Очекуваме поддршка за влез на Република Македонија во НАТО

МиSostanok na severnoatlantskiot sovetнистерката за одбрана на Република Македонија, Радмила Шекеринска присуствуваше на Состанокот на Северноатлантскиот совет, посветен на мисијата „Одлучна поддршка“, кој се одржа во седиштето на НАТО во Брисел и на кој учествуваа 39 министри за одбрана на земји-членки на НАТО и земји кои имаат учество во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан. Според изјавите на министерката за одбрана Шекеринска, целта на посетата беше Македонија да ја изрази својата поддршка кон мисијата „Одлучна поддршка“, но воедно да се истакне очекувањето дека земјата може да смета на идно членство во НАТО.

Во фокусот на дискусијата на Состанокот на Северноатлантскиот совет на НАТО во Брисел беше безбедносната состојба во Авганистан и иднината на мисијата „Одлучна поддршка“, во согласност со одлуката на шефовите на држави и влади на земјите-членки на НАТО од 25 мај, мисијата „Одлучна поддршка“ да продолжи и по 2018 година. Во таа насока министерката за одбрана Радмила Шекеринска во своето обраќање пред присутните на Состанокот истакна дека „Република Македонија од 2002 година дава континуиран придонес кон безбедноста на Авганистан, преку учеството на повеќе од 2.700 лица воен персонал во ИСАФ мисијата, а од 1 јануари 2015 и во мисијата ’Одлучна поддршка’. Во овој момент Република македонија има распоредено 39 лица воен персонал во мисијата ’Одлучна поддршка’ во Авганистан, односно штабен персонал, Единица за заштита на сили, инструктори и експерти за обука и советување во Регионалните команди во Кабул и Север“. Таа исто така ги потсети присутните за политичката криза низ која помина Република Македонија во изминатиот период и огромните напори кои треба да се вложат на внатрешен план за да се надминат проблемите и да се развива вистинска демократија која ќе придонесе за стабилност и напредок на државата. Во својата изјава таа нагласи дека Македонија со своето учество во меѓународните операции со години докажува дека е одговорен член на меѓународната заедница, подготвена да ги преземе обврските и одговорностите кои произлегуваат од членство во Алијансата.

Посетата на Брисел министерката за одбрана на Република Македонија ја искористи за повеќе билатерални средби со своите колеги – таа се сретна со министрите за одбрана на Италија, Норвешка, Турција, Франција, Австрија, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Албанија, БиХ. Шекеринска се сретна и со директорот за одбранбено планирање во НАТО, Пол Северо, потоа со претседавачот на воениот комитет на НАТО, генералот Петр Павел и со командантот на сојузничките сили на НАТО за Европа, генерал Мајкл Скапароти.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail