PANTSIR-S1

РУСКИ АРТИЛЕРИСКО-РАКЕТЕН СИСТЕМ ЗА ПВО

51„Pantsir-S1“ (руска ознака „Панцирь-С1“ или НАТО-код „SA-22“, односно „Greyhound“) е артилериско-ракетен систем за противвоздушна одбрана, дизајниран за заштита на витални воени објекти, индустриски капацитети и воени единици, како и за засилување на единиците за противвоздушна одбрана кои се одговорни за заштита на воени единици и инсталации од прецизно изведувани воздушни напади од мали и екстремно мали височини. Мобилната верзија на системот „Pantsir-S1“ вклучува: борбено возило (до шест возила во рамките на ракетна батерија), наведувани ракети „земја-воздух“, топови со калибар 30 мм, транспортер-возило за дотур на ракети и натоварувач (едно за две борбени возила) и средства за обука и одржување. Артилериско-ракетниот систем „Pantsir-S1“ е дизајниран од страна на „KBP Instrument Design Bureau“ од Тула, Русија, а се произведува од страна на компанијата „Ulyanovsk Mechanical Plant“ од Улјановск, Русија. Системот „Pantsir-S1“, за прв пат беше претставен кај јавноста во 1995 година, во текот на егзибицијата „MAKS“, која се одржа во близина на Москва. Во мај 2000 година, Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) нарачаа 50 системи „Pantsir-S1“, монтирани на возила на тркала 8 × 8, тип „MAN SX 45“. Оваа нарачка беше во вредност од 734 милиони долари, а првиот дел од нарачката беше испорачан во ноември 2004 година. Дополнително, беше побаран нов радар од страна на ОАЕ, а комплетниот систем им беше испорачан во 2007 година. Исто така, Сирија нарача 50 системи „Pantsir-S1“, а испораката започна во јуни 2008 година. Јордан нарача системи од овој тип (број на системите е необјавен). Во руските воздухопловни сили, првите 10 артилериско-ракетни системи „Pantsir S1“, влегоа во оперативна употреба на 18 март 2010 година.
Системот „Pantsir“ се произведувал во следните варијанти:
– „Pantsir-S1“ – монтиран на различни камионски шасии и на оклопни борбени возила и
– „Pantsir-S2“ – модифициран систем со зголемен дострел до 30 километри.
Вооружувањето на „Pantsir-S1“ се состои од дванаесет наведувани ракети „земја-воздух“, со ознака „57E6“ или „57E6-Е“ и два 30-милиметарски топови, со ознака „2A38M“. На системот е интегриран радар, способен за откривање на воздушни цели, на далечини поголеми од 30 km, со ефективна површина на одраз до 2-3 m2 и да ги следи целите на далечини поголеми од 24 km.

Системот „Pantsir-S1“ може да носи до дванаесет радио-командно водени ракети „земја-воздух“. На лансирната рампа се распоредени во две групи по шест контејнери. Ракетите поседуваат двостепен мотор на цврсто гориво и истите се запечатени во контејнери, подготвени за лансирање. Првиот степен е стартниот мотор, кој обезбедува нагло забрзување во првите 2 секунди од лет на ракетата, по што се одвојува од маршевскиот мотор. Вториот степен ја сочинува работата на маршевскиот мотор, кој ја движи ракетата до целта. Ракетата поседува: ракетен мотор кој е многу агилен дел на ракетата и е изработен од високоексплозивни прачки, фрагментирачка боева глава, контактна и близинска запалка, како и радиопрашувач и ласерски одговарач, сите наменети за наведување ракета на цел. Ракетата не е опремена со глава за самонаведување. Наместо тоа, високата прецизност и следењето/наведувањето на ракетата се обезбедува преку систем на сензори кои работат во различни фреквентни подрачја и систем за пренос на податоци за наведување, кои се пренесуваат преку радиолинк за максимално до четири ракети во лет. Поради тоа, може да бидат лансирани ракети по четири цели истовремено, а исто така, можно е гаѓање во плотун (две ракети на една цел). Производителот дава податок дека ракетата поседува веројатност за погодување на целта од 70-95% и има животен век од 15 години, ако се наоѓа запечатена во контејнери. „Pantsir-S1“, монтиран на борбени возила, може да оствари дејство и во движење.

Системот „Pantsir-S1“ обично се монтира на камионска шасија од возило тип „Урал-5323“, на платформа на која се инсталирани: вооружување, уреди, сензори, опрема за контрола и се наоѓаат членовите на екипажот. „Урал-5323“ е камион со четири оски и погон на сите тркала. Тркалата на првата и на втората оска се управувачки. Каминот користи дизел-мотор со воздушно ладење, кој обезбедува моќност од 290 к/с. Во руската армија, системот „Pantsir-S1“ е монтиран на шасија на „Камаз 6560“ со погон 8х8. Исто така, системот „Pantsir-S1“ е монтиран на шасија „GM-352M1E“, произведена од страна на белоруската компанија „Minsk Tractor Plant“.
Артилериско-ракетниот систем „Pantsir S-1“ има способност да дејствува истоверемно по две воздушни цели или да дејствува против 12 воздушни цели за една минута. Ефективен дострел на ракетите изнесува до 20 километри, максималната височина на лет на ракетата е до 8 километри, а за артилериски гранати дострелот е до 4 километри. Системот може да работи во пасивен режим, со користење на инфрацрвени канали во подрачје на големите бранови должини, со логичко процесирање на сигналот и автоматско следење на целта. „Pantsir-S1“ може да дејствува по речиси целиот спектар на воздушни закани, сите видови на прецизно водени оружја, особено ако летаат со брзина до 1000 м/с и се приближуваат од различни курсеви под агол од 0° – 10° до 60° – 70°, авиони кои летаат со брзини до 500 м/с, хеликоптери, далечински управувани летала, како и лесно оклопни непријателски возила и непријателска жива сила. Комбинацијата на ракетно и топовско вооружување му овозможува на операторот да обезбеди континуирано целта да се наоѓа во зона на лансирање (гаѓање), а со тоа и непрекинато дејство по целта, почнувајќи од максималниот дострел од 18 до 20 км, па сè до минималниот дострел од 200 m. „Pantsir-S1“ е опремен со радар кој работи во повеќе режими и оптички систем за контрола на вооружувањето, кои работат во UHF, EHF и IR-подрачјата од спектарот. Системот поседува висок имунитет на попречување, стабилен е во средина со електронско попречување и под непријателски оган.

Системот за контрола на оган на „Pantsir-S1“ вклучува набљудувачки и нишански радар (ознака „1RS2-1E“ за извоз), кој работи во UHF и EHF-бранова должина. Максималниот досег на набљудувачкиот радар изнесува од 32-36 km, а на нишанскиот радар 24-28 km, за цели со одраз 2 м2. Овој радар ги следи и целта и ракетата за време на нивниот лет. Како и радарот така и системот за контрола на оган има електро-оптички канал со термовизиска камера на долги бранови должини и инфрацрвени уреди за одредување правец на целта во однос на системот, вклучувајќи дигитална обработка на сигналот и автоматско следење на целта. Поевтината варијанта на овој систем е поедноставена заради намалување на трошоците и оваа варијанта е опремена само со електрооптички систем за контрола на огнот. Двата канали за наведување (радарски и електрооптички) се независни, што овозможува дејство по две цели во исто време.

Т.Д.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail