Придонесот на Република Македонија кон воената операција на ЕУ за кризен менаџмент во БиХ ALTHEA

Република Македонија ја потврдува стратегиската определба за достигнување членство во Европската Унија преку цврстата политичка определба за поддршка на Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП/CFSP) и со декларирање конкретен придонес кон цивилните и воените операции во рамките на Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП/CSDP) на Унијата.

Учеството на Република Македонија во воената операција на ЕУ за кризен менаџмент во БиХ Алтеа го означува првиот од серијата конкретни и значителни придонеси кои Република Македонија ќе ги даде во рамките на цивилните и воените операции на ЗБОП а во правец на зајакнување на капацитетите на Унијата.

Спогодба помеѓу Република Македонија и Европската Унија за учество на Република Македонија во рамките на операцијата Алтеа беше потпишана на 3 јули 2006 во Брисел. Придонесот на Република Македонија кон операцијата на ЕУ Алтеа го потврди нејзиниот напредок од земја корисник на првата воена операција на Унијата (Конкордија 2003) до земја активен придонесувач кон ЗБОП(Алтеа 2006).

Првиот придонес на Република Македонија кон операција предводена од Европската Унија започна во јули 2006 со декларирање АРМ хеликоптерски деташман, составен од два хеликоптери Ми-8/17 и персонал од 21 лице.

Во ноември 2006 година, Република Македонија го зајакна сопствениот придонес кон операцијата на Унијата во БиХ Алтеа, декларирајќи медицински тим составен од 10 лица за ROLE 1 медицинска поддршка на кампот во Бутмир.

Поради значењето на хеликоптерската поддршка во исполнувањето на мисиите на операцијата Алтеа, особено во периодот на актуелната трансформација на ЕУФОР, беше побарано продолжување на мисијата на македонскиот хеликоптерски деташман која продолжи во истиот состав во втората и во третата ротација.

Дополнително, придонесот на Република Македонија кон Алтеа беше зајакнат и со декларирање на дополнително 1 лице воен правник – помошник правен советник во HQ EUFOR (од 20 јуни 2007 година). Со тоа вкупниот придонес на Република Македонија кон операцијата Алтеа, вклучувајќи го хеликоптерскиот и медицинскиот капацитет, беше составен од 2 Ми-8/17 и вкупен персонал од 32 лица.

Република Македонија во однос на четвртата ротација на хеликоптерскиот деташман (јануари- јуни 2008), а врз основа на претходно извршените анализи и проценки, донесе одлука која ја одрази потребата за повлекување на едниот хеликоптер Ми-8/17, во насока на достигнување на неопходното ниво на оперативност заради идни придонеси. Согласно Одлуката, четвртата ротација на хеликоптерскиот деташман во мисијата Алтеа во БиХ се состоеше од еден транспортен хеликоптер Ми-8/17 и 12 лица во состав на хеликоптерскиот деташман.

На 12 јануари 2008 година се случи трагична хеликоптерска несреќа кај катлановско Блаце во која животот го загубија 11 припадници на АРМ на самото враќање од успешно завршената мисија во БиХ кои беа дел од третата ротација на хеликоптерскиот деташман.

Во февруари 2008 година Република Македонија дополнително упати едно лице-подофицер за превентивна медицина во HQ EUFOR, со што вкупниот придонес на Република Македонија во оперцијата Алтеа изнесуваше еден транспортен хеликоптер Ми-8/17 и вкупен персонал од 24 лица.

Со завршувањето на четвртата ротација на хеликоптерскиот деташман во јули 2008 година, донесена е одлука Република Македонија да го заокружи и заврши сопствениот придонес со хеликоптерски капацитети во операцијата на ЕУФОР во БиХ, Алтеа, со вкупно направени четири ротации (јули 2006 – јули 2008 година).

По повлекувањето на хеликоптерскиот деташман, Република Македонија продолжи да придонесува со медицински тим за ROLE 1 медицинска поддршка на кампот во Бутмир составен од 10 лица, едно лице помошник правен советник во Командата на ЕУФОР во БиХ, и еден подофицер за превентивна медицина во Командата на ЕУФОР, со вкупно учество на 12 лица.

Во текот на 2009, 2010 и 2011 година Република Македонија го продолжи учеството со истиот капацитет. Во тек е единаесеттата ротација на медицинскиот тим, деветтата ротација на помошникот правен советник и осмата ротација на подофицерот за превентивна медицина.

Согласно новата структура на силите на ЕУФОР во операцијата Алтеа, истите се намалени, а како резултат на тоа се укина и позицијата подофицер за превентивна медицина од јануари 2012 година.

Република Македонија во 2012, 2013 и 2014 година го продолжи придонесот во операцијата Алтеа со вкупно учество од 11 лица (10 лица во медицинскиот тим и 1 лице воен правник, помошник правен советник во Командата на ЕУФОР).

Придонесот на Република Македонија кон операцијата Алтеа претставува потврда на цврстата определба на Република Македонија за силен придонес кон Заедничката безбедносна и одбранбена политика (ЗБОП) и Заедничката надворешна и безбедносна политика (ЗНБП) на Унијата, како и потврда на севкупните напори на Република Македонија за интеграција во Европската Унија.

Придонесот на Република Македонија во мировната операција „Алтеа“ со медицинскиот тим заврши на 31 мај 2015 година, со враќање на седумнаесеттата  ротација на медицинскиот тим.

Согласно плановите, Република Македонија донесе одлука за продолжување на учеството во операцијата Алтеа со две нови штабни позиции, од месец мај 2015 година.

На 23 јуни 2015 година заврши и 16-та ротација на помошникот правен советник во Алтеа која беше последна ротација на Република Македонија на оваа позиција.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail