31. СВЕТСКО ВОЕНО ПРВЕНСТВО ВО БОРЕЊЕ ГОВОР НА Н.Е. ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА 21. септември 2016 година


Ми претставува големо задоволство и привилегија да Ви посакам срдечно добредојде во Република Македонија и многу успеси на 31.светско воено првенство во борење. Исто така, јас сум почестен да говорам на отворањето на овој исклучително важен спортски настан во борење. Армијата на Република Македонија и граѓаните се особено горди што сме ваши домаќини. Македонскиот народ е познат по своето гостопримство и се надевам дека ќе уживате во вашиот престој.

Војниците се први на браникот на својата земја, тие се први во меѓународните мировни мисии и операции за да им помогнат на граѓаните и владите на други земји во обезбедување на мир и безбедност. Но тие се и први во градењето на, како што велите, „пријателствата и по оружје“. Сигурен сум дека вие ќе станете и „пријатели низ спортот“. Вашите трајни и силни пријателства се од голема важност за извршување на вашите воени задачи за помирен и подобар свет.

Драги спортисти,
Драги пријатели,

Учеството на преку 420 спортисти, жени и мажи, од 32 земји од 4 континенти говори за вашиот дух на пријателство преку спортот, говори дека верувате во вашите способности.

Република Македонија има долга и голема традиција во борењето и затоа сме среќни што ни се укажа можноста да бидеме домаќини на ова воено светско натпреварување. Организацискиот комитет на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија се обврза да обезбеди најдобри услови за подготовки, тренинг, престој и натпревар во нашата прекрасна земја. Во тоа имавме голема помош од Владата на Република Македонија, Агенцијата за млади и спорт, Федерацијата на боречки спосртови на Македонија, градот Скопје, овој извонреден “Спортски Центар Борис Трајковски“ и поголем број приватни компании. Голема благодарност до сите нив.

Се заблагодарувам и на членовите на организацискиот комитет кои неуморно работеа и работат за ова првенство да помине во најдобар ред.

Јас сум убеден дека во Вашите спортски борби ќе дадете се од себе и во духот на спортски фер плеј ќе ги браните боите на вашите земји. Ние ќе уживаме во Вашите борби. А дома Ви посакувам да се вратите со медалји, незаборавни спомени од Република Македонија и силни пријателства.

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail