Република Македонија и НАТО

Република Македонија гледа на НАТО како на еден од клучните столбови на модерната европска безбедносна архитектура. Во таа смисла, Република Македонија цврсто ги поддржува обидите на НАТО за трансформација на неговата одбранбена политика со подобрување на стабилноста и соработката во Евроатлантската област.

Република Македонија своето членство во НАТО го смета како трајна обврска.

За тоа во државата постои широк политички и општествен консензус. Одлуката е резултат на нашата стратешка определба за активно учество во изградбата на пошироката безбедносна архитектура во Евроатлантската област. Република Македонија иднината на НАТО ја гледа како солидна гаранција за вкупната европска безбедност и стабилност и како фундаментална основа на новата европска безбедносна архитектура. Ваквите безбедносни рамки би го опфатиле НАТО, внатрешно прилагоден и проширен со повеќе земји членки, со засиленото Партнерство за мир и воспоставениот Евро атлантски Партнерски Совет.

Македонија го гледа и својот придонез во проширувањето и зајакнувањето на безбедноста и во овој дел на континентот. Република Македонија, според неподелени мислења од Брисел, е една од најактивните членки на Партнерството за мир и активно придонесува во промовирањето и реализирањето на целите на Партнерството, со што дирекно учествува во градењето на новите услови во кои доминираат соработката, кооперативноста, интероперативноста, дијалогот, како и во градењето на мерки на доверба меѓу државите, како неопходен предуслов во креирањето на безбедноста и во југоисточниот дел на Европа.

Иницијатива за регионална соработка и во Југоисточниот дел на Европа е добра идеја, која треба да се операционализира како интегрален дел на процесот на градење на новата европска безбедносна структура во духот на мадридскиот документ. За тоа придонесуваат и средбите на министрите за одбрана од југоисточна Европа кои се одржуваат еднаш годишно. Досега се одржани две средби, првата во март 1996 година во Тирана, втората во октомври 1997 година во софија, а третата ќе се одржи во септември 1998 година во Скопје.

Република Македонија во рамките на програмата Партнерство за мир, изгради добра воена соработка со земјите во регионот, пред се, со своите соседи. Заедно со војниците на република Албанија, Република Бугарија, Република Грција, Република Словенија, Република Романија, но, и со војниците од САД, Турција и Италија, војниците на Армијата на Република Македонија учествуваа на неколку вежби, спонзорирани од Алијансата, меѓу кои и вежбата “Спасител ’97″, на кои се промовираше духот на Партнерството.

Подготвени сме да организираме и други слични вежби, но, и да формираме, во рамките на Партнерството за мир, на Криволак, постојан тренинг центар за обука за мировни ихуманитарни операции за членките на НАТО и на Евро-Атлантскиот Партнерски Совет. Заедно со искуството од мисијата на УНПРЕДЕП, сметаме дека имаме што да понудиме и да дадеме во обуката на мировници за потребите на Алијансата.

Сите овие идеи, како и приоритетот за градење мерки и доверба со соседите, соработката во одбранбената област со земјите од регионот и со сите членки на НАТО и на Евро Атлантскиот Партнерски Совет, се столбовите на кои Министерството за одбрана ќе продолжи активно да партиципира и придонесува во процесите на изградба на новата европска безбедносна структура. Идејата за проширувањето на НАТО како процес, а не како еднократен настан, ја сфаќаме како патоказ за проширување на зоната на безбедност во цела Европа, и зајакнување на безбедноста на сите држави на континентот.

Во тој правец мислиме дека зоната на безбедност треба паралелно да се проширува и кон југот на Европа, поточно, со земјите кои би влегле во јужното крило на НАТО. Со ова Алијансата би го зацврстила своето јужно крило, а земјите кои што би станале членки на НАТО, меѓу кои и Република Македонија, би можеле уште поконструктивно да придонесуваат во произведувањето мир и безбедност и во регионот на југоисточна Европа.
Ние веруваме дека НАТО, со последниве настани како и со сопствената трансформација се изградува како безбедносен систем кој може најефикасно да одговори на новите предизвици и на сите нови закани по мирот и безбедноста во евроатлантската област.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail