Учество во мисијата ИСАФ во Авганистан (2002-2014)

Република Македонија своето учество во НАТО предводената операција ИСАФ – ISAF (Меѓународни сили за безбедносна помош – International Security Assistance Force) го започна во август 2002, со испраќањето на два офицери како дел на турскиот контингент. На 8-ми септември, денот на независноста на Република Македонија, македонското знаме беше за прв пат завиорено во Кабул. Во март 2003 година, Aрмијата на Република Македонија го зголеми својот придонес во ИСАФ мисијата со испраќање на едно одделение од составот на втората пешадиска бригада како дел од германскиот контингент. Како резултат на успешното извршување на мисијата и високите оценки добиени за учество во ИСАФ, од август 2004 па се до крајот на 2006, АРМ учествуваше со еден механизиран пешадиски вод од единицата Леопарди. Истовремено, во август 2005 во ИСАФ е упатен и медицински персонал како дел здружениот медицински тим во А3 формат (Македонија, Албанија, Хрватска), кој успешно извршуваше задачи на кабулскиот аеродром, најпрво во состав на грчката полска болница, а потоа во состав на чешката полска болница.

Засновано на оценките на Алијансата во делот на декларираните единици од АРМ, кои ги достигнаа бараните строги стандарди во делот на обука и оперативните процедури, а во линија со Концептот на оперативни способности (OCC), АРМ во јуни 2006 испрати и една механизирана пешадиски чета, дел на првата механизирана пешадиска бригада, во состав на британскиот контингент во ИСАФ. Покажаната доверба од Обединетото Кралство кон деведесетте „шкорпиони“ од првата пешадиска бригада, беше во целост оправдана.

Високите оценки од највисоките командни структури за работата на единицата како и научените лекции се само императив за продолжување на успешната мисија.

Во втората ротација на четата за обезбедување на командата на ИСАФ, Република Македонија го зголеми присуството од деведесет на сто дваесет и седум учесници, а од јануари 2008 испрати и тројца штабни офицери во командата на ИСАФ во Кабул.

Како поддршка на напорите за самооддржливост на Авганистанската национална армија (АНА), започнувајќи од март 2008 година Република Македонија испрати два војника (еден офицер и еден подофицер) како дел на здружениот мултинационален Оперативно менторски и тим за врски (OMLT) во Мазар-е Шариф додека, започнувајќи од декември 2008, во соработка со Кралството Норвешка, македонски медицински персонал е вклучен преку еден хируршки тим во организациската структура на хируршка единица при норвешкиот Провинциски тим за реконструкција (PRT) во Мејмана, Авганистан. Во рамки на билатералната соработка на Република Македонија со САД во 2010 година нашите припадници од специјалните единици и воената полиција на АРМ учествуваа со тимови од САД во мисијата ИСАФ.

Бројот на македонски припадници кои учествуваа во мисијата ИСАФ, која заврши на 31.12.2014 година беше повеќе од 2700.

Придобивките што АРМ ги доби од учеството во ИСАФ мисијата, се научени лекции, високо обучени војници кои се способни да прикажат висок степен на професионализам и во исто време да допринесат за општата позитивна слика на ИСАФ. Република Македонија и сите свои граѓани отсекогаш биле горди на кадарот на Армијата кои во целиот изминат период не се само чувари на мирот и на суверенитетот на земјата, но во исто време се и амбасадори на мирот. Затоа, тие заедно со своите колеги од НАТО помагаат во воспоставувањето на демократскиот развој на Авганистан.

По завршувањето на мисијата, Министерството за одбрана издаде публикација за 12. годишниот придонес на Армијата на Република Македонија во мисијата ИСАФ во Авганистан.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail