Република Македонија и “Партнерство за мир”

Во својата одбранбена стратегија, базирана врз основните принципи на националната безбедност и основните принципи на национална одбрана, Република Македонија се потпира врз системите на колективна безбедност и одбрана.

Затоа, Собранието на Република Македонија донесе одлука за остварување полноправно членство во НАТО. Врз основа на таа одлука, донесена со целосен консензус на сите парламентарни и вонпарламентарни политички партии и со огромна подршка од граѓаните, сите структури и институции во државата започнаа подготовки за исполнување на потребните услови и стандарди, неопходни за пристапување кон НАТО.

Врз основа на овие едногласни заложби, Република Македонија беше меѓу првите земји која, уште во јануари 1994 година, ја поздрави иницијативата Партнерство за мир и ја изрази нејзината цврста желба да и се придружи.

Се започна во ноември 1995 година, кога Република Македонија стана рамноправна членка на иницијативата на НАТО – Партнерство за мир. Дури две години по промовирањето на Партнерството, Република Македонија доби шанса да покаже дека сака и може меѓу еднаквите.

Веднаш по зачленувањето во Партнерството за мир, Република Македонија за најкратко можно време подготви Индивидуална програма која беше верифицирана од Северноатлантскиот совет за соработка и од Политичкиот комитет на НАТО во март 1996 година со високо почитување како придонес кон стабилноста и безбедноста на регионот и потврдување на улогата на Република Македонија како значаен фактор во тој поглед.

Оттука, се создадоа услови за најактивно учество на Република Македонија во сите заеднички активности на Партнерството и на НАТО.

Во март 1996 година Република Македонија беше примена како рамноправен член на Северноатлантскиот совет за соработка.

Во меѓувреме, беше обучена единица на ниво на баталјон составена од професионални војници и со опрема целосно компатибилна со стандардите на НАТО, која, преку сите нејзини активности, достигна високо ниво на интероперабилност.

Истовремено, Македонија започна да испраќа свои делегации на конференциите во Брисел и да учествува на вежбите, организирани во рамките на Партнерството за мир.

Во мај 1996, започна Дијалогот меѓу Македонија и НАТО по студијата за проширувањето на НАТО, на чии сесии беа презентирани и елаборирани погледите на Македонија и нејзините можности за придонес во зајакнувањето и проширувањето на европската безбедност. Со ова, Република Македонија и дефинитивно влезе во кандидатура за полноправно членство во Алијансата, заедно со уште 11 централно и источно европски земји.

Во јуни 1996, со размена на дипломатски ноти меѓу Владите на Република Македонија и Соединетите Американски Држави беше потпишан СОФА договорот, кој го регулира статусот на силите меѓу земјите членки на Алијансата и Партнерството за мир, а истиот месец беше ратификуван и од страна на македонскиот Парламент.

Македонија од јули 1996 година, има и свои постојани претставници во НАТО, во својство на воени офицери за врски (во Брисел и во Штабот во Монс).

Од јануари 1997, Македонија стана членка и на Процесот за анализа и планирање на НАТО – ПАРП, со што го подигна нивото на соработка со Партнерите од Алијансата, и со што Македонија се вброи во најсериозните кандидати за членство во НАТО.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail