Обраќање на министерката за одбрана на република Македонија, Радмила Шекеринска по повод Денот на Полкот за специјални операции касарна Илинден, 01.03.2018 година

Ми претставува особена чест и задоволство да ве поздравам, да ви се обратам и да ви го честитам денот на Полкот за специјални операции. Со своето формирање на 1 март 1994 година, оваа единица го означи почетокот на професионализацијата на Армијата која се покажа како успешна и како единствена алтернатива за современа одбранбена структура на нашата татковина. Од самото формирање, до денес, како единица бевте изложени на зголемени ризици и изразени предизвици. Се соочувавте со проблеми кои бараа тактики, техники, решенија и процедури и кои претставуваат и научена лекција не само за нашите вооружени сили, туку и за партнерите од НАТО со кои стоевте рамо до рамо. Афирмацијата за вашите успеси и подвизи не доаѓа само од нас. Комплиментите кои ги добивате не доаѓаа само од вашите надредени. Тие доаѓаа од сите наши меѓународни партнери и се однесуваа на вашите достигнувања и на домашен и на регионален и на меѓународен план. Учеството во комплексни операции и опасни мисии како „Слобода за Ирак“, „Феникс“ и ИСАФ во пракса ги демонстрираа вашите знаења и вештини. Денешното учество на АРМ во „Одлучна поддршка“ каде што припадниците на АРМ повторно се стекнуваат со највисоки награди покажува дека сме на вистински пат и дека можеме и повеќе. Единицата за специјални операции се смета за огледало на една армија. За одраз на начинот на функционирање во неа и токму затоа високите критериуми за селекција на кандидатите кои имаат желба, но и маат и способности за тоа мора да биде клучна норма во вашите редови.

Честа и достоинството, упорноста и доследноста, мора да се наш заеднички знак. Непоколебливоста, одлуката да се стави животот во служба на татковина се ваше име и дефиниција на оваа единица и нејзината важна мисија. Изминатата година беше тешка и важна година за нашата земја. Закрепнуваме од тешка криза со многу заостанати проблеми за решавање. Вие, припадниците на АРМ и припадниците на Полкот за специјални операции тоа најдобро го знаете. Но, и покрај предизвиците одлучивме да одиме напред. Пред 5 месеци стоев вака пред ваши колеги, припадници на Армијата на Република Македонија и свесна сум дека кога најавив дека ќе работиме на подобри услови за работа во Армијата, многумина од вас ме гледаа со сомнеж дали тоа ќе се исполни. Свесна бев дека кога најавивме зголемување на платите на припадниците на АРМ постоеја многу дилеми и прашања дали тоа навистина ќе се случи. Сакам да ви кажам и за вас и за мене зборот мора да е збор. и затоа ми е задоволство  што сум ваш гостин на вака важен ден по завршување на уште еден месец во кој успеавме да обезбедиме покачување на сите плати на припадниците на АРМ. Но, нашите војници заслужуваат и подобар живот и подобри услови за работа и затоа и покрај тешката финансиска состојба успеавме да обезбедиме 15% зголемување на буџетот за одбрана, но преземавме и обврска секоја наредна година придонесот кон одбраната ќе се зголемува за 0,2 процентни поени од бруто домашниот производ. Планираме и мора средствата кои што ги имаме на располагање да ги користиме успешно, ефикасно и многу домаќински. Оваа година влегуваме во решавање на еден од големите проблеми со кои за жал се соочуваше Армијата. Обезбедивме 90 милиони денари кои што ќе бидат наменети за основна униформа и чизми и вкупно 120 милиони денари за подобра интендантска опрема, соодветна за Армијата на Република Македонија. Во последните 8 месеци инвестиравме 16 милиони денари и во занемарената физичка инфраструктура за подобрување на условите за работа во Армијата и Министерството и свесни сме, и свесна сум, дека тоа не е доволно. Токму затоа во оваа година и во овогодишниот буџет обезбедивме средства за реконструкција токму на објектите на ренџерите и баталјонот за врски овде во касарната „Илинден“. Ќе вложиме 62 милиони денари  од буџетот на одбраната за подобрување на инфраструктурата и тоа ќе биде само почеток. Но, за да сево ова биде возможно ќе ни треба целосна мобилизација и од страна на целокупниот раководен кадар во АРМ за да обезбедиме парите да се употребата  на вистински начин, ефикасно и до крајот на годината да ги реализираме сите овие средства.

Набрзо ќе биде објавен и новиот повик за професионални војници кои што треба да претставуваат плус за сите единици но кои што треба да го подмладат составот на Армијата на Република Македонија. Оние кои со успех ќе ја поминат селекцијата ќе донесат свежина, ќе го подмладат составот и  се надеваме дека ќе продолжат по патот на успехот. А, од вас поискусните останува одговорноста да ги водите и да ги насочите кон вистински вредности. Оваа година ја зголемуваме и регионалната соработка помеѓу специјалните сили и сакам да најавам дека ги направивме сите неопходни подготовки да имаме заеднички активности и вежби со специјалните сили на Хрватска, на Република Бугарија, но и на регионален план.

На вежбата која ќе се одржи во Бугарија во октомври 2018 година ќе учествуваат припадници на армиите на земјите-членки на Б-9 иницијативата и помеѓу останатите Србија, Турција, Грција Романија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Албанија, ќе бидете присутни и вие.

Сакам овдека да го забележам и фактот дека не сте само еден чекор понапред во смисла на физички подготовки, сила и борбено искуство. Навистина вчера ми беше задоволство да ги слушнам нашите советници од САД и Обединетото Кралство кои што истакнаа дека токму придонесот на претставниците на вашиот полк кон изработката на новиот стратешки одбранбен преглед бил неколку чекори пред придонесот на останатите. Така треба да биде и тоа покажува дек специјалните сили не се специјални само по својата сила, туку и по својата определба да се посветат на реформите во Армијата.

Република Македонија ја дефинираше својата стратешка цел – членството во НАТО. Сакам да ви се заблагодарам за сè што направивте Македонија да ја претставувате во вистинско светло, да и помогнете на Македонија да се посвети и да ги реши своите внатрешни предизвици во тешки времиња. Но, сакам да порачам и дека се кој чекор напред кон членство во НАТО алијансата ќе биде чекор напред за стратешките интереси на Македонија, за нејзиниот напредок, за нејзината стабилност. Ќе биде чекор напред за силата на Армијата на Република Македонија, но и чекор напред за стандардот и условите за работа на сите припадници на Армијата. Заедно можеме повеќе,  заедно со вас можеме секогаш да бидеме и еден чекор понапред.

На крајот дозволете ми да ви го честитам уште еднаш денот на единицата.

Да живее Република Македонија

Да живее Армијата на Република Македонија

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail