ОБРАЌАЊЕ НА МИНИСТЕРКАТА ЗА ОДБРАНА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА, РАДМИЛА ШЕКЕРИНСКА НА ЦЕРЕМОНИЈАТА ПО ПОВОД ДАВАЊЕТО НА СВЕЧЕНАТА ЗАКЛЕТВА на војниците на доброволно отслужување на воениот рок 07 Јули 2017 година, Велес

Почитувани војници на доброволно отслужување на воениот рок во Армијата на Република Македонија,

Да се биде дел од одбраната на нашата татковина е обврска на секој граѓанин на нашата држава. Но, доброволно да се пристапи кон одбраната, како што направивте вие млади војници, е чин достоен за сите пофалби. Сите вие доброволно го одбравте војничкиот позив и тоа е чин што ја добива, ја заслужува нашата почит и поддршка.
Вие сте 32 генерација на војници на доброволно служење на воениот рок во Армијата на Република Македонија и заедно со вас, досега низ Центарот за индивидуална обука се обучиле повеќе од 4.800 војници. Покрај честа да бидете дел од одбраната во наредниот период, овој ваш избор ви ја отвора вратата за понатамошен професионален развој во воената струка и по отслужувањето на доброволниот рок. Како и многу од вашите предходници, и вие ќе може да продолжите со надградба на воената професија во професионалниот состав на Армијата на Република Македонија и да ја одберите војничката професија како животна определба. За таа цел, во наредниот период ќе поминете низ интензивна војничка обука заедно со вашите инстуктори и командири. Искористете го тој период да стекнете што поголеми знаења и искуства од оваа област. Тие знаења ќе бидат од голема корист во вашата понатамошна војничка кариера.

Почитувани родители и пријатели,
Дали имаме сомнеж дека нашите деца се нашето најголемо богатство? Се разбира дека не. Наша обврска е континуирано да вложуваме во нивната иднина, да ги насочуваме кон вистинските вредности и да ги поддржуваме во секој избор што тие ќе го направат. Вашите деца овде построени, избраа благородна, важна професија и сигурна сум дека сите сте горди на овој избор. Како министерка за одбрана, јас и моите колеги од Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија во целост ќе сториме се што е во наша надлежност да ги поддржиме вашите деца кои ќе одберат воениот позив и тој да им стане животна определба.

Почитувани,
Како што веќе истакнав, одбрана на татковината е чест и гордост на сите граѓани на Република Македонија. Оттука, морам да подвлечам дека ми претставува задоволство што меѓу вас има претставници од сите етнички заедници во Република Македонија, припадници на машкиот и на женскиот пол бидејќи одбраната на татковината не разликува ниту пол, ниту етничка, ниту верска припадност.

Република Македонија е наша заедничка татковина. Армијата на Република Македонија е армија на сите нас. Од неа зависиме да ни ја гарантира нашата иднина, нашиот мир и спокој, нашиот територијаелн интегритет, нашата сувереност.

Дозволете затоа на крајот ми уште еднаш да ви честитам на изборот кој секој од нас го направи, да го служите воениот рок. Јас сум доволно возрасна да се сеќавам на едни вакви полигони кои беа пополни кога се отслужуваше редовно обврзен воен рок. Сакам да го зголемиме бројот на наши млади кои што ќе изберат и доброволно да го служат рокот и кои ќе изберат кариера токму во АРМ. Со вашиот избор вие ни давате сила да продолжиме. Со вашиот избор вие станавте сега не само дел од одбраната на нашата татковина, туку и почеток на иден професионален состав на Армијата. Вие сте идните бранители на Република Македонија, вие сте нашите идни амбасадори на мирот во меѓународните операции.

ВИ ЈА ЧЕСТИТАМ СВЕЧЕНАТА ЗАКЛЕТВА!

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА!
Ви благодарам!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail