Медиуми, критериуми и стандарди

Центарот за обука на пилоти, како единствена институција која овозможува врвна обука и едукација за професионални воени пилоти функционира веќе неколку години. Пишувавме и известувавме за сите настани поврзани со работата на овој значаен Центар – за неговото отворање, за неговите капацитети, наставниот кадар, програмите кои се изучуваат и бевме присутни на отворените денови кои се организираа во касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец. Конкурсите за пријавување се континуирани и се објавуваат на веб-страницата на Министерството за одбрана, на веб-страницата на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски и во дневниот печат.
Лично ме интересираше дали постои и колкава е заинтересираноста на младите за оваа професија бидејќи Министерството за одбрана преку своите медиуми сесрдно се труди да го промовира овој центар, како и професијата воен пилот.
Оваа година „Отвоениот ден“ се одржа во Домот на Армијата во центарот на градот, за време на викенд.
Концертната сала на Домот беше претесна да ги прими сите заинтересирани. Како дознале за настанот и колку е голема нивната желба да станат пилоти. Повеќето од присутните, кога ги потпрашав, ми одговорија дека првичните информации за  конкурсот и за овој настан конкретно ги добиле преку медиумите, и тоа најмногу преку социјалните медиуми, но и преку веб-страницата и промотивните содржини кои се емитуваат преку електронските медиуми. Речиси сите коишто ги потпрашав ми одговорија дека комуникацијата преку социјалните медиуми е најзаслужна што дошле на овој настан, а желбата да се стане пилот беше очигледна кај сите  присутни.
Презентацијата беше сестрана и ефективна бидејќи после неа се јавија десетици млади со голем број прашања и заинтересираност за деталите. Повеќето од нив сметаат дека  ги исполнуваат првичните услови и изјавија дека  ќе се пријават на конкурсот, но свесни се дека конкуренцијата е голема, а критериумите и стандардите се мошне високи и само десетина од нив ќе имаат можноста да станат пилоти.
Така и треба да биде, само најдобрите треба да стасаат до првите десет. Само најдобрите ќе ја продолжат традицијата на врвно обучени припадници на хеликоптерските единици.
Професијата воен пилот е многу атрактивна, но и професија која бара врвен квалитет од секој аспект.
А, ние, како медиуми на Министерството за одбрана, имаме задача да продолжиме да ја промовираме оваа професија, да ги информираме сите заинтересирани навремено за конкурсите и за ваквите настани, а колку што е поголема бројката на пријавени, толку ќе биде посолидна и базата за избор на најдобрите. Ние ќе информираме и ќе промовираме, комисиите ќе селектираат, обучувачите ќе обучуваат, наставниците ќе едуцираат и крајниот продукт ќе биде – нови десетина врвни пилоти на Военото воздухопловство на Армијата на Република Македонија.

д-р Жанет Ристоска

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail