Состанок на министрите за одбрана на САД – Јадранската повелба

Baner_Ohrid-

[/tab]

СОСТАНОК НА МИНИСТРИТЕ ЗА ОДБРАНА НА САД-ЈАДРАНСКАТА ПОВЕЛБА
„ИНТЕГРАЦИЈАТА Е ЦЕЛТА, СОРАБОТКАТА Е НАЧИНОТ“
1 ДЕКЕМВРИ 2017 ГОДИНА • ОХРИД, РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

••• КОРИСНИ ИНФОРМАЦИИ ЗА МЕДИУМИТЕ •••

ОСНОВНИ ИНФОРМАЦИИ

Република Македонија ќе биде домаќин на претстојниот состанок на министри за одбрана на САД – Јадранската повелба која ќе се одржи на 01.12.2017 година во Охрид.

На состанок ќе присуствува Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, министри за одбрана или официјални претставници на САД, на земјите членки, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Македонија и Црна Гора, како и министерот за одбрана на Бугарија, и министрите за одбрана или официјални претставници на земјите набљудувачи, Косово*, Србија и Словенија.

За време на состанокот ќе се дискутира за регионалните проекти, можноста за унапредување на регионална одбранбена соработка преку други форми на соработка, за заедничкиот придонес во операцијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан и актуелната безбедноста состојба со која се соочува регионот. Учесниците ќе разговараат и за можностите за унапредување и зајакнување на родовата перспектива во министерствата за одбрана и вооружените сили.

КРАТОК ПРЕГЛЕД И БЕЗБЕДНОСТ

Состанокот ќе се одржи во х. „Метропол“ – Охрид, Република Македонија.

За влез и присуство на настанот, сите медиуми ќе мора да поседуваат акредитација издадена пред почеток на настанот, без оглед на нивната официјална легитимација.

Одобрувањето на акредитацијата за медиумите ќе овозможи пристап до просториите означени за медиумите, како и присуство на активности на настанот, но не гарантира пристап до одредени настани.

АКРЕДИТАЦИИ И ПРИСТАП

Сите претставници на медиумите кои ќе известуваат за настанот од лице место, мора да аплицираат за акредитација, не подоцна од среда, 29 ноември 2017 година, до 14:00 часот.

Формуларот за акредитација може да го преземат тука.

Пополнетиот формулар потребно е да го испратите на следната e-mail адреса: A5DefMinOhrid@morm.gov.mk

АГЕНДА И МОЖНОСТИ ЗА МЕДИУМСКО ПОКРИВАЊЕ

Претставниците на медиумите ќе можат да ги следат следните активности:

1. Официјално отворање на Конференцијата
- обраќање на Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска;
- обраќање на Премиерот Зоран Заев;
- обраќање на в.д. заменик-помошник секретар за одбрана на САД, Лора Купер;
- обраќање на Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО, морнаричкиот капетан Горазд Бартол
2. Кратки инсерти од работниот состанок
3. Снимање на потпишувањето на Заедничката изјава
4. Прес-изјавa по потпишувањето на Заедничката изјава

МНОГУ ВАЖНО!

Дополнителни изјави и барања за интервјуа со шефовите на делегации потребно е да се достават на следнава e-mail адреса најдоцна до 29.11.2017 година, 14.00 часот: A5DefMinOhrid@morm.gov.mk

ПРЕС- ЦЕНТАР

За потребите на медиумите, на 01.12 во х. „Метропол“ во функција ќе биде прес-центар со компјутери и интернет врска (LAN и wi-fi) каде претставниците на медиумите ќе имаат можност навремено да известуваат. За претставниците на медиумите обезбеден е и прес – корнер за дополнителна изјава или стенд-ап.

Изјави во живо се можни, но со претходна најава и во согласност со Агендата на Конференцијата. За сите потреби од овој тип ве молиме да доставите барање во најбрз можен рок, но не подоцна од 29 ноември 2017 година, до 14:00 часот, на A5DefMinOhrid@morm.gov.mk

СМЕСТУВАЊЕ И ТРАНСПОРТ

За претставниците на медиумите во и надвор од Република Македонија ќе се организираат две опции за транспорт:

1. транспорт од пред Министерството за одбрана во Скопје до х. „Метропол“ – Охрид и назад на денот на Конференцијата (01.12.2017 година). Тргнувањето од пред МО е во 06.00 часот.
2. Министерството обезбедува и спиење во х. „Метропол“ ноќта на 30.11.2017 година, во согласност со барањата и потребите на медиумот.

Во однос на сместувањето и транспортот ве молиме да ги испратите Вашите побарувања најдоцна до 29.11.2017, 14.00 часот на следната e-mail адреса: A5DefMinOhrid@morm.gov.mk

За медиумите од Охрид и оние кои до х.„Метропол“ ќе патуваат со сопствено возило, Ве молиме да пристигнете најдоцна до 08.30 часот, со цел запазување на процедурите за влез.

КОНТАКТ

Сите дополнителни прашања и барања ве молиме обратете се на следните контакт телефони и e-mail адреси:

Лидија Јанчовска – Христова
+38970327822
lidija.jancovska@morm.gov.mk

Иван Петрушевски
+38970403047
ivan.petrusevski@morm.gov.mk

A5DefMinOhrid@morm.gov.mk

ДОПОЛНИТЕЛНИ ИНФОРМАЦИИ
КОНЦЕПТ НА МИНИСТЕРСКИОТ СОСТАНОК

„Интеграцијата е целта, соработката е начинот“

 

САД- Јадранската Повелба е форум кој  поттикнува заеднички и координирани напори за што побрзо исполнување на критериумите и стандардите на НАТО и развој на активности насочени кон унапредување на меѓусебната соработка и градење на мирот, демократијата, стабилноста и просперитетот во Регионот.

Министерската конференција ја илустрира континуираната соработка на највисоко ниво во областа на одбраната меѓу земјите од САД – Јадранската Повелба и земјите набљудувачи. Примарната цел на Конференцијата е да го поттикне дијалогот и размената на мислења за унапредување на регионалната соработка, зајакнување на националните и регионалните капацитети и заедничкиот придонес во меѓународни операции.

За време на конференцијата, се очекува учесниците да развијат отворена дискусија за регионалните проекти и други форми на регионална одбранбена соработка, подетално да се осврнат на заедничкиот придонес во операцијата Одлучна поддршка во Авганистан, како и да разменат мислења за актуелната безбедносна состојба и предизвици со кои се соочува регионот.

Можностите за унапредување и зајакнување на родовата перспектива во Министерствата за одбрана и вооружените сили, како и родовата перспектива во операциите за поддршка на мирот, ќе бидат дискутирани како дел од Конференцијата.

Потенцијалот за поинклузивен пристап во секторот на безбедноста во однос на родовите перспективи ќе овозможи зајакнато лидерство, размена на искуства и научени лекции, создавање на заеднички способности и капацитети, оперативна ефективност и ефикасност во мировни операции и справување со современи безбедносни предизвици.

Овој настан претставува одлична прилика за реафирмација и конкретна поддршка од сите земји на намерите и заложбите на Република Македонија за постигнување на полноправно членство во НАТО. Република Македонија и нејзината евроатлантска иднина се од суштинско значење за целокупната регионална стабилност.

ИСТОРИЈАТ НА САД-ЈАДРАНСКАТА ПОВЕЛБА

На иницијатива на Република Македонија, во рамките на Самитот на НАТО / ЕАПС во Прага (23.11.2002), беа одржани средби на Претседателите и министрите за надворешни работи на Македонија, Албанија и Хрватска, каде што беше промовирана и прифатена иницијативата, неформално наречена Охридско – Јадранска.

Целта на оваа иницијатива е заеднички и координирани активности за што побрзо исполнување на критериумите и стандардите за членство во НАТО, преземање на заеднички активности за унапредување на соработката во ЈИЕ и развој на активности насочени кон градење мир, демократија, стабилност и просперитет во Регионот.

Соработката во областа на одбраната во А-3 контекст, започна по потпишувањето на Повелбата за партнерство помеѓу САД, Албанија, Хрватска и Македонија, во Тирана, на 02 мај 2003 г., од страна на Министрите за надворешни работи на трите земји.

Во рамките на македонското претседавање со Јадранската повелба, на маргините на 63-то Генерално Собрание на ОН, одржано на 25 септември 2008 год. во Њујорк беше донесена одлука за упатување покана за членство во Јадранската група на Црна Гора и Босна и Херцеговина, како поттик и средство за нивното забрзано движење по патот на евро-атлантските интеграции. Полноправното членство на ЦГ и БиХ беше формализирано на маргините на министерската конференција на ОБСЕ, која се одржа на 4-5 декември 2008 година во Хелсинки.

Во јануари 2009 г. за прв пат беше усогласен Партнерски План за имплементација на САД – Јадранската Повелба во нов формат (А-5), во кој беа вклучени и новите земји-членки на групата: Црна Гора и Босна и Херцеговина.

Јадранската Повелба базира на заедничката визија за стабилност во ЈИЕ и полноправно членство во Евро – атлантските интеграции. Всушност, основната идеја на Повелбата е интензивирање на меѓусебната соработка помеѓу Албанија, Хрватска, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, под покровителство на САД и полноправно членство во НАТО. Потписничките на Повелбата ја потврдија нивната определба за заедничка соработка низ зајакнување на демократските реформи, почитувањето на човековите права, економските реформи, како и воспоставување на стабилност и безбедност во Регионот, што заедно со основната цел – целосна евро/атлантска интеграција, ги претставуваат основните принципи на партнерство. Имајќи ја предвид основната цел на иницијативата, Албанија и Хрватска во 2008 година и Црна Гора во 2017 година постанаа рамноправни членки на НАТО.

Во рамките на САД- Јадранската Повелба беа реализирани и се реализираат следниве проекти од нивното иницирање:

  1. Распоредување на Комбинираниот медицински тим во мисијата ИСАФ во Авганистан во август 2005 – јули 2009 г. (успешно завршен заеднички проект, заклучно со 8-та ротација),
  2. Отварање на Регионалниот тренинг центар за комуникации во Скопје, во ноември 2005, кој од  25 јуни 2013 г. официјално стана 25-ти центар во мрежата на Партнерски центри за обука и едукација на НАТО.
  3. На 1 септември 2011 г. согласно иницијативата на САД и Хрватска беа упатени припадници на вооружените сили на членките на САД-Јадранската Повелба (А-5) како менторски персонал во рамките на Школото на Воената Полиција на Авганистанската национална армија (ANA) во Кабул (завршен мандат март 2013). МО, односно АРМ придонесе во рамките на Школото за воена полиција со вкупно 12 офицери и подофицери
  4. Заедничко учество во мисијата Одлучна поддршка (Resolute Support) во Авганистан. Во март 2015 г. Република Македонија упати еден офицер во рамките на контингентот во А5 формат, во Оперативниот центар во Мазар-е Шариф.
  5. Реализација на Мултинационалната иницијатива на НАТО за Балкански регионален пристап кон против-воздушна одбрана (BRAAD – Balkan Regional Approach to Air Defence),
  6. Формирање базен на експерти од поедини области со што секоја земја ќе може да ги координира и побарува експертиза на регионален принцип.

Република Македонија во 2017 година претседава со Иницијативата. Министерката за одбрана на Република Македонија ќе биде домаќин на Конференцијата на ниво на министри за одбрана која ќе се одржи на 1 декември во Охрид. Началникот на Генералштабот на Армијата на Република Македонија беше домаќин на 21-та Конференција на Началници на Генералштабовите на земјите членки на А-5 која се одржа од 08-10 ноември 2017 година во Скопје. Во рамките на иницијативата на Армискиот полигон Криволак од 22-25 септември 2017 година се одржа вежбата „Joint Reaction“.

Министерство за одбрана на Република Македонија
Сектор за комуникации, аналитика и оперативна поддршка
Одделение за медиа и мултимедијална работа
20 Ноември, 2017

[1] * Оваа ознака не го прејудицира статусот и е во согласност со Резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации 1244 и Мислењето на меѓународниот суд на правдата за декларацијата за независност на Косово

Ucesnici A5-mk
Microsoft Word - AGENDA ?? ??? - ??.docx

Овде може да го преземете формуларот за акредитирање, истиот да го пополните и да го доставите на следниов меил: A5DefMinOhrid@morm.gov.mk не подоцна од среда, 29 ноември 2017 година, до 14:00 часот.

Формулар.pdf

Започна Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба во Охрид

Со поздравни обраќања од министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, премиерот Зоран Заев, в.д. заменик-помошникот на секретарот за одбрана на САД, Лора Купер и шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, капетанот Горазд Бартол, денеска во Охрид и официјално започна Министерскиот состанок на САД – Јадранската повелба со мото „Интеграцијата е целта, соработката е начинот“.

Пред четиринаесет години, со помош на нашите американски пријатели заеднички го започнавме патувањето што значеше интеграција во НАТО и тој процес сè уште трае, порача министерката за одбрана пред шефовите на делегациите на САД, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Бугарија, Словенија, Србија, Косово и НАТО.

„И покрај сите предизвици, можеме да кажеме дека Иницијативата е успешна, но не е завршена. Нашите пријатели, Албанија и Хрватска во 2008 година ја добија официјалната покана за членство во НАТО и се полноправни членки на Алијансата“, рече министерката. Додаде дека истата година БиХ и Црна Гора и се придружија на САД-Јадранската повелба, а Црна Гора од неодамна е и дел од НАТО.

Министерката се осврна на стратешката цел на државата – членството во НАТО, за што порача дека е клучен приоритет, и гаранција за регионалната безбедност, стабилност и развој. „На остварувањето на таа цел мора сите да работиме заедно и посветено. Сакам да подвлечам дека не бараме тоа членство да го добиеме како подарок, ниту тоа е стекнато право, туку да биде резултат на посветеност, исполнети критериуми и обезбедена домашна и политичка стабилност“, рече Шекеринска и додаде дека Македонија ќе покаже резултати и ќе докаже дека заслужува да стане 30. земја-членка на НАТО.

Премиерот Зоран Заев истакна дека Јадранската повелба беше причина за достигнување на стандардите и критериумите за членство во Алијансата. Додаде дека по чинот на недобивање на покана за членство, Македонија беше втурната во ретроградни политички процеси кои кулминираа со најтешката политичка криза во земјата досега, но и дека со помош на демократските сили и слободоумните граѓани, Македонија се издигна над кризата и продолжи да верува дека евроатлантските интеграции и регионалната соработка, се неопходни за долгорочна стабилност на регионот и целиот континент.

„Денеска Република Македонија стабилно и енергично чекори напред. Силно сме посветени на домашните реформи кои ја унапредуваат и зајакнуваат нашата демократија, за да бидеме во склад со политичките критериуми за членство во НАТО. Го зголемивме буџетот за одбраната и имаме одлучна политичка волја тој да се зголемува секоја година за 0,2% од БДП. Исто така одлучивме да го зголемиме нашето учество во мировните мисии“, рече премиерот.

Лора Купер, в.д. заменик-помошник на секретарот за одбрана на САД истакна дека А5 е уникатна можност за продлабочување на соработката меѓу сојузниците и партнерите во регионот и дека игра водечка улога во доближувањето на Западниот Балкан во унија со Европа и НАТО. Таа потсети на посетата на заменик-претседателот Пенс на Самитот во Црна Гора, која покажува дека САД-Јадранската повелба ја исполнува својата намена, доближувајќи ги земјите од Западниот Балкан до НАТО-Алијансата.

„Сега Црна Гора и останатите регионални сојузници, Албанија, Хрватска и Словенија можат да го споделат искуството со другите А5 земји –аспиранти за членство во НАТО, вклучувајќи го нашиот домаќин Македонија како и Босна и Херцеговина кои се на патот кон евроатлантска интеграција. Се надевам дека ќе ја искористиме денешната дискусија да ги развиеме нашите и без тоа силни билатерални и регионални односи. Заедно со сите сојузници и учесници на денешниот министерски состанок нашата цел е да ја зајакнеме безбедноста на Западниот Балкан, да ја унапредиме интеграцијата во НАТО и да придонесеме кон колективната безбедност на Европа“, рече Купер.

Шефот на Канцеларијата за врски на НАТО во Скопје, морнаричкиот капетан Горазд Бартол се осврна на вредноста на САД – Јадранската повелба која како што рече почива на најважните принципи на Алијансата – солидарноста и колективната одбрана, а зборуваше и за посветеноста на Македонија кон нејзината стратешка цел – членството во НАТО.

„Со амбициозната реформска агенда на Владата и нашата одлична соработка со министерката Шекеринска, како што ние ја нарекуваме „нашиот министер за НАТО“, веруваме дека сте сè поблиску до стратешкиот приоритет на вашата земја да станете 30. земја-членка на Алијансата“, рече Бартол.

Министерскиот состанок продолжува со пленарната сесија на шефовите на делегации на САД-Јадранската повелба, и земјите гости и набљудувачи, по што ќе се потпише и Заедничката изјава.

*   *    *   *    *     *    *     *     *      *      *

Порака од потпишаната Заедничката изјава на земјите од групата А5:  Недвосмислена поддршка за целосна интеграција во НАТО како предуслов за стабилност и безбедност

 Шефовите на делегациите на САД-Јадранската повелба, предводени од претседавачот и домаќин на состанокот, министерката Шекеринска денеска ја потпишаа Заедничката изјава.

„На денешниот пленарен состанок сите земји ја потврдивме нашата одлучност да чекориме на патот до целосна интеграција на овој регион во рамките на евроатлантската заедница. Само така ќе можеме да ја зачуваме безбедноста, стабилноста и просперитетот на овој регион“, рече министерката Шекеринска по потпишувањето.

Шекеринска истакна дека Република Македонија е одлучна да стане 30. Земја-членка на НАТО и земјите од САД-Јадранската повелба тоа целосно го поддржуваат.

„Еден од заклучоците од состанокот е недвосмислената поддршка за Република Македонија во стекнување на полноправното членство во НАТО.  Го поздравивме и придонесот на Босна и Херцеговина во операциите на НАТО и нејзината посветеност на регионалниот дијалог, соработката и безбедноста“, истакна Шекеринска.

Министерката рече дека земјите-членки на А5 во Заедничката изјава ја потврдија важната улога на САД, Хрватска, Црна Гора и Албанија како полноправни членки на НАТО, во поддршката на останатите земји-аспиранти.

Во контекст на учеството во мировни мисии, министерката рече дека земјите од А5 ќе продолжат заеднички да придонесуваат кон глобалниот мир и стабилност. „Ги нотиравме националните одлуки за зголемено учество во мисијата „Одлучна поддршка“ и изразивме подготвеност да разгледаме други можности за заедничко учество во други активности на НАТО, согласно потребите на Алијансата и нашите можности“, додаде министерката.

Дел од Заедничката изјава е и позитивниот став на земјите од А5 околу иницијативата на Македонија, за родовата перспектива во поширок безбедносен контекст, а поздравени се и амбициите на Македонија да има водечка улога во нејзината имплементација.

Како заклучок од успешно реализираниот Министерски состанок, министерката Шекеринска рече дека во минатото регионот многу пати знаеше да биде предизвик за Европа, но дека земјите нема да дозволат историјата да се повтори. „Оваа значајна иницијатива, меѓусебните контакти, довербата покажуваат дека нашиот пристап се менува. Нашите дела покажуваат дека регионалната соработка не е само фраза, таа е реалност. Се надеваме и сме цврсто посветени сите наши земји да бидат дел од НАТО и со тоа да проектираме стабилност, безбедност и просперитет.

Претседателствувањето со САД-Јадранската повелба од идната година го превзема Црна Гора

Контакт за претставници на медиумите:

Лидија Јанчовска – Христова

+38970327822

lidija.jancovska@morm.gov.mk

Иван Петрушевски

+38971403047

ivan.petrusevski@morm.gov.mk

A5DefMinOhrid@morm.gov.mk

Локација:

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail