ГОВОР НА НАЧАЛНИКОТ НА ГЕНЕРАЛШТАБОТ НА ЦЕНТРАЛНАТА ПРОСЛАВА НА ДЕНОТ НА АРМ, Центар за обука на вода, Охрид

Почитуван господине Претседател на Република Македонија,

Почитуван господине Претседател на Собранието на Република Македонија,

Почитувани поранешни претседатели на Република Македонија,

Пoчитуван министер за одбрана,

Почитувани министри во Владата на Република Македонија,

Почитувани поранешни министри за одбрана и поранешни началници на Генералштабот на АРМ,

Почитувани поглавари на верските заедници во Република Македонија,

Почитуван адмирал Локлиер,

Ваши екселенции амбасадори и претставници на воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија,

Почитувани генерали и старешини, почитувани војници,

Почитувани претставници на медиумите, дами и господа, драги гости.

Ми претставува особена чест денес да ви се обратам во Охрид и на сите припадници на Армијата на РМ да им го честитам денешниот празник. На почетокот би сакал да искажам благодарност до Претседателот на Република Македонија и Врховен командант на ВС и на другите институции кои  учествуваа во изборот за нов Началник на Генералштабот, на укажаната доверба да застанам на чело на АРМ како нејзин деветти Началник на Генералштабот.

Во овој за мене исклучителен момент, без намера да ги сокријам моите чувства, среќен сум и горд што во изминативе деветнаесет години, како и бројни припадници на АРМ, сум вложил дел од себе во развојот на Армијата, со што таа денес е една од најуспешните институции во Република Македонија. Но, да се биде на чело на Армијата на Република Македонија, е потребно повеќе од силна желба, потребно е знаење, стручност, одговорност, визија, потребно е пред се лидерство. Професионализмот, препознатливиот култ на војничката професија и кодексот на однесување, високиот рејтинг во земјата и во странство, како и ефикасноста при извршувањето на сите задачи, се дел од втемелените вредностите кои ја красат АРМ, што секако за мене како нов Началник на Генералштаб претставува обврска не само тие да се сочуваат, туку и да се надоградуваат. Успешното водење на Армијата на Република Македонија за мене ќе значи континуитет на трудот, посветеноста, ентузијазмот и мотивираноста да се биде најдобар. Високите резулати кои ги постигнуваме, како и меѓународниот углед се стекнати со огромни напори и во исклучително тешки услови, а благодарение на беспрекорното извршување на мисиите предводени од Организацијата на Обединетите Нации, Европската Унија и Северно- Атлантската Алијанса, заради што АРМ денес е не само рамноправен, туку и посакуван партнер на Алијансата.

Почитувани,

Во пресрет на одбележувањето на дваесет години од независноста на Република Македонија, ние, припадниците на АРМ сме особено горди што со нашиот професионален ангажман како амбасадори на мирот, веејќи го македонското знаме, на различни страни од светот, на најдобар начин ја афирмиравме нашата татковина, Република Македонија. Она што пред целокупната јавност и припадниците на АРМ од ова место сакам да го порачам како нов Началник на Генералштабот се главните императиви на кои заедно со целиот персонал ќе бидеме фокусирани:

- продолжување на реформските процеси во согласност со новите безбедносни  предизвици  и следење на новите стандарди на НАТО со цел да ги извршиме уставните задачи и  да постанеме членка на НАТО алијансата.

- имплементација на новата структура на силите и остварување на динамичен план за нејзино ставање во сила;

- подобрување на животниот стандард на припадниците на АРМ и реализација на плановите за долгорочен развој, опремување и модернизација на Армијата;

- јакнење на лидерството, моралот, единството и сите останати високи морални вредности кои ја издигнуваат нашата професија како чесна професија во служба на државата и нејзините граѓани;

-  подобрување на соработката и координација со сите субјекти во доменот на одбраната и безбедноста како и поддршка на цивилните структури

- продолжување и јакнење на соработката со партнерите во НАТО, но и меѓу-армиската соработка на билатерален и регионален план.

Целосно сум свесен дека за остварување на вака поставените приоритети покрај останатото е потребна висока обученост, ред и дисциплина и финансиски средства. Не се сомневам дека во АРМ има капацитет истото да се реализира и искрено верувам, дека новата генерација која е во редовите на АРМ ќе истрае на реформскиот пат и дека и понатаму со постигнувањето на високи резултати ќе дава силен импулс кон  полноправното членство на Република Македонија во НАТО.

Ме радува фактот дека усвојувањето на ДПРО одобрен од страна на Владата на РМ од 2012-2020 година обезбедува континуирано зголемување на финансиските средства. Токму тоа е клучно за обезбедување на одржлив развој.

Ја користам приликава да му се заблагодарам на досегашниот Началник на Генералштабот, генерал – потполковник Мирослав Стојановски за неговиот личен ангажман, кој со упорноста, истрајноста и лидерството, остави впечатлив белег во развојот на АРМ и кој со неговите дела ни наметна обврска да продолжиме во изградбата на модерна и високообучена Армија.

На крајот, сакам да ве уверам дека можете да сметате на мојата целосна подготвеност да им се посветам на сите обврски и задачи кои произлегуваат од мојата должност, за што ќе сметам на поддршката како од Министерството за одбрана, така и од припадниците на АРМ и останатите институции во државата.

Меѓусебното почитување,одговорноста, професионалноста, дисциплината и лојалноста ќе бидат код во мојата работа која заедно со сите припадници на АРМ ќе придонесе за безбедна и просперитетна Република Македонија.

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail