Брз Прирачник на клучните НАТО – акроними и изрази

CFE

Договор за конвенционалните сили во Европа (Conventional Forces in Europe Treaty). CFE договорот е главен договор за контрола на вооружувањето и камен – темелник на Европската безбедност. Повеќе од 58.000 парчиња воена опрема се уништени во Европа откако НАТО – сојузниците и земјите – членки на тогашната Организација на Варшавскиот договор го потпишаа CFE договорот во 1990. Во март 1999, Русија, НАТО и други европски држави дојдоа до спогодба за сите главни прашања околу CFE, со што се отворија можностите за навремено приспособување на CFE договорот за Самитот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа, одржан во ноември 1999 во Истанбул.

CJTFs

Комбинирани здружени сили со одредена намена (Combined Joint Task Forces) – Комбинирани здружени сили со одредена намена (Combined Joint Task Forces) – Воведена во 1994, воената замисла за Комбинирани здружени сили за одредена намена има за цел да му обезбеди на НАТО со флексибилни средства да одговори на новите безбедносни предизвици, вклучително и операции во кои би влегле и земји кои не се членки на НАТО, преку подигање на повисоко ниво на способноста на НАТО да распореди, само по кратко предупредување, мултинационални и повеќефункционални сили, подготвени за специфични воени задачи, како што се хуманитарна помош и зачувување на мирот . Голем дел од карактеристиките на CJTF концептот беа испробани во практиката при операциите за зачувување на мирот на Балканот предводени од НАТО. Овој концепт има за цел да обезбеди разделиви, но не и разделени воени способности кои би биле за употреба на НАТО или, во посебни случаи, на Западноевропската унија или Европската унија.

EADRCC

Евроатлантски координативен центар за одговори при катастрофи (Euro-Atlantic Disaster Response Coordination Centre) – Евроатлантскиот координативен центар за одговор при катастрофи, чие создавање го предложи Русија, беше воспоставен во Седиштето на НАТО под закрилата на Евроатлантскиот партнерски совет (EAPC) во мај 1998. Целта на неговото постоење е да служи како фокусна точка за координирање на помошта што земјите на EAPC ја испраќаат на настраданите подрачја во случај на голема елементарна непогода, а во тесна соработка со Координативното биро за хуманитарни работи (OCHA) на Обединетите Нации. Од неговото основање EADRCC беше оперативен при координирањето на помошта за поплавените подрачја во Западна Украина, Романија и во Унгарија, како и во доставувањето на помошта на Турција веднаш по земјотресот во 1999. Овој центар имаше исто така клучна улога при организирањето на хуманитарната помош за време на косовската криза.

EAPC

Евроатлантски партнерски совет (Euro-Atlantic Partnership Council). Основан во мај 1997 како наследник на Северноатлантскиот совет за соработка, EAPC нуди сеопфатна структура за проширена политичка димензија на ПзМ и за тесна практична соработка. Во него се наоѓаат претставници на НАТО – сојузниците и партнерите – односно, вкупно 46 земји. Во април 1999 година, еден ден по одржувањето на Самитот на НАТО, во Вашингтон се одржа самитска средба на претседателите и на премиерите на земјите членки на EAPC.

ESDI

Европски безбедносен и одбранбен идентитет (European Security and Defence Identity) . Целта за создавањето на ESDI во рамките на Алијансата е да се оспособат сите европски сојузници да понудат поусогласен и поефикасен придонес на НАТО како одраз на нивните поделени одговорности и да го зајакнат трансатлантското партнерство, а во исто време да се оспособат заедничко дејствување во европски контекст. ESDI е битен елемент во приспособувањето на структурите на НАТО.

KFOR

Косовски сили (Kosovo Force). Повеќенационални сили на Косово создадени под покровителство на Обединетите Нации, а во согласност со Одлуката на Советот за безбедност на ОН 1244, од 10-ти јуни 1999. Во очекување на Oдлуката, НАТО однапред испрати подготвителни сили за КФОР кои беа стационирани во поранешната југословенска Rепублика Македонија (1). Овие сили беа ставени под оперативна контрола на Командантот на Сојузничката команда Европа (Allied Command Europe – ACE) на Корпусот за брза интервенција (Rapid Reaction Corps – ARRC), во почетокот на воздушната кампања на НАТО, кон крајот на март. Тие подоцна постепено беа пренасочени кон хуманитарни задачи, a заради ескалацијата на бегалската криза. Заедно со дополнителните сили кои беа испратени во Rегионот, овие сили ги исполнија основните операции при давањето директна помош на бегалците во поранешната југословенска Rепублика Македонија (1), како и при помагањето на меѓународните хуманитарни организации.

NAC

Северноатлантски совет (North Atlantic Council) . Составен од претставници на земјите членки на Алијансата, oвој Совет претставува нејзино највисоко одлучувачко тело. Советот заседава редовно во Брисел на амбасадорско ниво, најмалку двапати годишно на ниво на министри за надворешни работи и за одбрана и повремено – како во Вашингтон во 1999 – на самитска седница на ниво на претседатели и премиери.

NATO

Организација на Северноатлантскиот договор (North Atlantic Treaty Organisation). Основана со Вашингтонскиот договор од април 1949 како систем за западна колективна одбрана. Три нови членки влегоа во Организацијата во март 1999, со што вкупниот број на земји членки се зголеми на 19. Во почетокот на 90-тите години, НАТО – сојузниците извршија значително намалување на воените сили и ја приспособија воено-командната структура на Алијансата за извршување идни задачи и мисли за раководење со кризи, како и за зачувување и поддршка на мирот. Преку програмата Партнерство за мир тие активно соработуваат со европските земји кои не се членки на НАТО. Основачкиот акт НАТО-Русија беше потпишан со Руската федерација во мај 1997. Во јули 1997, НАТО ја потпиша Повелбата со која се воспостави посебно партнерство со Украина. НАТО го одбележа својот 50-ти роденден на Вашингтонскиот самит во април 1999.

NATO-Russia PJC

Постојан заеднички совет (Permanent Joint Council) . PJC советот беше основан со Основачкиот акт НАТО-Русија потпишан во мај 1997. Со Основачкиот акт се предвидуваат редовни средби на PJC на амбасадорско ниво, како и средби на ниво на министри за надворешни работи на секои две години и негова цел е овозможување консултативни средби, соработка и градење консензус во дискусиите по политички и безбедносни прашања. Со започнувањето на воздушните операции на сојузниците, водени со цел да се заврши косовскиот конфликт, Русија го прекина учеството во овој форум. Алијансата го искажа своето жалење заради ваквата одлука, укажувајќи притоа дека има заеднички интерес со Русија да се дојде до политичко решение на косовската криза. Земјите-членки на НАТО ja продолжија тесната соработka со Русија, во контекст на дипломатските иницијативи за прекин на конфликтите.

NUC

Комисијата НАТО-Украина (NATO-Ukraine Commission) беше основана со одредбите на Повелбата за посебно партнерство меѓу НАТО и Украина. Комисијата се состанува барем двапати годишно за да го разгледа напредокот во развојот на односите меѓу НАТО и Украина. На 24 април 1999 во Вашингтон се одржа самитска седница на претседателите и на премиерите на сојузниците и на Украина.

OSCE

Организација за безбедност и соработка во Европа (Organisation for Security and Cooperation in Europe). Порано позната под името Конференција за безбедност и соработка во Европа, OSCE (ОБСЕ) на самиот почеток беше политички процес кој ги воспостави основните принципи што го уредуваат водењето на меѓународните активности заради намалување на затегнатоста и градење доверба меѓу државите. Денес тоа е организација на 55 членки, вклучувајќи ги сите земји од Европа, Канада и САД. ОБСЕ го надгледуваше одржувањето на изборите во Босна и Херцеговина и кон крајот на 1998 и во почетокот на 1999 година организира меѓународна верификациона мисија на Косово, чија задача беше да го надбљудува спроведувањето на одлуките на СБ на ОН во врска со кризата. Набљудувачите на ОБСЕ беа повлечени во март 1999 година по неуспехот на преговорите кои беа водени заради постигнување на политичко решение.

PARP

Процес за планирање и преглед на Програмата Партнерство за мир (PfP Planning and Review Process). PARP (ПАРП) беше воспоставен во ноември 1994 година како посебна активност во рамките на Програмата Партнерство за мир, за оние земји-партнери кои изразија желба да земат учество во неа. Негова цел е да ја поттикне транспарентноста во одбранбенoто планирање и да ја развие интероперативноста на силите на земјите-партнери со оние на НАТО – земјите, преку развивање и разгледување на заеднички одобрениte планирачки цели. Во ПАРП редовно учествуваат седумнаесет земји-партнери.

PfP

Партнерство за мир (Partnership for Peace). Основана во јануари 1994 година, Програмата Партнерство за мир им овозможува на земјите-партнери, заедно со НАТО, да земат учество во програмите за безбедносна соработка кои се во согласност со нивните сопствени потреби. Таа вклучува активности како што се воени вежби и операции за цивилни вонредни состојби. ПзМ беше зајакнатo со цел да им се даде поголема улога на партнерите во процесот на планирањето и насочувањето на идните програми. Денес во оваа програма се наоѓаат 26 земји.

SACEUR e SACLANT

Врховен командант на сојузничките сили – Европа (The Supreme Allied Commander Europe) и Врховен командант на сојузничките сили – Атлантик (Тhe Supreme Allied Commander Atlantic). SACEUR и SACLANT се двајцата главни команданти кои се одговорни за интегрираната воена структура на Алијансата.

SFOR e IFOR

Силите за стабилизација (Stabilisation Force – SFOR), предводени од НАТО, беа распоредени во Босна и Херцеговина од декември 1996 како дел од напорите да се поддржи мировниот договор од Дејтон за поранешна Југославија. Тие ги заменија Силите за имплементација (IFOR) , кои имаа задача да го надгледуваат извршувањето на воениот дел од мировниот договор. Повеќе од 35 земји-членки и земји кои не се членки на НАТО учествуваа со свои сили во SFOR, чиј вкупен капацитет броеше повеќе од 30.000 војници.

SHAPE

Врховен штаб на сојузничките сили – Европа (Supreme Headquarters Allied Powers Europe). Главнen штаб на сојузничката команда во Европа со седиште недалеку од Монс, во Белгија.

Strategic Concept

Стратешкиот концепт е авторитативен извештај за целите на Алијансата и ги дава главните насоки за користење на политички и воени средства за нивно исполнување. Тој ги поставува основите на принципите и активностите на Алијансата и на военото раководство на НАТО му дава насоки за развој на воените способности и за подготовка на можни операции. Стратешкиот концепт за првпат беше објавен во 1991, а неговата последна верзија беше одобрена и објавена на Вашингтонскиот самит во 1999. Покрај тоа што ги опишува политичките и воените промени од 1991 па наваму, Стратешкиот концепт, исто така, ја потврдува заложбата на Алијансата да ja одржува колективната одбрана и трансатлантските врски.

WEU

Западноевропска унија (Western European Union). Западноевропската унија првенствено беше воспоставена со Бриселскиот договор од 1948 година. Денес во неа членуваат десет земји, кои се истовремено членки и на НАТО. Западноевропската унија има исто така и асоцијативни членки (земји-членки на НАТО, a не се членки на Европската унија), асоцирани партнери (земји кои не се членки ниту на НАТО, ниту на Европската унија) и неколку земји со статус на набљудувачи. Западноевропската унија беше реактивирана во 1984, a со цел да се развие заеднички европски одбранбен идентитет и да се зајакне европскиот столб од Алијансата.

WMD

Иницијатива за Оружјето за масовно уништување (Weapons of Mass Destruction Initiative)
Oваа Иницијатива, која се однесува на ризиците од пролиферацијата на оружјето за масовно уништување, а преку интензивирање на консултациите за разорување и непролиферација, беше иницирана на Вашингтонскиот Самит на НАТО, во април 1999 година. Од мај 2000 година, центарот на WMD e во Седиштето на НАТО, а има за задача да ги координира активностите на ова поле, како и да ги поддржува одбранбените напори за подобро подготвување на Алијансата да одговори на опасностите од оружјето за масовно уништување, и на неговото ширење.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail