Македонија

Министерството за одбрана, со ова информирање има за цел за да ги информира и запознае граѓаните на Република Македонија за начинот и постапката за доброволно служење на воениот рок во Армијата на Република Македонија (во натамошниот текст:АРМ), и тоа за следното:

Согласно член 62 од Законот за одбрана („Службен весник на РМ“ број 185 од 30.12.2011 година) сите граѓани на Република Македонија кои ги исполнуваат условите за воена служба можат доброволно да се упатат на служење воен рок по наполнување на 18 години, но не подоцна од наполнети 26 години.

За доброволно служење воен рок во АРМ како право се поднесува барање и тоа право го има секој државјанин на Република Македонија од машки и женски пол и за поднесување на истото нема определен рок.

Барањето за доброволно служење на воен рок во АРМ се поднесува лично од страна на граѓанинот до Министерството за одбрана – Одделението за одбрана во местото на живеалиште односно престојувалиште на граѓанинот, односно каде се води во воената евиденција.

Образецот од Барањето за доброволно служење на воен рок во АРМ на Република Македонија може да се подигне од интернет страницата на Mинистерството за одбрана (на крајот од оваа информација), од порталот uslugi.gov.mk како и на шалтерите во Одделенијата за одбрана во Република Македонија.

По приемот на барањата за доброволно служење на воен рок во АРМ поднесени од граѓаните, Одделенијата за одбрана во Република Македонија формираат евиденција а потоа се организира спроведување на лекарски прегледи и психолошки испитувања за утврдување на оценка за способност за воена служба врз основа на план и списоци донесен и усогласен во делот на термините помеѓу Министерството за одбрана и Воено медицинскиот центар-Военолекарска комисија на Министерството за одбрана.

Одделенијата за одбрана во Република Македонија по добивањето планот и списоците со одредени термини за извршување на лекарските прегледи и психолошките испитувања вршат известување, односно повикување на граѓаните кои веќе поднеле барање за извршување на истите на определеното место и термини.

Лекарските прегледи и психолошките испитувања се извршуваат во Воено медицинскиот центар во Скопје и вообичаено траат до 2 (два) дена и од страна на Военолекарската комисија по завршување на истите се донесува наод оценка и мислење за способноста за воена служба и оценката може да биде: „исполнува критериум за воена служба“ или „не исполнува критериум за воена служба“.

По завршувањето на лекарските пргледи и психолошките испитувања граѓаните кои од страна на Военолекарската комисија на Министерството за одбрана се оценети со оценката „исполнува критериум за воена служба“ веќе се кандидати за доброволно служење воен рок и истите се планираат да бидат упатени на доброволно служење на воен рок во АРМ.

Упатувањето на доброволно служење на воен рок во АРМ се врши врз основа на прикажани потреби на Армијата и во случај на надминување на потребниот број во одреден упатен рок, тогаш се применува принципот на редослед на пријавување односно поднесеното барање од страна на граѓаните за доброволно служење воен рок, а останатите граѓани ќе се планираат да бидат упатени во наредниот упатен рок.

Упатувањето на кандидатите на доброволно служење на воен рок во АРМ се врши во три упатни рок (Февруари, Јуни и Октомври) во една календарска година, во времетраење од 3 (три) месеци и се служи во касарната „Алексо Демниевски-Бауман“ во Велес.
Согласно членот 7 од Правилникот за времето и начинот на упатување на граѓаните на отслужување на воениот рок и постапката за прекин на служењето на воениот рок и отпуштање на војниците од АРМ („Службен весник на РМ“ бр.44/2007), кандидатот може да се откаже од служењето на воениот рок, од денот на поднесувањето на барањето до денот на приемот на поканата за упатување на служење на воен рок.

Кандидатот на кој му е врачена поканата за упатување на служење на воен рок, може да се откаже од служењето, најдоцна 10 дена од денот на приемот на поканата.

Кандидатот може да се откаже од служењето на воениот рок со поднесување на лична изјава за откажување.

Се информираат граѓаните на Република Македонија за целосни и навремени информации и одговори на прашања во врска со начинот и постапката за доброволно служење на воен рок во Армијата на Република Македонија може и треба да ги добијат во Одделенијата за одбрана во Република Македонија во местото на живеење.

Со почит,

МИНИСТЕРСТВО ЗА ОДБРАНА

Барање за доброволно служење воен рок во АРМ

Барање за издавање уверение за регулирана воена обврска

Барање за одложување доброволно служење воен рок во АРМ

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail