Одбележување на петогодишен јубилеј

Петгодишниот јубилеј од формирањето и Денот на АРМ беа повод за одржување на централната манифестација на 18 август 1997 година во најголемата касарна “Илинден” во Скопје. Во присуство на највисоките државни и воени претставници, многубројни гости од дипломатскиот кор и политичкиот и јавниот живот во државата, како и пред неколку илјади граѓани, манифестацијата на одбележувањето ја отвори министерот за одбрана д-р Лазар Китаноски, а пред присутните говореше претседателот на Републиката и Врховен командант на вооружените сили на Република Македонија, Киро Глигоров.

Согласно трансформацијата на АРМ според стандардите на армиите од Алијансата, свеченоста беше пригода и за промоција на првите бригадни генерали, како и на поручниците за службите во АРМ. Како и што доликува, свеченоста го имаше најатрактивниот дел во дефилирањето на воените ешалони од сите родови и видови на АРМ. При тоа, како уште еден чекор кон приближувањето на нашата армија до стандардите на НАТО, беше промовиран предлогот за новиот параден чекор во АРМ. Манифестацијата заврши со потпишувањето на свечената обврска од страна на регрутите од јулскиот контингент.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail