ОБРАЌАЊЕ НА МО РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА по повод Денот на Воздухопловна бригада 09.06.2017

Почитувани старешини и војници,
Почитувани гости и претставници на медиумите,

Сакам да го изразам моето задоволство но и огромна чест што сум денес со Вас, што сум денес пред Воздухопловната бригада која што прва ја посетувам во својство на министер за одбрана.

Дозволете да ви го честитам Денот на военото воздухопловство, а воедно и 25 годишнината од формирањето. Тоа за некои држави можеби мал, но за Република Македонија е голем и значаен јубилеј. Денес прославуваме и 25 години од првиот лет на воен воздухоплов кој исто така за една држава како Република Македонија претставува значаен јубилеј. Иако со скромни материјални ресурси, но со голем ентузијазам на персоналот, на секој од вас, на сите тие пред вас, Военото Воздухопловство на Република Македонија, во овие 25 години прерасна во воена организација со значајни капацитети.

Сакам да искажам почит и во името на Владата на Република Македонија и во името на граѓаните на Република Македонија кон сето она што сте го работеле и постигнале до сега, како во рамки на Армијата на Република Македонија така и пошироко. Не смее да се заборави и Вашата улога при справувањето со различни елементарни непогоди кои ја погодија Република Македонија во минатото, особено Вашиот ангажман при гасење на пожарите и справување со други катастрофи. Граѓаните на РМ како цивили мислат на безбедноста тогаш кога им е загрозена, но вие мислите на нашата безбедност секој ден во тек на вашата служба и за тоа ви изразувам голема почит. Персоналот на Военото воздухопловство и воздухопловите на АРМ секогаш беа подготвени да помогнат на населението кога имаше потреба.

Изминативе 25 години беа исполнети со големи предизвици. Пред тие предизвици бевте исправени сите вие како припадници на Военото воздухопловство. Еден од најголемите предизвици кој стои допрва пред сите нас, пред вас и пред нас кои обезбедуваме поддршка на вашите реформи и вашата работа, секако е зачленувањето во НАТО. Ни претстои период на сериозни реформи во кој е потребно активно, одговорно и отчетно учество на секој од нас, во функција на одржување и остварување на сите цели и задачи кои сме ги поставиле.

Убедена сум дека Военото воздухопловство е подготвено успешно да одговори на овој предизвик, како што одговори и на предизвиците досега. Со Вашите успешни мисии, со вашите учества на повеќе вежби организирани од НАТО, како и Вашето учество во мисијата на ЕУ „АЛТЕА“ во БиХ веќе покажавте дека Вашите припадници се подготвени да извршуваат задачи и во рамките на НАТО структурите.

Информирана сум дека во минатиов период, поради неповолни материјално-технички услови, активностите во Воздухопловната бригада бележеа и одредени проблеми и стагнација. Мојата цел како министер за одбрана ќе биде еден по еден овие проблеми да ги надминуваме. Да го зголемиме и интересот кај нашите млади за пријавување на Воената академија, дури и во вака тешка структура како што е вашата. Можам да Ви кажам дека лично ќе се ангажирам овој тренд да се надмине. Заедно ќе вложиме напори за подобрување на сите работни услови во Воздухопловната бригада.

Од сите нас, од сите Вас очекувам посветеност кон извршување на задачите. Министерството за одбрана ќе биде тука за да Ве подржи во успешно справување со сите предизвици со кои ќе се соочите во иднина. Како министер за одбрана секогаш ќе посветам време и енергија да ги најдеме заедно најдобрите решенија за проблемите со кои се соочува Армијата, но и проблемите со кои се соочува Република Македонија. Нашата цел е безбедна држава. Нашата цел е просперитетна држава која ќе знае дека не мора да се грижи за својата сигурност, за својата сувереност, за својата независност.

Затоа, честитајќи ви го уште еднаш јубилејот, ви се заблагодарувам на секој од вас поединечно за големата жртва и големата мисија која ја вршите за својата татковина.

Да живее Армијата на Република Македонија!
Да живее Република Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail