ГОВОР НА НАЧАЛНИКОТ НА ГШ НА АРМ ЗА СВЕЧЕНА АКАДЕМИЈА ПО ПОВОД ЈУБИЛЕЈОТ ,,20 ГОДИНИ АРМ“ Дом на АРМ,

Скопје, 16.08.2012 година

Почитуван господине Претседател на Република Македонија и Врховен командант на Вооружените сили, г-дин Ѓорге Иванов,
Почитуван господине Претседател на Собранието на Република Македонија, г-дин Трајко Вељаноски,
Почитуван господине претседател на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски,
Poчитуван господине министер за одбрана, г-дин Фатмир Бесими,
Почитувани министри во Владата на Република Македонија,
Почитувани поранешни министри за одбрана и поранешни началници на Генералштабот на АРМ,
Почитувани поглавари на верските заедници во Република Македонија,
Ваши екселенции амбасадори и претставници на воено-дипломатскиот кор акредитирани во Република Македонија,
Почитувани генерали и припадници на Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија,
Почитувани претставници на медиумите, дами и господа,
Драги гости,

Одбележувањето на јубилејот ,,20 години АРМ“ нас припадниците на АРМ не прави почестени и горди. Самостојна, суверена и независна Република Македонија има 20 години сопствена Армија чии корени се длабоко втемелени во вековната борба за слобода на македонските воини, востаници и борци. Чествувањето на јубилејот е можност да го согледаме дводеценискиот развој на нашата армија, која започна да функционира во крајно тешки и сложени политички и воени услови, со скромни средства, кога практично се започнуваше од почеток. Со доза на емоции, генерациите кои беа живи сведоци на формирањето на АРМ, вечерва ќе се присетат на 1992 година, кога беше запоседната државната граница, ќе се присетат на приемот на првите регрути и свечената заклетва, но и на огромниот ентузијазам кој го поседуваа припадниците на АРМ. Денес, како Началник на Генералштабот, убеден сум подеднакво како пред 20 години кога бев поручник, дека благодарение на ентузијазмот, мотивираноста и високиот морал успешно се справуваме со објективните потешкотии и пречки.

Почитувани,
Во развојот на АРМ бележиме повеќе фази, од Армија со обемна и слабо подвижна структура, составена од три армиски корпуси, создадовме Армија со целосен професионален состав, димензионирана за брзо распоредување, висoко обучена, соодветно опремена и со компатибилна командна структура според нашите потреби и стандардите на НАТО. Следејќи ја определбата на нашите политички субјекти, за зачленување на Република Македонија во колективните системи за безбедност и одбрана, АРМ даде огромен придонес, при што беше главниот генератор на реформите во одбраната. Пристапувањето на Република Македонија во Партнерството за мир во 1995 година, беше уште поголем импулс за продолжување со реформите и успесите, особено за реформските процеси кои се однесуваат на организациско-формациската структура, военото образование и обука, развојот на подофицерскиот и офицерскиот кор, модернизацијата и опремувањето, развојот на меѓуармиската соработка, развојот на воената дипломатија… Со еден збор, како членка на Партнерството за мир, спроведените реформи и исполнувањето на одредени стандарди ни овозможија за прв пат во 2002 година да учествуваме во меѓународната мисија ИСАФ во Авганистан, предводена од НАТО. Припадниците на АРМ станаа познати како нејзини најголеми амбасадори на мирот, а Република Македонија наместо увозник, постана извозник на мирот и безбедноста во светски рамки. Со благородниот придонес за мир продолживме и во Ирак, Либан и Босна и Херцеговина. Оваа мала, млада, обучена и храбра армија учествуваше со 3000 мировници кои изминатите години учествуваа во мировните мисии предводени не само од НАТО, туку и од ООН и ЕУ. Припадниците на АРМ, веејќи го гордо македонското знаме, ја афирмираа Република Македонија. Причина да се гордееме повеќе на успесите на македонските мировници се над 1900 одликувања кои им се доделени од високите авторитети и командни структури на НАТО, ООН и ЕУ. Ова се факти, заради кои врз база на докажаниот професионализам, храброст, одлучност и сериозност при извршувањето на задачите во исклучително сложени услови, придонесоа, денес АРМ да биде посакуван партнер на НАТО и Армија за почит.

Почитувани,
Иако ги исполнивме сите поставени критериуми, и покрај значајниот придонес кон светскиот мир и безбедност, неправедно сеуште не сме полноправна членка на НАТО. Порачувам од ова место како Началник на Генералштабот на АРМ, дека нас припадниците на АРМ нема да не обесхрабри оваа неправедна и непринципиелна одлука, во постигнувањето на нашата стратешка цел, да бидеме членка на НАТО Алијансата. Убеден сум и верувам дека ќе дојде и тој ден кога ќе бидеме не само посакуван, туку и рамноправен партнер на НАТО.

Почитувани,
И покрај реалните потешкотии кои произлегуваат од економската криза, политичките блокади и нестабилноста во регионот, можам да констатирам дека во изминативе 20 години Армијата успешно ја извршува основната мисија, одбрана на суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија и постана фактор во меѓународни рамки кој придонесува во глобалниот мир и безбедност. Но, не смееме да заборавиме дека сиве овие години, Армијата беше со својот народ и со граѓаните на Република Македонија, со единиците на локалната самоуправа, здруженија и други невладини организации, пружајќи им помош секогаш кога им беше потребна. АРМ изминативе 20 години го делеше и доброро и злото со своите граѓани. Сите постигнати резултати се дело на сите досегашни припадници на Армијата, особено на оние кои ги положија животите во 2001 година при извршувањето на борбени задачи.
Во иднина, пред нас како припадници на АРМ стојат големи мисии и предизвици. Ќе продолжиме да бидеме столб на нашата одбрана и да ја оправдаме високата доверба која ја уживаме од граѓаните на Република Македонија. Ќе продолжиме да бидеме извозници на мирот во меѓународни рамки, да ги следиме стандардите на НАТО и да ја достигнеме нашата стратегиска цел, полноправно членство на Република Македонија во колективните системи за одбрана. Накратко, ќе се бориме за она што е најсвето за една држава и кое нема цена, а тоа е слободата, територијалниот интегритет и суверенитетот на нашата држава и мирот на нашите граѓани.
На крајот од моето излагање дозволете ми во мое име и во името на сите припадници на Армијата да искажам благодарност за поддршката во изминативе 20 години:
- до сите претседатели на Република Македонија;
- до сите влади на Република Македонија;
- пријателските армии;
- претставниците на амбасадите и военодипломатскиот кор
акредитирани во Република Македонија;
- тимовите за воена соработка и
- граѓаните на Република Македонија.
Несебичната и сестрана поддршка од страна на институциите кон АРМ, убеден сум и очекувам дека ќе продолжи и во иднина. Очекувам поддршка особено во делот на модернизацијата на АРМ и во подобрувањето на стандардот на припадниците на Армијата, што ќе ни овозможи полесно справување со новите безбедносни закани. Едноставно мора да се вложува во одбраната, бидејќи без добра одбрана, може да го изгубиме и она што го имаме.
Ние, припадниците на АРМ во иднина ќе продолжиме чесно, професионално и одговорно да ја градиме нашата Армија и да ја чуваме нашата држава, Република Македонија.

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!

Благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail