НАТО кандидатура

Македонија на Вашингтонскиот самит стана кандидат за полноправно членство во НАТО

“За НАТО, 21-от век започнува денес”
Од официјалното известување на Вашингтонскиот самит.

Од 23 до 25 Април 1999, по повод 50 годишнината од своето постоење, НАТО го одржа 15-ти Самит во Вашингтон. Самитот се одржа во мошне исклучителен момент за НАТО кога се испреплетија прославата на 50-от роденден со воздушната кампања преземена заради воспоставување мир на Косово, во Федеративна Република Југославија. Иако фокусот на Самитот беше воглавно кризата на Косово, НАТО-лидерите во Вашингтон, исто така, разгледаа и други програми и достигнувања со долгорочни импликации за Алијансата.

На Вашингтонскиот самит беше исполнето ветувањето дадено пред две години во Мадрид, (јули 1997) кога, Алијансата им понуди на Чешка, Унгарија и на Полска да отпочнат преговори за прием и вети дека вратата ќе остане отворена и за другите земји. Во Вашингтон, лидерите на овие три земји се здобија со свое место и за првпат учествуваа на работната маса на Самитот, а Алијансата поведе иницијатива да им помогне на преостанатите заинтересирани земји да се подготват за идно можно членство. “Трите нови членки нема да бидат и последни,” изјавија лидерите на Алијансата во Официјалното Комунике на Вашингтонскиот самит.

Во Мадрид, НАТО-лидерите се заложија за зајакнување на програмата Партнерство за мир (ПзМ) и на целокупните активности за партнерство на Алијансата; во Вашингтон, лидерите заклучија дека е направен напредок во овој правец и прифатија нови иницијативи чија цел е да се продолжи работата. Во Мадрид, лидерите на Алијансата побараа преиспитување на Стратешкиот концепт (кој е всушност план на задачите кои треба да ги исполни Алијансата и на средствата за нивно исполнување); во Вашингтон беше одобрен нов Стратешки концепт, кој ја одразува изменетата Евроатлантска безбедносна слика на крајот од 20-тиот век. Во Мадрид, НАТО и Украина потпишаа Повелба за посебно партнерство ; во Вашингтон НАТО-лидерите и украинскиот Претседател ја одржаа нивната прва самитска средба и го подвлекоа значењето на Украина за Евроaтлантската безбедност и стабилност.

Работата на Вашингтонскиот самит е опфатена во целокупната документација на Самитот, но на најјасен начин во Официјалното комунике и во Стратешкиот концепт. Официјалното комунике ги опфаќа во еден документ главните теми на Самитот и на Алијансата во овој клучен период во нејзината историја. Стратешкиот концепт ја подготвува Алијансата за безбедносните предизвици и способности за 21-от век и ги дава основните насоки на нејзиниот иден политички и воен развој.

Конкретните достигнувања на Самитот – во форма на решенија и програми – ја поставија основата за влез на Алијансата во 21 век. Заклучувајќи дека Евроатлантскиот безбедносен контекст драстично се измени во последниве десет години, Стратешкиот концепт исто така укажува на можноста за “појава на нови комплексни ризици за Евроатлантскиот мир и за стабилноста, вклучувајќи угнетување, меѓуетнички конфликти, економска криза, колапс на политичкото уредување и ширење на оружјето за масовно уништување.” Овој документ ги најавува целите и задачите на Алијансата во иднина и ја одразува решеноста на земјите – членки на Алијансата да одржат “соодветна воена оспособеност и јасна подготвеност за колективно дејствување во својата заедничка одбрана….”

Една од важните карактеристики на воената преобразба на НАТО е развивањето на Европскиот безбедносен и одбранбен идентитет (European Security and Defence Identity – ESDI) во рамките на Алијансата. На Вашингтонскиот самит, резимирајќи го Самитот, лидерите на Алијансата го поздравија постигнатиот напредок на тоа поле и повикаа на понатамошните напори со цел ESDI да стане реалност. НАТО исто така ја лансираше таканаречената Иницијатива за одбранбени способности (Defence Capabilities Initiative – DCI), чија цел е да им се помогне на воените сили на Алијансата да бидат во поголема мера мобилни, интероперативни, издржливи и ефикасни. На сличен начин Алијансата воведе промени во интегрираната структура на воената команда како одраз на изменетиот безбедносен контекст. Овие промени ќе му овозможат на НАТО да ги врши своите операции на поефикасен начин.

Официјалното Комунике od Вашингтонскиот самит даде скица nа една нова иницијатива на Алијансата во врска со Оружјето за масовно уништување (WMD). Главната цел на НАТО по прашањето за ова оружје e да “се спречи неговото ширење, а доколку дојде до тоа, да се запре по дипломатски пат.” За да може да одговори поефикасно на проблемот со ширењето на ова оружје, НАТО го создаде WMD Центарот во рамките на Меѓународниот оддел во Седиштето на НАТО. Овој Центар ќе координира интегриран воено-политички пристап кон следниве задачи: поттикнување на дебатата и разбирање на проблемот со оружјето за масовно уништување во НАТО; зајакнување на постојните програми за зголемување на воената подготвеност за дејствување во контекстот на оружјето за масовно уништување; и подобрување на размената на информации од програмите за помош при уништување на оружјето за масовно уништување меѓу сојузничките земји.

Поздравувајќи ги трите нови членки на нивниот прв Самит, лидерите на НАТО подвлекоа дека вратата треба да остане отворена и за други земји. Акциониот план за членство (АПЧ), кој е “практичен израз за Отворената порта”, беше претставен на Самитот. АПЧ е програма на активности од кои заинтересираните земји можат да избераат, во зависност од државните одлуки и по принципот слободен избор. Програмата покрива пет области: политички и економски прашања, одбранбени и воени прашања, ресурси, безбедност и правни прашања. НАТО подвлече дека оваа програма не треба да се смета како листа на критериуми за членство и дека активното учество во ПзМ и во ЕАПС останува суштинско за земјите кои се заинтересирани за можно идно членство. Алијансата го подвлекува фактот дека одлуката за членство ќе биде донесена по испитувањете на секој случај посебно, што е во согласност со Декларацијата од Мадридскиот самит и Декларацијата од Вашингтонскиот самит.

По самитската средба на Северноатлантскиот Совет, и лидерите или претставниците на земјите од Евроатлантскиот партнерски совет (Euro-Atlantic Partnership Council) се состанаа во Вашингтон. Лидерите на ЕАПС разговараа за ситуацијата на Косово и ја изразија нивната поддршка за барањата на меѓународната заедница и нивното згрозување од политиката на насилство, угнетување и етничко чистење кои на Косово ги спроведуваа органите на власта на Сојузна Република Југославија. Лидерите ја искажаа нивната поддршка за безбедност на широк план и за напорите на економско поле и на полето на подигнување на демократијата во регионот на Југоисточна Европа. Тие исто така го одобрија извештајот наречен “Кон партнерство за 21 век – Зајакнато и пооперативно партнерство”, чија цел е да ја усоврши способноста на Алијансата и на силите на земјите членки на програмата ПзМ за идни заеднички операции.

Иако Русија одби да учествува на Вашингтонскиот самит заради настаните во Југославија, НАТО-лидерите преку официјалното известување од Вашингтонскиот самит ја потврдија нивната заложба за партнерство со Русија преку Основачкиот акт НАТО-Русија (NATO-Russia Founding Act). Тие исто така го подвлекоа фактот дека блиските односи меѓу НАТО и Русија се од заедничка корист и од големo значење за стабилноста и безбедноста во Евро-Атлантското подрачје.

НАТО-лидерите го имаа, исто така, и нивниот прв самит на кој учествуваше и претседателот на Украина. И двете страни го поздравија напредокот со нивното Посебно партнерство и разговараа за голем број прашања од полето на евроатлантската безбедност.

Официјалното Комунике од Вашингтонскиот самит го реафирмира знаењето на Медитеранскиот дијалог на НАТО како составен дел од кооперативниот приод на Алијансата кон безбедноста. НАТО-лидерите посочија дека Алијансата треба да се стреми кон брзо издигање на повисоко ниво на политичката и практична соработка, иницирана со Дијалогот.

Достигнувањата на Вашингтонскиот самит беа едновремено, од практична и идејна природа, плод на повеќегодишна работа. Исто така, беа и одраз на непосредните приоритети на земјите членки на НАТО, а пред се итната потреба да се дојде до крај на косовскиот конфликт и да се возобноват правата на населението на Косово. Тие покажаа дека НАТО е сојуз кој успеа да се приспособи на менливите времиња и се покажа подготвен да ги пречека идните предизвици на новиот век.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail