ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРОТ ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ, ПО ПОВОД 10-ГОДИНИ ВОЕН МУЗЕЈ, Порта Македонија, 31.05.2016

Почитувани,

Ми претставува особена чест и задоволство што денес заедно со вас ќе го одбележиме јубилејот на Воениот музеј  – 10 години од формирањето на Воениот музеј, во ова прекрасно здание и амбиент, со придружен настап на Баталјонот за почести на Армијата на Република Македонија.

Со одбележување на значајни јубилеи на институциите на самостојна и суверена Република Македонија ја славиме и слободата и независноста на граѓаните на нашата држава.

Во 2006 година Министерството за одбрана со поддршка на Министерството за култура го основа Воен музеј како прв специјализиран национален музеј со основен фонд на експонати од спомен собите на единиците на Армијата на Република Македонија. Тимот на експерти предводен од професорот Ванче Стојчев во периодот од март до јуни 2006 година ги заврши сите подготовки за почеток со работа на Воениот музеј. За свеченото отворање на Воениот музеј, Министерството за одбрана во соработка со Министерството за култура и Националните установи Музеј на Македонија и Завод и Музеј на Град Охрид времено ги изложи најексклузивните примероци на старо оружје и военоисториски содржини од Македонија кои датираат од антиката до најново време и кои заедно со изложеното културно наследство од спомен собите на АРМ беа вистинска атракција за посетителите.

Заради приближување на содржините на Воениот музеј кон пошироката јавност со Одлука на Владата на Република Македонија од 2008 година Воениот музеј функционира и се развива во централно градско подрачје на просторот под Скопската тврдина Кале.

Во изминатите десет години Воениот музеј во состав на Министерството за одбрана, оствари значајна соработка со Министерството за култура, со МАНУ, со државниот архив на Република Македонија, со други институции и голем број граѓани од Република Македонија и од странство.

Министерството за одбрана со формирањето на Воениот музеј пред 10 години создаде основни услови за освежување и збогатување на индивидуалното и колективното паметење за нашето воено минато. На тој начин, Воениот музеј се развива како извор не само на патриотизмот, туку и на сознанија за заедничкото живеење на различни етнички заедници и религии, за заедничката борба на Македонците, Албанците, Турците, Власите, Србите, Ромите, Бошњаците и другите, за слобода и создавање на независна и самостојна држава – Република Македонија.

Воениот музеј има особено значење како место каде што се собираат експонати за личности и настани од долговековното воено минато на земјата. Овие експонати се потсетување за нашата татковина, но и за идните поколенија.

Воениот музеј е единствената национална институција каде систематски се собираат и чуваат изворите и културното наследство за современата вооружена сила на нашето општество – Армијата на Република Македонија. Во Воениот музеј се чуваат експонати од учеството на нашите мировници во меѓународните мисии  од НАТО, Обединетите нации и Европската унија.

Кога зборуваме за музеи, битно е да кажеме дека од нив можеме многу да научиме за нашето минато, но тие се светлина и за нашата иднина. Со изучувањето на тоа што нашите предци го направиле за да имаме слободна и независна Република Македонија, ние и учиме како да ја браниме татковината во иднина.

Да живее Република Македонија.

Да живее Армијата на Република Македонија.

Ви благодарам.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail