Акционен план

Донесувањето на Акциониот план за членство (АПЧ) во април 1999 им помогна на земјите-аспиранти за членство во НАТО да ги зајакнат и да ги фокусираат нивните подготовки за достигнување на целите и на приоритетите зацртани со Планот.

Реализирањето на АПЧ престана да биде прашање кое ќе го разгледуваат само министрите за надворешни работи и за одбрана. Со воспоставувањето меѓуминистерски средби на државно ниво, исполнувањето на целите зацртани со Планот ги зголеми активностите на другите министерства преку координирани и систематски залагања.

Заложба за преиспитување на процесот во 2002

На Вашингтонскиот самит на НАТО во април 1999, лидерите на сојузничките земји се обврзаа дека Чешка, Унгарија и Полска нема да бидат последни нови земји кои ќе му се придружат на НАТО и соопштија дека процесот на проширување треба да се преиспита во 2002.

На Вашингтонскиот Самит тие исто така го донесоа Акциониот план за членство. Деветте земји кои ја искажаа нивната заинтересираност за членство во НАТО и кои учествуваат во овој план се: Албанија, Бугарија, Естонија, Летонија, Литванија, Романија, Словачка, Словенија и поранешната jугословенска Република Македонија (1) .

Акциониот план за членство и дава суштина на заложбата на НАТО да ја остави својата врата отворена. Сепак, членството во АПЧ не е гаранција за идното зачленување во НАТО, ниту пак Планот е едноставна листа на задачи кои земјите кандитати треба да ги исполнат. Одлуката да им се понуди на кандитатите да отпочнат преговори за членство ќе биде донесена од раководните органи на НАТО со консензус и по испитувањето на секој случај посебно.

Како функционира планот?

Со АПЧ на земјите кандитати им се нудат конкретни информации и совети од НАТО во врска со сопствените подготовки насочени кон достигање на идното членство. Планот нуди голем број активности чија цел е да се зајакне кандидатурата на сите заинтересирани земји. АПЧ не е замена за програмата Партнерство за мир (ПзМ). Учеството на земјите кандидати во програмата ПзМ и нејзиниот Процес за преглед и планирање (ПАРП) се приспособени кон нивните потреби. Целосното учество во ПзМ/ПАРП е од суштинско значење за земјите кандидати затоа што ја развива нивната интероперативност со НАТО – силите и ги подготвува нивните воени структури и капацитети за можното идно членство.

Како и во случајот на ПзМ програмата, АПЧ се води по принципот na слободен избор : земјите-аспиранти можат непречено да изберат елементи од АПЧ според нивните национални приоритети и околности. Сите земји-аспиранти поднесоа Национална годишна програма за подготовките за можното членство, во која се опфатени политичките, економските, воено-одбранбените, ресурсните, безбедносните и правните прашања. Тие ги зацртуваат нивните цели, задачи и работни планови. Земјите – членки мораат да ги ажурираат овие програми секоја година, но тие можат да се сменат и во кој било друг момент.

НАТО го следи напредокот кој го постигнал секој аспирант посебно и нуди политички и технички совети. Секоја пролет се одржува состанок на Северноатлантскиот совет со секој од аспирантите, при што се разменуваат мислења за постигнатиот напредок. Преку целата година се одржуваат средби и работни состаноци со цивилни и со воени специјалисти од НАТО со различна тематика, што е можност за разгледување на цел спектар прашања во врска со членството. На редовните пролетни состаноци што НАТО министрите за надворешни работи и за одбрана ги одржуваат секоја година ќе им биде претставен годишен извештај за напредувањето на активностите од АПЧ.

Широк спектар на прашања опфатени со планот

Од земјите – аспиранти се бара да исполнат одредени цели на политичко и на економско поле. Ова подразбира решавање на сите меѓународни, етнички или надворешнотериторијални спорови на мирен начин; демонстрација на заложбата за правно владеење и за почитување на човековите права; воспоставување демократска контрола на воените сили; и промовирање на стабилноста и благосостојбата преку економска слобода, социјална правда и еколошка одговорност.

Воените и одбранбените прашања се концентрирани врз способноста на земјата да даде придонес за заедничка одбрана и за новите мисии на Алијансата. Целосното учество во ПзМ е суштински елемент. Преку своите ПзМ програми, земјите- аспиранти можат да се концентрираат врз суштинските прашања во врска со членството. Партнерските цели за земјите кандидати подразбираат програмски задачи кои ги покриваат оние домени кои се најрелевантни за кандидатите за зачленување во НАТО.

Ресурсните прашања се насочени кон потребата на секоја земја- аспирант да се здобие со доволнo капацитети за одбрана кои ќе и овозможат да одговори на обврските кои би произлегле од идното членство заради заедничките потфати во рамките на НАТО.

Безбедносните проблеми се концентрирани врз потребата земјите-аспиранти да ја контролираат добрата поставеност на процедурите неопходни за зачувување на доверливите информации.

Правниот аспект се однесува на неопходната проверка од страна на сите земји- аспиранти дека правните спогодби и договори склучени во рамките на соработката со НАТО се во согласност со домашните прописи.

Политиката на Отворени порти на НАТО

Политиката на Отворени порти на НАТО е содржана во Северноатлантскиот договор : “Страните можат, со едногласно прифаќање на одлуката, да и понудат на која било друга европска земја која може да ги унапреди принципите на овој договор и да придонесе за безбедноста на Северноатлантското подрачје да пристапи кон овој Договор. (….)” Член 10, Северноатлантски договор, Вашингтон, 4 април 1949.

Од неговото основање, НАТО прими други нови членки. Грција и Турција му се приклучија во 1952, Сојузна Република Германија во 1955 и Шпанија во 1982.
Во раните деведесетти години стана очигледно дека поделеноста на Европа ќе трае и понатаму ако на земјите од Централна и од Источна Европа не им се понуди можноста за зачленување во институции како што се Европската унија и НАТО, а со што би се фаворизирало заедничкото постигнување на општоприфатените вредности и цели: слобода и демократија, економски напредок, политичка стабилност и безбедност.

На Бриселскиот самит во 1994, НАТО лидерите соопштија дека “очекуваат и дека би го поздравиле проширувањето на НАТО со кое би биле опфатени источните демократски земји” . Целта на овој процес е проширување кон другите европски земји на зоната на безбедност и стабилност, koja Алијансата успеа да ја изгради на територијата на земјите членки во текот на 50 години од своето постоење. Овој процес не претставува закана за ниедна земја. Всушност, тој ќе ги зголеми стабилноста и безбедноста, како кај земјите членки на НАТО, така и кај оние кои не се нејзини членки.

Покрај политичките обврски, зачленувањето во НАТО подразбира и одговорности и обврски на воен план. Процесот на проширување е замислен на начин да им се овозможи на идните членки самите да се запознаат со функционирањето на Алијансата и со одговорностите и со обврските кои произлегуваат од членството, како и соодветно да ги приспособат своите сили. Следствено на овој пристап кој беше опишан во Студијата за проширувањето на НАТО од 1995, помеѓу 1995 и 1998 се водеа интензивни разговори со заинтересираните партнери во врска со прашањата за членство.

На Мадридскиот самит во 1997, на Чешка, Унгарија и на Полска беа поканети да отпочнат преговори за членство. Сојузничките лидери истовремено повторија дека Алијансата е отворена и за други земји и се согласија да ги продолжат и да го зголемат бројот на состаноците за интензивни разговори со другите земји партнери.

Чешка, Унгарија и Полска и официјално пристапија кон Вашингтонскиот договор на 12 март 1999, со што se зголеми бројот на земјите – членки на НАТО на деветнаесет. Акциониот план за членство, објавен во 1999 на Вашингтонскиот Самит, се надградува над искуството здобиено за време на процесот на интензивен дијалог и интегрирањето во Алијансата на трите членки кои беа последни примени

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail