Обраќање на Н.Е. Радмила Шекеринска, министерка за одбрана на Република Македонија, по повод отворањето на музејската изложба „25 години Армија на Република Македонија“, 17.08.2017 година, Воен Музеј, Скопје

Почитувани,

Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија како составен дел на министерството годинава одбележуваат особено значаен јубилеј – 25 години од формирањето на нашата Армија како вооружена сила на сите граѓани на Републиката.

По прогласувањето на независноста на Република Македонија во 1991 година државното раководство и граѓаните на Република Македонија по мирен пат започнаа со изградбата на државните институции. По донесувањето на Законот за одбрана на 14 февруари 1992 година започна формирањето на Армијата на Република Македонија.

Секој од нас независно од работната позиција која ја вршел или ја врши денеска како дел од нашето општество сме сведоци, и на своевиден начин ги споделуваме изминатите дваесет и пет години историја на нашата Армија, сите нејзини предизвици и искушенија, успеси, жртви, напорни залагања за одбрана на државата и за придонесите на АРМ за зачувување на светскиот мир.

Токму од тие причини Министерството за одбрана со денешната изложба прави обид сите заедно да се потсетиме, да ја освежиме меморијата за нашата Армија како еден од главните столбови на независноста и самостојноста на Република Македонија.

Не беше воопшто лесно, и тоа најдобро го знаете вие почитувани припадници на Армијата на Република Македонија, сегашни и поранешни, војници питомци, подофицери, офицери, цивилните лица на служба во АРМ како и сите вработени во Министерството за одбрана. Секој ваш вложен напор кој најмногу го споделија припадниците на вашите семејства заслужува највисоки оценки и вие сте препознатливи како поединци и како колектив кој секогаш е прв кога им е најтешко на граѓаните на оваа држава.

Велат дека една слика вреди 1000 зборови и затоа мислам дека најсоодветно во прославувањето на 25 години од АРМ, низ многу слики, низ многу фотографии, да покажеме колку беа значајни и тешки сите овие години. На овие фотографии ќе забележите дека лицата се менуваат, дека министрите се променливи, дека првите луѓе исто така се менуваат, меѓутоа она што станува заедничко, е тоа дека институцијата оди напред, се развива за доброто на државата и за доброто на нашите граѓани.

Во изминатиов период нашата армија помина низ повеќе процеси на трансформација. Од регрутен систем денес имаме целосно професионализирана Армија која нуди еднакви можности, за мажите и жените, еднакви можности за сите етнички заедници, еднакви можности за сите граѓани во државата. Армијата беспрекорно ги извршуваше сите стратешки одлуки на највисокото државно раководство и вашите успеси беа и остануваат еден од главните двигатели на Република Македонија во нејзината стратешка цел, членство во НАТО.

Почитувани припадници на Армијата,

Сите денови поминати на терен, на вежбовни активности, во армиските гарнизони, во борбените операции, во командите и штабовите, сите ваши мисии за поддршка на мирот, дадените човечи жртви и лично залагање за справување со природни непогодии други поголеми проблеми првенствено на граѓаните на Македонија. Вие докажавте дека сте секогаш први кога е најпотребно. Тоа го докажавте и во последниов месец кога Република Македонија се справуваше со пожарите на цела нејзина територија, тоа го покажавте со помошта за санирање на последиците од поплавите претходната година, тоа го покажувате секој пат кога државата ни се наоѓа во услови на загрозеност и криза.

Вие сте и најдобри претставници на Република Македонија пред меѓународната заедница кои се грижат и придонесуваат за мирот и стабилноста во светот како докажан рамноправен партнер на НАТО. Тоа го докажавте во мисиите ИСАФ во Авганистан и Слобода за Ирак, го докажувате и денес во мисијата Одлучна поддршка во Авганистан.

По стекнувањето на кандидатскиот статус за членство на Македонија во Европската унија во декември 2005 година, припадниците на АРМ во 2006 година започнаа учество во меѓународна мисии предводени од Европската унија, АЛТЕА во Босна и Херцеговина под знамето на ЕУ.

Нашата армија дава придонес за светскиот мир и во мисијата УНИФИЛ во Либан под знамето на Обединетите нации.

Почитувани претставници,

Се уште одѕвонуваат зборовите, „Македонија е се што имаме“. Четвртина век на Армијата е испишана со големи успеси и светли настани, со настани кои никој не посакуваше да се случат и кои се најдобра опомена како не треба, за доброто за нашата држава, Република Македонија и за доброто на сите нејзини граѓани, потребно ни е како никогаш досега единство, без оглед на пол, вера и етничка припадност, без оглед на политичка провенинција, заедништво и обединетост околу целта заедно во најскора иднина да застанеме под знамето на Република Македонија кое гордо ќе се вее како знаме на држава полноправна членка на НАТО и Европската унија. Тоа и го должиме на нашата татковина и на тоа се потсетуваме токму на овие светли јубилеи. Тоа го должиме и на сите генерации кои војуваа за нејзината слобода и независност. Тоа и го должиме на нашите деца и внуци.

Нека ни е честит утрешниот празник на нашата Армија 18 август.

Ви благодарам

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail