Обраќање на министерката за одбрана Радмила Шекеринска по повод започнување на воената вежба “Dragoon Guardian” Куманово 28.07.2017

Почитуван градоначалник г-дин Дамјановски,

Почитуван амбасадоре Бејли,

Почитуван бригаден генерал Милески,

Почитувани припадници на Армијата на Република Македонија и Министерството за одбрана на Република Македонија,

Почитувани претставници на американските вооружени сили од 2 Cavalry regiment ( 2CR)

Почитувани претставници на медиумите,

Почитувани граѓани на Куманово,

 

Чест и задоволство ми е што сум денес овде, во Куманово, за да го означиме почетокот на вежбовната активност Dragoon guardian 17, вежба која е плод на одличната билатерална соработка помеѓу Армијата на Република Македонија и американските вооружени сили, соработка која трае веќе долги години.

Dragoon guardian 17 е одлична можност за зајакнување на билатералната соработка помеѓу Македонија и САД и нивните вооружени сили. Тоа е можност за унапредување на взаемното разбирање и доверба; подобрување на интероперабилноста на нашите единици како и прилика за размена на искуства и развивање на стандардните оперативни процедури на инженериските и други единици за изведување на операции во различни услови и местоположба на воиштето, реафирмирање на взаемната соработка со Командата на Копнени сили на САД за Европа и земјите партнери.

Вежбата почнува денес, на 28 јули, а ќе се одвива на Армискиот полигон Криволак.

На оваа комплексна активност активно ќе учествуваат 300 припадници на вооружените сили на САД со околу 120 инженериски возила и опрема (кои во моментов се движат кон Криволак) и 95 припадници од АРМ во улога на активни учесници на вежбата и поддршка за нејзина успешна реализација.

Во текот на вежбата војниците на АРМ и на САД ќе имаат можност да изведуваат заедничка обука за обезбедување мобилност  и справување со импровизирани експлозивни направи, за обезбедување на медицинска поддршка, а воедно ќе имаат можност да учествуваат во изградба на времена полетно-слетна патека за беспилотни летала.

Гледајќи ја амбициозната програма за вежбата која е плод на заеднички напор на припаднициите на АРМ и нивните американски колеги, уверена сум дека и оваа вежба ќе биде одлична можност за зајакнување на подготвеноста на нашите единици, ќе придонесе кон подобрување на интероперабилноста и ќе ја приближи АРМ кон високите критериуми на нашите партнери од САД.

Почитувани,

Владата на Република Македонија,  Министерството за одбрана и АРМ вложуваат напори за меѓународно промовирање на Армискиот полигон Криволак, декларирајќи го како соодветен капацитет за тренинг во регионални рамки, но и пошироко. Затоа, особено не` радува што една земја која вложува навистина многу во развојот и подготвеноста на своите вооружени сили како што е САД, го одбра токму Армискиот полигон Криволак за изведување на оваа вежбовна активност.

Она што е особено интересно за оваа вежба и она што ја издвојува од други вежбовни активности е токму ова што се случува денес во Куманово.

Армијата е толку силна колку што е силна нејзината врска и поддршка од граѓаните. Во текот на Dragoon guardian цивилното население од неколку градови од Република Македонија ќе има можност да се запознае со задачите на војниците кои се денес гости тука во градот Куманово, нивниот начин на живот, работни обврски, секојдневие…Дополнително, граѓаните ќе имаат прилика да присуствуваат на демонстрација на опремата на оваа американска единица, нешто што сметаме дека ќе биде многу интересно.

Овие неколку настани кои, освен во Куманово, ќе се одвиваат и во Скопје, Велес, Штип, Струга и Струмица, ги организираме во насока на транспарентно и сеопфатно информирање на јавноста за активностите на АРМ и партнерите.  Тоа приближување на професијата – војник до граѓаните,  ќе придонесе и кон популаризација на истата и привлекување на млади луѓе, кои имаат таков афинитет и ги исплонуваат неопходните критериуми, за приклучување на професионалниот состав на АРМ.

Уверена сум дека заедничките вежби и обуки најмногу придонесуваат кон градењето на доверба и пријателски релации, но во исто време, ќе ја подобрат и Армијата на нашата држава.

Затоа, би сакала на сите учесници да им посакам успешна вежба, професионално извршување на задачите и пријатен престој во Република Македонија.

На локалната самоуправа на градот Куманово како и на сите граѓани  на Куманово би сакала да им се заблагодарам за укажаното гостопримство и да потенцирам дека и понатаму ќе го градиме ова партнерство.

Ако во Куманово првата пушка го означи почетокот на независноста на нашата татковина, почетокот на нејзин развој и како суверена држава, убедена сум дека овој настан во Куманово, ќе ја означи нашата идна стратешка цел, а тоа е членство во НАТО.

Да живее Армијата на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail