ОБРАЌАЊЕ на Министерката за одбрана, г-ѓа Радмила Шекеринска на отворањето на “ЛЕТЕН КАМПУС – 2017” на 27.06.2017 година

Почитуван Декан на Воената Академија,

Ви благодарам за поканата и укажаната чест денес во Центарот за обука „Пепелиште“ во организација на Воената академија на Република Македонија, „Генерал Михаило Апостолски“ свечено да го отворам Осмиот меѓународен високо-образовен одбранбено-безбедносен проект Летен Кампус 2017 –та.
Ми претставува особена чест да Ве поздравам од мое лично име и од името на вработените во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија.

Почитувани питомци, студенти, професори и гости,

Меѓународниот Летен Кампус, од 2010 година, прерасна во препознатлив регионален, мултинационален и традиционален високо – образовен одбранбено – безбедносен проект на кој бројот на земји учеснички од година во година континуирано се зголемува. Денес овде со нас се вкупно 116 учесници од 12 земји, вклучително и Република Македонија.
Летниот Кампус 2017-та е пример за нашата заедничка регионална и мултилатерална соработка и за партнерството кое ја дефинира нашата заедничка безбедност и иднина. Тоа е позитивен момент и придобивка за сите нас, за сите земји кои испратија свои кадети и студенти да учествуваат на овој Летен Кампус. Од овде би сакала да испратам поздрав до земјите кои во изминатиов период на досега организираните Летни Кампуси беа негови учеснички, а од оправдани причини денес не се овде со нас, и да ги поканам на нивно повторно вклучување во овој традиционален високо – образовен одбранбено – безбедносен проект во Република Македонија од следната година.

Почитувани,

Република Македонија континуирано вложува ресурси во унапредувањето на интероперативноста на вооружените сили. Тука дефинитивно спаѓа и нашето инвестирање во регионалната соработка, центрите за обука и во образованието. Без луѓе, без кадри, без знаење не е можно да се оди напред, а ова го вклучува и нашиот одбранбен сектор и нашата Армија. Токму поради тоа сме горди и на денешната инвестиција која што преставува инвестирање на нашите сопствени сили, во капацитетите, во нашите идни генерации, но и во соработката со нашите традиционални партнери.
Соработката која ја имаат Министерството за одбрана и Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“ од Скопје со високо образовните институции, придонесе да на овој Летен Кампус своите знаења со учесниците ги споделат професори и експерти од САД, Велика Британија, Германија, Чешката Република како и професори и експерти од македонските универзитети.
Би сакала да напоменам дека максимално посветено работевме и на континуираното унапредување на капацитетите и на условите за обука. Армискиот полигон Криволак денес ги задоволува сите услови за обука на највисоко професионално ниво. Отворен е за армиите на нашите партнери и пријатели и заради тоа со голема гордост најавуваме дека и ова лето на овој полигон на највисоко ниво ќе ја подготвуваме и АРМ и нејзината соработка со нашите клучни стратешки партнери. Условите кои Ви ги нуди овој полигон преку неговите центри за обука, позитивно ќе влијаат во стекнувањето на Вашите нови вештини на денешните и идни кадети, но и во новостекнатото искуство и знаење на целокупната Армија на Република Македонија. Амбицијата и желбата за докажување нека бидат вашата водилка кон успешното совладување на наставните содржини предвидени со овој Кампус.
Летниот Кампус 2017-та нека биде пример за нашата заедничка регионална и мултилатерална соработка, како и за партнерства и пријателства кои ќе не водат напред. Тоа е позитивен момент и придобивка за сите нас, за сите земји кои испратија свои кадети и студенти да учествуваат на овој Летен Кампус. Споделените вредности ќе ги унапредуваме и негуваме бидејќи само на тој начин можеме да ги оствариме нашите заеднички цели и успешно да се справуваме со современите безбедносни предизвици.

Почитувани,

За крај дозволете ми да го прогласам меѓународниот високо – образовен одбранбено – безбедносен проект Летeн Кампус 2017-та за отворен. Уживајте во времето во Макеоднија, уживајте во сонцето и во партнерставата со колегите и експертите и уживајте во престојот и сите новостекнати знаења.
Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail