SUKHOI SU-24

АВИОН ЗА СИТЕ  ВРЕМЕНСКИ УСЛОВИ

6„Сухој 24“ (НАТО-име „Fencer“) е суперсоничен авион, дизајниран и развиен за сите временски услови во време на Советскиот Сојуз. Произведен е од страна на фабриките „Sukhoi Design Bureau Joint Stock Company“ од Москва и „Novosibirsk Aircraft Production Association“ од Новосибирск. Авионот е конструиран со променлива геометрија на крила. Ова бил првиот авион во СССР со интегриран дигитален систем за навигација и за напад.
Основната мисија на „Су-24“ е длабоко да навлезе на непријателска територија и да ги уништи сите површински и подземни цели во кои било временски услови од денот и ноќта. Варијанти на „Су-24“, исто така се произведени и се наменети за извидување и електронски контрамерки. Додека „Миг-21“ и „Миг-27“ биле дизајнирани за супериорност во воздухот, „Су-7“ и „Су-17“ за блиска поддршка, „Су-24“ е користен за копнен напад со ниска пенетрирачка височина. Тој е пошироко еквивалентен на англо-германско-италијанскиот авион „Tornado“. Во тоа време, британскиот магазин „Air international“ ќе напише: „Су-24“ е потенцијално најголемата закана за европските држави и на сите борбени авиони во служба. Тој има одлични карактеристики во вид на борбена носивост, долет и е во состојба да ги извршува напади, следејќи ја конфигурацијата на теренот“.
За првпат полетал на 31 декември 1971 година, а од 4 февруари 1975 година офи­цијално бил прифатен во употреба како „Су-24“. Вкупно биле произведени 1400 парчиња „Су-24“. Во 1974 година адмиралот Thomas Moorer во улога на Joint Chiefs of Staff US Armed Forces, ја дал сензационална изјава за изгледот на новата генерација на советскиот авион за напад, за кој експертите на НАТО го дале името „Fencer“ и првично го идентификувале како „Су-19“.
Авионот никогаш не се користел или не се третирал како стратешки бомбардер, иако бил наменет за извршување и на нуклеарен напад со нуклеарните бомби „TN-1000“ и „TN-1200“. Овој авион може да носи до 8000 килограми убојни средства, додека нормалниот капацитет е околу 4000 килограми. Замена за „Су-24“ е новиот „Су-34“, со можност за подолг дострел (Interdictor), кој е дериват на авионот „Су-27“, усвоен од страна на руските воздухопловни сили.
Најмногу се користи во руските и украински воздухопловни сили, како и во некои други држави. Од неодамна е особено попознат на јавноста кога руското Министерство за одбрана соопшти дека руски воен авион од типот „Су-24“ е соборен на границата помеѓу Турција и Сирија од страна на турското воено воздухопловство.

Карактеристики на авионот
Со текот на годините, моделите на „Су-24“ се модернизирани и надградени со модерна опрема. Со продолжување на животниот век, извршена е и надградба со: руски систем GLONASS, којшто е пандан на GPS, надграденa пилотска кабина со мултифункциoнални дисплеи, опрема за ноќно летање, дигитална мапа, наведувано вооружување и многу друга опрема и системи. Надградените верзии на авионот се назначени како „Су-24M2“. Како и да е, авиониката на авионот не била отсекогаш добрата страна, па поради тоа не можел да им парира соодветно на своите противници од западно потекло.
„Су-24“ има променлива геометрија на крилата до максимални 69°. Тие имаат четири позиции на подесувања: 16° за полетување и слетување, 35° и 45° за крстарење на различни височини и 69° за ниско крстаречко ниво. Променлива геометрија обезбедува одлични перформанси, дозволувајќи мала брзина на слетување од само 230 км/час. Сето ова овозможува и максимална брзина од 2 320 км/час на надморска височина од 17.500 метри. Способен е за полетување и слетување на кратки растојанија ( Short Take Off and Landing – STOL).
Од опремата за вооружување поседува монтиран топ под трупот, основна опрема за електронски контрамерки, радар за предупредување од напад, разни видови на ракети, проектили, бомби итн.
Надградбата на „Су-24М“ започнала во 1971 година со додавање на систем за полнење гориво во текот на лет и проширување на можностите на напад со уште поголем товар. Прототипот полетал на 29 јуни 1977 година, а бил прифатен во употреба во 1983 година. Овој модел е подолг за 0,76 м со додадена сонда за гориво. Има и нов инертен систем за навигација и дигитален компјутер.
Позната е и варијантата „Су-24МР“ (Fen­cer-E), како тактички авион за из­ви­ду­вање. Тој влегол во служба во 1983 година, не поседува радар за напад, топови и авионика за напад, во корист на панорамски камери и инфрацрвен систем за извидување. Тој, исто така, носи и други сензори. Информациите од сензорите лесно може да се пренесуваат во реално време до земските станици. Овие извидувачки авиони може да носат до два „воздух-воздух“ проектили за самоодбрана. Производство на „Су-24МР“ престанало во 1993 година, а најмалку сто од овие тактички извидувачки авиони биле изградени.
Варијантата „Су-24МР“ („Fencer-F“) честопати е користена за собирање разузнавачки информации од комуникацијата помеѓу луѓето (разузнавачка кратенка COMINT) или од електронски сигнали кои не се користени директно во комуникација (електронско разузнавање познато како ELINT). Авионот Fencer-F влегол во служба во 1983 година. Од овие авиони се произведени само 10 до 20 парчиња.

Оперативна употреба
Авионите „Су-24“ за првпат биле распоредени како воздушни сили на Советскиот Сојуз во Германија во 1979 година и во Полска. Денеска, значителен број на поранешни советски воздухоплови остануваат во служба во Азербејџан, Казахстан, Русија и Украина. Во 2008 година, околу 415 авиони биле во служба во рамките на руските сили, од кои 321 модел во руските воздухопловни сили и 94 во руската морнарица. Постои можност за замена на „Су-24“ со „Су-34“ во рамките на руските воздухопловни сили.
Како најзначајни места и боишта на употреба на авионот се следните:
– Советскиот Сојуз користел „Су-24“ во вој­ната во Авганистан, почнувајќи од 1984 г.;
– на 13 октомври 1990 година, сириските ави­они од овој тип влегоа во либанскиот воздушен простор заради реализација на воздушни напади. Вкупно седум авиони „Су-24“ се користеле во оваа операција;
– за време на операцијата „Пустинска бура“, воздухопловните сили на Ирак евакуирале 24 од своите 30 „Су-24MKs“. Само пет биле уништени на земјата, додека шестиот останал во служба по војната;
– авионите биле користени од страна на воздухопловните сили на Узбекистан против исламистичките и опозициските сили кои оперирале од Авганистан. Еден „Су-24“ бил соборен на 3 мај 1993 година со ракета „Stinger MANPADS“, истрелана од фундаменталистите;
– „Су-24“ се користел за време на Чеченската војна во улога на вршење бомбардирање и извидувачки мисии. Четири авиони биле изгубени;
– во август 2008 година, тензиите во отцепените грузиски региони Осетија и Абхазија ескалираа, со што се отвори војна помеѓу Русија и Грузија. Руските „Су-24“ биле вклучени во бомбашки напади и извидувачки летови над Грузија;
– за време на либиската граѓанска војна во 2011 г., бунтовниците соборија еден „Су-24MK“ на либиските воздухопловни сили со употреба на противвоздушно вооружување;
– почнувајќи од ноември 2012 година, 18 месеци од почетокот на граѓанската војна во Сирија и четири месеци од почетокот на воздушните напади, авионот „Су-24“ зеде учество за напад на бунтовничките позиции. Првата загуба за авионот беше извршена од страна на ПВО средство “Игла“;
– на 2 јули 2014 година, еден украински воздухоплов Су-24 беше оштетен од проектил од страна на проруските сили. Бил оштетен еден од моторите, но екипажот успеа да се врати во базата;
– на 23 септември 2014 година, еден сириски „Су-24“ бил соборен од израелска команда за воздушна одбрана (со проектил „Патриот“), откако навлегол 800 метри во израелски контролиран воздушен простор над Голанската Висорамнина. Проектилот го погодил воздухопловот кога овој повторно влегол во сирискиот воздушен простор.
Поголемиот инцидент се случи на 24 ноември 2015 година, кога еден руски „Су-24М“ авион беше соборен од страна на два турски авиони „Ф-16“ во близина на Турција и сириската граница. Екипажот се катапултира пред уривањето на авионот на сириска територија. Русија тврдеше дека авионот не го напуштил сирискиот воздушен простор, додека Турција го тврдеше спротивното и дека авионот по влегувањето во нивниот воздушен простор бил предупреден 10-12 пати, пред истиот да биде соборен. Од двајцата членови на екипажот кои се катапултираа, едниот преживеа, додека другиот беше убиен од страна на бунтовниците.

Драган Павловски

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail