Министерот Јолевски говореше на конференција во Сенатот на САД посветена на глобалниот тероризам и сајбер-заканите

06-07Во рамки на форумот министерот Јолевски имаше свое обраќање каде истакна дека Балканот припаѓа на Евроатлантскиот регион и неговата безбедност е неделива од безбедноста на Европа. Глобалните закани и предизвици силно се испреплетени и влијаат на заедничката безбедност. Тој укажа на потребата од интензивирање на соработката на безбедносните структури во Европа со цел поефикасно справување со сегашните и идните предизвици

Министерот за одбрана на Република Македонија, Зоран Јолевски, кој беше во работна посета на САД, оствари повеќе средби со претставници на: Пентагон, Стејт департментот, Сенатот, Конгресот и тинк-тенк институциите. Во рамки на посетата, Јолевски учествуваше на безбедносниот форум на тема „Глобалниот тероризам и сајбер-заканите“ во организација на Сенатот на САД, форум на кој домаќин беше сенаторот Џим Инхоф, а учесници беа неколку сенатори и конгресмени, како и високи поранешни и актуелни функционери и претставници од САД, од Европскиот парламент, повеќето балкански земји, како и претставници од Германија, од Романија, од Пакистан и од Турција.
Во рамки на форумот министерот Јолевски имаше свое обраќање каде истакна дека Балканот припаѓа на Евроатлантскиот регион и неговата безбедност е неделива од безбедноста на Европа. Глобалните закани и предизвици силно се испреплетени и влијаат на заедничката безбедност. Тој укажа на потребата од интензивирање на соработката на безбедносните структури во Европа со цел поефикасно справување со сегашните и идните предизвици.
„Република Македонија, како и останатите земји од регионот, имаат голема и важна улога во менаџирањето на мигрантската и бегалската криза, која ја зафати цела Европа“, додаде Јолевски.
Јолевски истакна дека ако се земе предвид актуелната геополитичка ситуација во светот, во Европа и на Балканот, потребно е да се преземат стратегиски чекори. Интеграцијата на земјите од Југоисточна Европа е еден од тие стратегиски чекори. Знаеме дека постојат одредени критериуми или услови што треба да се исполнат. Земјите од регионот се подготвени да работат на нивно исполнување, но потребно е што побрза интеграција во колективните одбранбени системи.
Присутните сенатори и конгресмени истакнаа дека САД остануваат посветени на соработката со Европа, која е стратегиски партнер во борбата против тероризмот и сајбер-заканите. Ова, исто така, претставува приоритет и за претседателот Доналд Трамп и за неговата администрација. Новопоставениот секретар за одбрана и советник за национална безбедност се гаранција за успех во справувањето со овие безбедносни закани.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail