Обраќање на Министерот за одбрана, Н.Е Фатмир Бесими на Денот на високи гости на вежбата „Безбедна патека – 2012 по повод примопредавање на ROLE-2 полска болница 25.10.2012 година

• Пoчитувана колешке Министер за одбрана на Кралството Норвешка Ан-Грете Стром-Ериксен, • Почитуван Заменик Министер за одбрана, • Почитуван Директор на Генералштабот на АРМ • Почитувани Ваши екселенции, • Почитувани припадници на Армијата на Кралството Норвешка, • Почитувани припадници на Војската на Република Србија, • Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, • Почитувани Дами и Господа, Имам особена чест во името на Министерството за одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија, да Ве поздравам и да Ви се заблагодарам што одвоивте време со Вашето ценето присуство да ја збогатите церемонијата на свечено примопредавање на донацијата на РОЛЕ 2 болницата која од денес станува составен дел од воено медицинските капацитети на АРМ. Со поддршка од Кралството Норвешка Република Македонија исполнува значаен критериум во декларираните единици на земјата за учество во мировни мисии преку развој на подвижната болница од ниво 2. Со исполнувањето на оваа цел со подвижната болница од ниво 2 ќе се организира, опремува и подготвува поддршка за операциите предводени од НАТО со што се исполнува значаен критерим во евроатланските интеграции. Персоналот за пополна ќе се обезбедува од капацитетот на Воено медицинскиот центар, од активната резерва и веројатно од јавното здравство на Република Македонија, кои заедно со материјалната база и соодветната обука ќе создадат целосни услови за исполнување на прифатените обврски и дел од декларираните сили на АРМ до крајот на идната година. Во таа насока вложуваме многу напори и успеаваме да креираме ефикасна и кредибилна воено-медицинска служба со која, горд сум како Министер за одбрана Република Македонија дава голем придонес кон меѓународните операции: операцијата АЛТЕА во БиХ а во изминатиов период и во рамките на норвешкиот тим во Мејмана, Авганистан со хируршки тим. Почитувани, Навистина ми е драго што нашата цврста заложба за зајакнување на придонесот кон меѓународните операции денес станува наша реалност. Донацијата на оваа болница РОЛЕ 2 (ROLE 2 Medical Treatment Facility) со вредност од преку 2 милиони евра, ќе даде значаен придонес кон подобрувањето на капацитетите на АРМ за учество во меѓународните операции предводени од НАТО, ЕУ или ООН. Почитувани, Поздравувајќи ја помошта од Кралството Норвешка на севкупните Евро-Атлантски напори на Република Македонија, уште еднаш би сакал Ви се заблагодарам почитувана Министерке на Вашата земја за несебичната материјална и финансиска поддршка неопходна за успешната реализација и на овој наш заеднички проект, изразувајќи надеж дека во иднина ќе имаме можност за нови форми на соработка и заеднички успешни проекти. На крајот дозволете да и се заблагодарам за учеството на заедничката вежба „Сигурна патека„ на која покрај Република Македонија учествуваат и медицински тимови од Република Србија и Кралството Норвешка. Регионалната доверба се потврдува токму преку овие заеднички проекти на соработка во областа на обраната, мирот и безбедноста. Ви Благодарам многу.  

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail