На Денот на Воздухопловната бригада

DSC_0170По традиција и веќе добро видено сценарио, под убавото летно сонце, на пистата пред хангарите кај што се сместени воздухопловите на АРМ, свечено се построени припадници на Воената бригада. Воениот оркестар тивко ги штима инструментите, гардистите се спремаат да ги изнесат знамињата. Преубав ден и свечена атмосфера. Маса луѓе составена од  семејствата и најблиските на припадниците на Воздухопловната бригада, голем број надлежни цивилни и воени авторитети, поканети гости од другите единици, многу цивили, едноставно, ведра и славеничка слика од касарната „Страшо Пинџур“ во Петровец.

Низа години наназад, овој деветти ден од месец јуни го посветуваме на Воздухопловната бригада. Тоа е нивни ден – Денот на единицата. Сме правеле многу историски осврти на таа тема, целата биографија, портфолиото на истата сме го пишувале многу пати. Сè е јасно, а и како нема да биде кога АРМ во својот состав има навистина моќна воздухопловна единица, влијателна, одликувана, репрезентативна, достојна на реномето, но и на тежината на задачата.

Во присуство на министерката за одбрана Радмила Шекеринска – Јанковска, НГШ генерал-потполковник Методија Величковски и многу други лица од цивилната и од воената хиерархија во МО и АРМ, Денот на единицата беше подготвен со прецизно сценарио во кое централниот дел беше предвиден за говор на министерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска- Јанковска.

Исклучително реална, прагматична, со видлива доза на оптимизам, министерката Шекеринска-Јанковска, не штедејќи зборови  ја пофали единицата за сите нејзини досегашни постигнувања. Потенцирајќи ги многуте  сегменти кои оваа единица ја карактеризираат во нејзиното функционирање, таа нагласи  дека сите позитивни трендови ќе продолжат уште поинтензивно, а на одредените проблеми кои секогаш ќе се јавуваат, адекватно и брзо ќе се одговори со цел Воздухопловната бригада секогаш да го има неопходниот работен импулс, во континуитет да може да бдее на нашето небо и да ја чува Р. Македонија.

Во поширокиот контекст на говорот, министерката Шекеринска ги информираше присутните гости  дека потполно е запознаена  со состојбите во одбранбениот сектор во државата, дека длабоко е навлезена во проблематиката на Армијата и посебно го истакна  задоволство што таа ја добила можноста да го води Министерството за одбрана и вети како министер одлична соработка со армијата,  со цел конечно да се исполни одамна зацртаната стратешката цел – целосна интеграција и членство во НАТО-Алијансата. Како што информираше министерката Шекеринска, патот кон  евроатлантските институции мора коплетно да се отвори за Р. Македонија и во најскоро време нашата држава целосно да се реализира во НАТО.

На крајот од свеченоста го проследивме тактичко-техничкиот збор и репрезентативниот налет на воздухопловите,  што навистина беше импресивно и несекојдневно доживување за сите присутни. Потоа следуваа моменти на релаксирано дружење и разговор со припадниците на Воздухопловната бригада, кои ни раскажуваа за некои нивни  лични искуства, анегдоти и стории од „височините“…
Воздухопловци среќно и во иднина!

Митко Василевски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail