ГОВОР НА МИНИСТЕРОТ ЈОЛЕВСКИ ПО ПОВОД ПРИЕМОТ НА ПРОФЕСИОНАЛНИ ВОЈНИЦИ НА АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, 09 МАРТ 2017, СКОПЈЕ , КАСАРНА ИЛИНДЕН

Почитувани,

Ми претставува особена чест и задоволство што денес овде пред нас се построени новите професионални војници припадници на Армијата на Република Македонија заедно со искусните и докажаните војници. Ви го честитам изборот на воената професија и Ви посакувам добредојде во Армијата на Република Македонија.
Оваа година е значајна за нас и по уште една друга причина, а тоа е дека оваа година Армијата ќе го прослави својот 25-ти роденден. Сите овие години, од почетокот па до денес упорно и посветено градиме Армија која ќе биде подготвена за заштита на територијалниот интегритет на Република Македонија и да ги изврши своите други уставни функции. Овие 25 поминати години, АРМ постави стандард за квалитет за тоа што значи вистински воин. Храброста, патриотизмот, обученоста, чесноста, одважноста и креативноста на припадниците на АРМ се препознатливи и високо цените во армиските структури и безбедносните структури во РМ и надвор од неа. Затоа граѓаните на Република Македонија се гордеат со нашата армија.
Меѓутоа, клучен елемент за успехот на секоја Армија е високо обучениот, мотивиран и квалитетен професионален воен персонал. Овој прием, како и со претходните контингенти на прием, сакаме да ја покачиме и зголемиме посакуваната пополна на единиците со високо квалитетен, способен, мотивиран и обучен персонал. Покрај тоа, со денешниот промоција на нови 9 професионални војници во специјалните сили истовремено ја подобруваме и пополната и квалитетот на полкот за специјални операции.
Со цел за натамошно јакнење на Армијата, а врз основа на изнесените потреби од единиците, Владата на Република Македонија и Министерството за одбрана ставија фокус на опремувањето со најсовремени материјално – технички средства и зајакнување на веќе воспоставените цели на РМ за членство во НАТО алијансата.

Почитувани новопримени професионални војници,
Сигурен сум дека денешниот ден ќе биде посебен ден во Вашиот живот и засекогаш ќе го паметите. Во изминатиот период, Вие поминавте низ ригорозен процес на селекција и докажавте дека сте најдобри меѓу најдобрите. Вие имавте силна волја, мотивација и желба да бидете избрани и да ја носите униформата на Армијата на Република Македонија. Униформа, која претставува гордост и престиж за секој граѓанин на нашата татковина. Искрено Ви честитам за вашиот личен успех и за вашиот нов почеток во кариерата во воената професија. Но со ова, Вие го направивте само првиот чекор за влез во редовите на АРМ. Понатака треба да работите посветено, чесно и хумано. Вашата подготвеност, енергија, амбицијата и желбата за успех нека бидат основата на која ќе се темели напредокот во вашата кариера. Вие останете посветени во вашата работа, заради Вас самите, заради вашите семејства, но над се за татковината – Република Македонија. Токму затоа, вас ви претстои период исполнет со предизвици и многу работа.
Денес, сите вие припадници на Армијата на Република Македонија без разлика дали сте старешини или професионални војници, морате да знаете дека професионалноста се докажува постојано, со секојдневното изведување на поставените задачи без разлика каква должност ви е дадена. Вие, мора да знаете дека ваша основна функција е борбената готовност, што значи подготвеност да се исполни уставната функција на Армијата на Република Македонија, а тоа е бранење на територијалниот интегритет, суверенитет, независност и унитарниот карактер на Република Македонија.
Стручното усовршување и тренингот се битни елементи за вашиот развој во оваа професија. Потребата од Ваше понатамошно усовршување во време кога современата технологија напредува со галопирачка брзина е сè поголема. За тоа паралелно со напорната работа вие треба да продолжите со Вашето усовршување бидејќи само на тој начин можете да станете воин од висок ранг кој ќе придонесува за развојот на вашите единици и напредокот на армијата воопшто.
Како министер за одбрана јас сум убеден дека Вашите претпоставени старешини постепено ќе ве воведуваат во тајните на воената професија, ќе ви ги пренесуваат нивните вештини и богати искуства како приапдници на Армијата на Република Македонија.
Почитувани ново примени професионални војници на Армијата на Република Македонија, дозволете ми уште еднаш на крај да Ви го честитам приемот и да ви посакам успешна работа и напредок во кариерата.

Да живее Република Македонија!
Да живее Армијата на Република Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail