ГОВОР НА НАЧАЛНИКОТ НА ГЕНЕРАЛШТАБОТ ПО ПОВОД ПРОСЛАВА НА ДЕНОТ НА АРМ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ГШ И МО

Скопје, 17.08.2012 година

Почитуван господине министер Фатмир Бесими,
Почитувани претставници од кабинетот на претседателот на Република Македонија,
Почитувани поранешни министри и началници на Генералштабот на АРМ,
Господа генерали,
Припадници на Министерството за одбрана и Генералштабот,
Почитувани претставници на медиумите,
Почитувани гости, дами и господа,

Да се биде припадник на Армијата на Република Македонија претставува огромна чест, задоволство, но и обврска. Императивите, обврските и одговорностите кои произлегуваат од војничката професија, подеднакво ја делат сите припадници на АРМ, без разлика на чин, должност, национална, верска или полова припадност. Непосредно пред Денот на Армијата, во годината кога го прославуваме јубилејот ,,20 години АРМ”, ова е уште една прилика да се потсетиме на најважните моменти кои го одбележаа развојот на АРМ.

Сите генерации на АРМ вложија огромен и несебичен професионален ангажман за формирањето и развојот на АРМ во изминатиов период. Тоа е период од 20 години. Период на кој со доза на емоции се присетуваме сите.

Водени од сознанието дека Армијата претставува еден од главните атрибути на независноста и сувереноста на Република Македонија, како и вековниот стремеж за остварување на идеалите на илинденците и борците на Народноослободителната борба, изминатиов период вложивме многу труд, АРМ да прерасне во модерна и респектабилна сила, која денес ужива висок углед, како во државата, така и во меѓународни рамки.

Во развојот на АРМ бележиме повеќе фази, од Армија со обемна и слабо подвижна структура, составена од три армиски корпуси, создадовме Армија со целосен професионален состав, димензионирана за брзо распоредување, високо обучена, соодветно опремена и со компатибилна командна структура според нашите потреби и стандардите на НАТО.

Пристапувањето на Република Македонија во Партнерството за мир во 1995 година, беше уште еден импулс за продолжување со реформските процеси кои се однесуваат на организациско -формациската структура, военото образование и обука, развојот на подофицерскиот и офицерскиот кор, модернизацијата и опремувањето, развојот на меѓуармиската соработка, развојот на воената дипломатија…

Накусо, како членка на Партнерството за мир, спроведените реформи и исполнувањето на одредени стандарди ни овозможија за прв пат во 2002 година да учествуваме во меѓународната мисија ИСАФ во Авганистан, предводена од НАТО.

Преку успешното извршување на мировните мисии, припадниците на АРМ покажаа висок морал, мотивираност и сериозност кон задачите. Во овие 20 години 3000 мировници беа ангажирани во мировни мисии од кои 1900 беа одликувани од меѓународните авторитети.

Почитувани,
Дозволете ми накусо да се осврнам на дел од успесите во изминатата година.
- успеавме да донесеме нова организациско- формациска структура на АРМ;
- мировните мисии ги извршувавме успешно и без жртви;
- превзедовме мерки за подобрување на легислативата која влијае на животот,
работата и извршувањето на задачите;
-превзедовме одредени мерки за подобрување на животниот стандард на припадниците на АРМ, пред се со уредување на одредени објекти;
- успеавме да воведеме нова униформа;
- го подобривме одржувањето на техниката, со што ја подигнавме борбената готовност;
- го започнавме проектот за резервни сили;
- успеавме да ги спроведеме активностите поврзани со јубилејот ,,20 години АРМ”, од кои посебно би ги издвоил, химната на АРМ и логото за јубилејот;
- како домаќини успешно ја изведовме најголемата меѓународна вежба во организација на НАТО, при што се стекнавме и со сертификати за нашите декларирани единици и
- пружавме помош кон локалната самоуправа.
Ова не е успех на Началникот на Генераштабот на АРМ. Ова е успех на сите припадници на Армијата.

Пред нас и понатаму стојат големи предизвици, мисии и задачи. Не треба и нема да дозволиме да го изгубиме она што макотрпно го стекнавме. Ќе одиме во нови достигнувања, следејќи ги интересите на државата и стандардите на НАТО. Како Началник на Генераштабот од сите припадници на Армијата барам поддршка, професионализам, дисциплина и одговорност во работата. Ова е повеќе од потребно за остварување на одбранбените цели.

Оние кои не можат да ги исполнат овие критериуми и морални вредности не им е место во редовите на Армијата. Нема да дозволам кршење на политичките копја над главите на припадниците на АРМ, заради партиски интереси.

Почитувани,
Но, за остварување на одбранбените цели и успешно извршување на мисијата на Армијата, потребни се и поголеми финансиски средства, особено за подигнување на животниот стандард и модернизација на АРМ. Очекувам дека долгорочниот план за развој на одбраната на Владата на Република Македонија ќе се спроведе во целост.

Дозволете ми на крајот на сите припадници на Армијата да им го честитам Денот на Армијата и да им посакам добро здравје и успех. На унапредените и наградени припадници на Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана им честитам и им пожелувам успех во понатамошното извршување на функционалните задачи.

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

Благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail