Интервју со полковник Роберт Малезански, командант на Воздухопловната бригада на АРМ

OLYMPUS DIGITAL CAMERAСо оглед дека во АРМ сте од самите нејзини почетоци, кои периоди од развојот на воздухоловната компонента на АРМ би ни ги посочиле како најзначајни?
Оваа година се навршуваат јубилејни 25 години од формирањето на ВВ и ПВО, односно на воздухопловната компонента на АРМ. Низ овие 25 години воздухопловната компонента помина низ неколку периоди на развој и совлада низа предизвици, секогаш служејќи им на интересите на Р. Македонија. Како позначајни периоди би ги издвоил следниве: Формирањето и иницијалното опремување на воздухопловната компонента се овозможи со Одлуката на врховниот командант на АРМ (г-дин Киро Глигоров) од 10 април 1992 г. за формирање на Команда на ВВ и ПВО со Авијациска бригада составена од Авијациски, Борбен хеликоптерски и Транспортен сквадрон. На 10 јуни 1992 г. беше извршен првиот лет на македонското независно небо со македонски екипаж на авионот „Утва-75“ од составот на тогашната Воздухопловна бригада. Всушност, тој ден го одбележуваме како Ден на Воздухопловната бригада. Во истиот период, во услови на ембарго за увоз на оружје и воена опрема, во 1994 г. беа набавени првите транспортни хеликоптери во АРМ со што се овозможи започнување на процесот на одржување на летачка тренажа и обука на пилотите. Во 1996 г. беа набавени школски авиони за обука. До крајот на 2000 г. ВВ и ПВО извршуваа задачи од доменот на транспорт на трупи, евакуација на повредени и ранети, гаснење на шумски пожари и обука на пилоти. Во овој период беа присутни низа предизвици, како што е формирањето и опремувањето на единиците, обезбедувањето на основни услови за живот и работа на припадниците, набавка на алати и опрема за одржување и поправка на воздухопловите. Наредниот значаен период во развојот на воздухопловната компонента започна во 2001 г., практично во текот на борбените дејства во Р. Македонија. Само по 9 години од формирањето, практично без борбена опрема, воздухопловната компонента на АРМ започна со изведување на борбени дејства за поддршка на останатите единици на АРМ. На почетокот на таа г. се извршија најголемите набавки на борбени воздухоплови и опрема, така што веќе на 25 март 2001 г. младото ВВ и ПВО го имаа своето прво борбено крштевање при нападот на Тетовското Кале. Во овој период се набавија транспортно-десантни хеликоптери „Ми-8МТ“, борбени хеликоптери „Ми-24“ и јуришни авиони „Су-25“. Истовремено ракетните системи од типовите „Игла-1” и „Стрела-10” ја зајакнаа Противвоздушната одбрана на Македонија. Во тие тешки денови за Р. Македонија припадниците на воздухоловната компонента секогаш совесно и навремено ги извршуваа поставените задачи. Во овој период за прв пат беше формирана школска единица, Сквадронот за обука и тренажа, кој започна со селекција и обука на нови пилоти. По завршетокот на борбените дејства продолжи интензивната обука на нови припадници од сите категории. Во овој период исто така имаше неколку сложени предизвици. Беше потребно брзо усвојување и ставање во оперативна употреба на новонабавената опрема. Исклучително значајно беше обновувањето на вештините и знаењата, како и изработка на методските упатства потребни за почнување на процесите на обука. Во 1995 г. Полкот за ВНЈИН за првпат обезбеди набљудувачки радар „NAR М-61“. Наредниот период на одржување на постигнатиот степен на борбена готовност од 2004 г. трае и до денес. Во овој период би сакал да го истакнам активното учество на меѓународни вежби, како и учеството во меѓународната мисија на ЕУФОР „Алтеа“ во Босна и Херцеговина од 2006 до 2008 г.. Тука треба да се посочи и формирањето на Центарот за обука на пилоти во 2010 г., кој ги презема обврските од доменот на селекција и почетна обука на нови пилоти за потребите на воздухопловната компонента на АРМ.

Кои се најважните мисии на вашата единица? Со кои сè предизвици може да се соочи воениот пилот?
Основната мисијата на Воздухопловната бригада е воздухопловна поддршка на единиците на АРМ, и таа е во детали опишана на интернет-страницата на АРМ. Би сакал да истакнам неколку други работи поврзани со мисијата на единицата. Имено, вбр е една од ретките единици во АРМ која располага со технолошки напредна опрема и воздухоплови со голема убојна моќ, што овозможуваат молскавични дејства и опсег на тие дејства на целата територија на РМ. Сметам дека брзината на реакцијата во комбинација со опсегот на дејствата и потенцијално големата убојна моќ ја дефинираат вбр не само како еден од битните елементи на неутрализирање на евентуалните закани по безбедноста на Републиката, туку и како битен елемент за одвраќање на евентуалните закани. Затоа, вбр и нејзините припадници треба секогаш да одржуваат високо ниво на борбената готовност во поглед на персоналот, обуката во управувањето со техниката и одржувањето на таа техника. Што се однесува до предизвиците со кои може да се соочи воениот пилот, треба да знаеме дека ние пред сè сме офицери во АРМ и секогаш ќе ја делиме судбината на таа Армија и на нашата татковина. Затоа, воениот пилот во секое време треба да има одлични општовоени познавања, како и секој друг офицер кој служи во АРМ. Воениот пилот треба да поседува и одлични стручно-специјалистички познавања во врска со воздухопловот со кој управува, тактиките, техниките и процедурите за борбена употреба на тој воздухоплов и неговото вооружување. Тука би ја додал и потребата од одлична психофизичка кондиција и практичното секојдневно стручно усовршување во насока на следење на новите концепции за употреба на воздухопловната моќ. Ние во вбр се стремиме секој припадник да поседува висок степен на интегритет, односно да биде во состојба да постапува исправно дури и кога никој не го контролира. За да се достигнат овие вредности потребно е секој припадник да ги стави потребите на службата над своите лични потреби. Нашата служба не трпи грешки и секој резултат понизок од одличен може да доведе до несакани последици.

Колку е значаен Центарот за обука на пилоти за Воздухопловната бригада на АРМ?
Од 2001 до 2010 г. селекцијата и обуката на нови пилоти се спроведуваше во Сквадронот за обука и тренажа во рамките на ВВ и ПВО. Со последната трансформација Сквадронот за обука и тренажа беше расформиран, а од страна на МО во 2010 г. беше формиран Центарот за обука на пилоти (ЦОП). Основна задача на ЦОП е селекција и обука на нови пилоти на хеликоптери за потребите на вбр и на Хеликоптерското одделение при МВР. Во моментов ЦОП е единствен извор на нови пилоти за потребите на вбр. Во рамките на ЦОП постои и Одделение за симулатори за летање со симулатори за хеликоптерите кои се во вооружување во вбр. Развиени се програми и методски упатства за користење на симулаторите и нивната примена има значителен придонес во процесот на стручно специјалистичка подготовка на екипажите и во зголемувањето на безбедноста на летањето воопшто.

Каков беше вашиот кариерен развој во рамките на АРМ?
Мојата служба во АРМ започна во септември 1995 г., како пилот на авион „Злин 242Л“ во Авијациската ескадрила. Од 1995 до 2001 г. извршував разни должности во Авијацискиот сквадрон. Во 2001 г., како офицер за операции во Авијациската ескадрила започнав со летање на јуришниот авион „Су-25“, а воедно завршив и курс за инструктори по летање. Во 2005 г., по приземјувањето на авионите „Су-25“, преминав во Борбениот хеликоптерски сквадрон како пилот на борбен хеликоптер „Ми-24“, а во 2006 г. станав и заменик-командир на Сквадронот. Во 2008 г. бев поставен за командир на Сквадронот за обука и тренажа. Практично, веднаш по магистрирањето на Командно-штабната академија во Максвел, САД, бев поставен за началник на Секцијата А-3, Операции и борбена готовност во Штабот на ВИНГ. Во 2011 бев поставен за заменик-командант на вбр, а воедно извршував задачи како началник на Штаб во вбр. Во 2015 г. бев испратен во Школото за национална одбрана во Истанбул, а на 9 мај 2016 бев поставен за командант на вбр.

Колку ВВ и ПВО на АРМ се компатибилни со земјите-членки на НАТО?
Воздухопловната бригада и декларираните единици од нејзиниот состав досега биле предмет на неколку НАТО евалуации и тактички оценувања. Сите овие оценувања поминаа со одлични или многу добри оцени. Единиците на вбр учествувале на низа меѓународни вежби на кои работеле рамо до рамо со останати НАТО-членки и партнери. Дополнително, вбр до 2008 г. учествуваше и во мисијата на ЕУФОР во Босна и Херцеговина. Резултатите од сите овие меѓународни ангажмани, а степените на интероперативност и компатибилност се оценети како потполни или делумно компатибилни. Компатибилноста и интероперабилноста со останатите НАТО-членки и партнери е на особено високо ниво во доменот на познавање користење на стандардните оперативни процедури, тактиките, техниките и процедурите за употреба на единиците и употребата на англиската фразеологија. За целосна компатибилност може да зборуваме кога ќе станеме НАТО-членка, затоа што одредени системи како ПзМ држава не ни се достапни во моментот. Високото ниво на компатибилност и интероперативност се постигнуваат со постојано стручно усовршување на полето на стандардните оперативни процеури, тактики и техники, со учество на меѓународни вежби и со примена на тие искуства во секојдневните воздухопловни операци на домашен терен. Дополнително, скоро сите обуки и едукации кои се спроведуваат во странство се вршат во вооружени сили кои се НАТО-членки. Со еден збор, партнерските цели, опремување на воздухопловите, декларираните единици, обуката и достигнувањето на стандардите на Алијансата, ја доведоа бригадата на ниво на компатибилност со останатите воздухопловни единици на НАТО.

Дали со процесот на модернизацијата на АРМ е опфатена и Воздухопловната бригада и во кои сегменти?
Тука станува збор за неколку периоди на модернизација во изминатите години, особено во делот на модернизација на дел од хеликоптерската флота. Во последниве неколку години активно се работи на упатување на дел од флотата на редовен генерален ремонт кој е временски релативно долг и кој побарува воведување во основна тренажа на составот по враќањето на техниката од ремонт.

Какво е искуството во учеството во меѓународните мисии?
Покрај бројните ангажмани на меѓународни вежби, вбр учествуваше во мисијата на ЕУФОР „Алтеа“ во Босна и Херцеговина од 2006 до 2008 г.. Во таа мисија ангажиравме Транспортен хеликоптерски детачмент со потребен екипаж и персонал за одржување и штабен елемент во делот на воздухопловни операции во Штабот на ЕУФОР. Основната задача беше воздухопловна поддршка преку транспорт на единиците на ЕУФОР во рамките на зоната на одговорност. Основното позитивно искуство е дека сме способни да работиме рамо до рамо со останатите НАТО-членки и на тактичко и на оперативно ниво. Основниот предизвик за којшто сепак изнајдовме решение беше организацијата на одржување на воздухопловите далеку од матичната база. Во овој дел сметам дека треба да се потсетиме на 12 јануари 2008 г., кога 11 припадници на вбр ги загубија животите при враќање од мисијата.

Процесот на едукација треба да биде постојан. Колку во Воздухопловната бригада се посветува внимание на процесот на дообразување?
Неколку пати досега ја нагласив потребата од постојана едукација и стручно усовршување. Оваа потреба во вбр е нагласена од неколку причини. Првин, вбр располага со технолошки напредна техника чие користење и одржување е исклучително сложено. Поради тоа, процесот на учење на вештините на употреба и одржување за нови припадници е исклучително долг, а потоа мора постојано да се обновува. Ова е особено значајно за летачките единици, каде не смее да има грешки ниту во процесот на едукација, ниту во процесот на обновување на знаењата. Од наведеното е јасно дека во вбр се посветува исклучително внимание на процесот на дообразување и обновување на стекнатите знаења. Финално, се трудиме да останеме во чекор со современите текови на изведување на воздухопловни операции преку едукација на персоналот во воздухопловни командно штабни академии во странство.

Имавме прилог за вас и вашиот успех на Воздухопловниот универзитет на САД. Како се чувствувавте во тие мигови, кога се вброивте во листата на најдобрите на Универзитетот?
Воздухопловниот универзитет на ВВ и ПВО на САД е едукативен центар каде се концетрирани големи искуства и знаења од областа на воздухопловството. Да се биде во друштвото на најдобрите на тој универзитет е огромна чест за мене лично, но и огромно признание за АРМ и за Р. Македонија. Тука повторно би сакал да ја истакнам компатибилноста и интероперабилноста да се работи рамо до рамо со командантите на воздухопловните сили на НАТО-членките.

Вашиот работен ангажман е обемен, дали наоѓате слободно време за активности и дружење со пријателите и дали некој од вашето семејство, од децата, ја има наследенота вашата летачка каризма или ги насочувате во друга насока?
Тешко е, но се трудам да најдам рамнотежа помеѓу работните обврски и обврските кон семејството и пријателите. Како што веќе споменав, сметам дека потребите на службата треба да се над личните потреби, секако со негување на хармонични семејни односи. Што е однесува до моите две прекрасни деца, нивната возраст сè уште ме обврзува да им давам општи насоки за животот и општеството, со надеж дека ќе имаат една широка основа за пообјективно насочување во нивната иднина.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail