НАТО – Украина

Посетата без преседан на политичкото раководство на НАТО на Украина во март 2000 внесе нова енергија во Посебното партнерство кое беше создадено во Мадрид во јули 1997.
Средбата во Киев на Комисијата НАТО-Украина – за првпат овој орган кој раководи со Партнерството се состана во Украина – беше можност за 19-те НАТО сојузници и за Украина да ги разгледаат сите прашања поврзани со нивната соработка.
“Првата средба на Комисијата НАТО – Украина во Киев… ќе ја паметат сите учесници на овој исторски настан, кој е важен чекор за приближување на Украина кон земјите на евроатлантската заедница” , им изјави на новинарите генералниот секретар на НАТО Лорд Робертсон на 1 март 2000.

Потпишувањето на Повелбата за посебно партнерство во Мадрид 1997, што ја постави соработката меѓу НАТО и Украина на повисоко ниво, беше јавно признание за големото значение од независна, стабилна и демократска Украина за севкупна Европа.
“Демократска Украина во која владее мир е од стратешка корист за целиот континент. Го делиме заедничкиот интерес Украина да биде силна, стабилна и безбедна”, изјави Лорд Робертсон во својот говор во Дипломатската академија во Киев за време на претходната посета, на 27 јануари 2000.

Повелбата е во согласност со објавената стратегија на Украина за зајакнување на нејзината интеграција во европските и во трансатлантските структури во наредните години.
НАТО и Украина се согласни да се консултираат за развивањето на евроатлантската безбедност и стабилност и за други прашања, како што се превенцијата од конфликти, надминувањето кризи, поддршка на мирот и хуманитарни операции.
Чекорите што ги презеде Украина заради унапредување на односите со соседните земји, пред се со НАТО – сојузниците Полска и Унгарија, како и со Романија и со Русија, беа поздравени од НАТО – сојузниците.

Преку семинари, работни групи и други програми за соработка, НАТО – сојузниците и Украина соработуваат во активности на разни полиња, како што се планирање на цивилна помош / подготовки во случај на елементарна непогода, реформа на украинската одбрана, научни и технолошки прашања и економскиот аспект на безбедноста.
До денес се преземени следниве конкретни чекори во односите меѓу НАТО и Украина:
- Отварање Центар за информации и документација на НАТО (NIDC) во Киев, чија цел е да се објасни политиката на Алијансата на украинското население, како и да се поправат негативните впечатоци здобиени во минатото.

- Меморандум за меѓусебно разбирање по прашањето за планирање на цивилната помош, склучен во декември 1997, со кој се обезбедува соработка на полето на подготовките во случај на елементарна непогода и друга цивилна помош.

-Други позитивни чекори кои ги презеде Украина се прифаќањето на Спогодбата за статусот на силите од програмата Партнерство за мир (SOFA), на неговот дополнителен протокол, како и на Договорот “Oтворено небо” од страна на украинското Собрание. Првиот чекор треба да го зајакне учеството на Украина во програмата, додека вториот претставува важен придонес за транспарентноста и за контролата на вооружувањето.

Зајакнатото учество на Украина во PfP, кое подразбира програми за практични активности од областа на одбраната со учество на сојузниците и на партнерите, нуди широки можности за Украина да ја спореди својата одбранбена поставеност со онаа на европските соседи, што може да и биде од помош за подобро дефинирање на сопствената улога во Европа. Покрај наведеното, сојузниците ја поздравуваат и зголемената ангажираност на Украина во Евроатлантскиот партнерски совет (ЕАПС) – кој е политичка закрила на програмата ПзМ.

Посетата на Киев што во март ја оствари Северноатлантскиот совет, составен од постојаните претставници на земјите – членки на НАТО, беше 16-та средба на Комисијата. Другите седници го вклучуваат Самитот НАТО – Украина на претседатели на држави и премиери, одржан во април 1999 во Вашингтон.

Покрај прашањата поврзани за заедничката соработка, Комисијата, во која претставниците на сојузниците се сретнаа со министерот за надворешни работи Борис Тарасјук, ја разгледа и ситуацијата на Балканот. Украина придонесе во меѓународните миротворни напори преку своето учество во ИФОР, а потоа и во СФОР. Иако овој придонес во Босна денес е завршен, Украина и сега обезбедува сили и пилоти во миротворната мисија што КФОР ја извршува на Косово, а согласно мандатот даден од страна на ОН.

Преку заедничката работна група се дојде до напредок во помошта на Украина да ја реструктуира сојата одбрана, која ќе биде од корист за целата земја. Цивилно-воените односи, планирањето на буџетот и ресурсите беа предмет за корисни средби. Покрај тоа се одржаа семинари за преквалификација на украинскиот воен персонал кој треба да се пензионира, како и намалување и конверзија на воените ефективи.

Во Киев, НАТО сојузниците и Украина се осврнаа, исто така, на заедничките активности за планирање на цивилната помош и за подготовките за елементарни непогоди – широко поле на соработка на кое најверојатно се чувствува најголема директна практична корист за Украина. Во овој контекст предвидена е вежба за помош на настраданите во Транскарпатскиот регион на Украина во септември 2000, со која ќе се проверат постапките за хуманитарна помош во случај на евентуална поплава во Украина.

Други важни полиња на соработка се науката од една страна, каде што НАТО и помогна на украинската научна заедница преку кредити, како и економскиот аспект на одбраната, од друга страна. Во овој контекст, НАТО одобри програма за курс по странски јазици за повеќе од 100 украински воени офицери.

Во самата Украина, Центарот за информации и за документација на НАТО, кој беше отворен во Киев во мај 1997, стана централно место за информирање на украинската јавност за користа од Посебното партнерство со НАТО. Програмата вклучува организирање информативни посети на украински посетители на Седиштето на НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail