ГОВОР НА ЗОРАН ЈОЛЕВСКИ, МИНИСТЕР ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА ФЕСТИВАЛ НА ВОЕНА МУЗИКА „МАКЕДОНИЈА СИЛНО ЧЕКОРИ НАПРЕД“ Скопје 02 Мај 2017 ГОДИНА

Почитувани,

Добро дојдовте во Домот на Армијата на Република Македонија каде сме домаќини на Првиот Фестивал на Воена музика организиран во историјата на суверена, самостојна и независна Република Македонија. Со звуците од Воениот оркестар нашите војници и старешини цврсто чекорат под државното знаме и знамето на својата единица како горди носители на слободарските традиции и како чувари на мирот и безбедноста дома и во странство.

Денешната свеченост е резултат на заложбите на Претседателот на Република Македонија и Владата на Република Македонија преку Министерството за одбрана за постојана промоција и збогатување на културното и воено-историското наследство кое се негува во единиците на Армијата на Република Македонија.

Дваесет и пет години, Армијата на Република Македонија се гради врз борбените традиции на револуционерните чети и народноослободителната војска на Македонија.

На денешниот ден, на втори мај 1903 година е направен важен чекор на патот кон слободата и државноста на Македонија. На втори мај 1903 во село Смилево започна конгрес на Македонската револуционерна организација на кој е донесена одлука македонскиот народ заедно со своите сотатковинци од другите народи и вери да ја започне вооружената борба за слобода, овековечена со Илинденското востание.

На Смилевскиот конгрес 1903 година е избран Главниот штаб на востанието на чело со Дамјан Груев и е донесен Востанички дисциплински устав во кој е пропишано „востаникот додека е жив да го пази знамето и секој е должен да му прави скапа постела на знамето од своето сопствено тело та дури тогаш да падне“.

Денес на 2 мај 2017 година со овој фестивал на Воена музика им оддаваме почит на нашите славни претци кои со песна на усните, бестрашно чекореле дури и во смрт за слободна Македонија. Со гласни извици „Слобода или смрт“ во текот на револуционерната борба и „Смрт на фашизмот – слобода на народот“ во текот на Народноослободителна и антифашистичка војна нашите претци ја извојуваа државноста на Македонија.

Во спомен на сите херои кои го положиле животот за независна Република Македонија, со уверување и заложби дека „Македонија силно чекори напред“ Министерството за одбрана на Република Македонија распиша „Конкурс за оригинална македонска чекорница“ со цел збогатување на фондот на оригинална македонска воена музика. Денес ќе ги слушнеме и избереме најдобрите композиции од конкурсот во изведба на Воениот оркестар на АРМ.

Дозволете во оваа прилика да упатам благодарност до сите заслужни за реализацијата на овој настан, до моите соработници во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, до Воениот оркестар, Факултетот за музичка уметност при Универзитетот Св. Кирил и Методиј – Скопје, хорот Св. Злата Мегленска, до учесниците на конкурсот и членовите на конкурсната комисија како и до сите медиуми кои известуваат за денешниот настан.

Ви благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail