Заедничка вежба на АРМ и на Црвениот крст на Република Македонија

5Армијата на Република Македонија и Црвениот крст на Република Македонија од секогаш имале плодна и ефикасна соработка во различни непредвидени и кризни ситуации. Нивната компатибилност и координираност се одржува по пат на заеднички вежби. Овој пат, на Воениот стадион во Скопје одлично беше изведена симулација на специфична кризна ситуација при експлозија, во која имаа улоги и припадници на АРМ и волонтери на Црвениот крст на Македонија. Заедништвото и уиграноста беа одговор на замислената кризна ситуација во која има тешко повредени од експлозијата. Учесниците и од АРМ и од Црвениот крст на РМ прикажаа висока подготвеност, координираност, големи знаења и брзина во спасувањето на повредените. Заедничките тимови на АРМ и на Црвениот крст до перфекција ги третираа повредените, вршеа тријажа, ги извлекуваа и ги евакуираа до повисоки здравствени установи. На вежбата присуствуваа ЗНГШ, генерал-мајор Мухамет Рацај, бригадниот генерал Павле Арсоски, како и генералниот секретар на Црвениот крст на Р. Македонија, г- дин Саит Саити, а на стадионот беше присутна и многубројна публика и од униформирани лица, но и доста цивилни, кои беа задоволни од покажаното од учесниците на вежбата и на крајот ги наградија со силен аплауз.

Да потсетиме ова беше предвидено како завршен, практичен тест после четиринеделната обука за животоспасувачи на припадници на АРМ и волонтери на Црвениот крст, која се изведуваше во Центарот за медицинска обука при ВМЦ на АРМ.

Митко Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail