Министер за одбрана на Република Македонија

РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА

MO_ShekerinskaРадмила Шекеринска е избрана за Министер за одбрана на Република Македонија. Таа ги претставуваше граѓаните во највисокиот законодавен дом во тек на четири мандати (1998-2002, 2006-2008, 2008-2011 и 2011-2014). Раководеше со Националниот совет за европски интеграции од неговото основање до 2014 година. Беше член на повеќе комисии: Комисија за надворешни работи, Комисија за труд и социјална политика, Комисија за европски прашања, Комисија за млади и животна средина и Комисија за образование. Воедно, учествуваше во делегациите на Собранието за соработка со Европскиот парламент, Интерпарламентарна унија и други билатерални делегации.

Во 2002 година до 2006 година беше Заменик претседател на Владата на Република Македонија задолжен за европска интеграција и координатор за странска помош. Во тоа својство, ја подготвуваше кандидатурата на Република Македонија за членство во Европската унија и го раководеше процесот на внатрешни подготовки за обезбедување на кандидатскиот статус. За време на нејзиниот мандат, Република Македонија го доби статусот на земја кандидат за членство во Европската унија.

Во 2009 и 2012 година, Шекеринска беше избрана за Шеф на набљудувачките мисии на ОБСЕ/ОДИХР за претседателските и парламентарлни избори во Киргистан и во Ерменија.

Шекеринска е добитник на наградата Млад глобален лидер, која ја доделува Светскиот економски форум. Наградата беше доделена за нејзиниот ангажман и посветеност на полето на европските интеграции на Западниот Балкан.

Радмила Шекеринска е член на групата Munich Young Leaders формирана во рамките на Минхенската конференција за безбедност (Munich Security Conference). Беше членка на Европскиот Стратешки Форум, на Советодавниот одбор на проектот Schengen White List  и на Советот на Institute for Cultural Diplomacy.

Радмила Шекеринска беше претседател на СДСМ од 2006 до 2008 година. Таа е единствената жена која досега раководела со една од големите политички партии во Република Македонија.

Во 2008 година беше избрана за еден од потпретседателите на Социјалистичката интернационала (СИ), функција што ја обавуваше до 2011 година. Член е на Претседателството на Партијата на европски социјалисти (ПЕС) која ги обединува социјалдемократските, социјалистички и лабуристички партии во Европа.

Радмила Шекеринска е магистер по меѓународни односи на Флечер школата за право и дипломатија на Универзитетот Тафтс во САД. Дипломирала на Електротехничкиот факултет при Универзитетот Св.Кирил и Методиј во Скопје. На почетокот на својата работна кариера, работела како асистент на Електротехничкиот факултет и на Воената академија во Скопје.

Зборува англиски и француски јазик.

 

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail