Обраќање на министер за одбрана д-р Зоран Јолевски по повод Ден на Полкот за специјални операции 1 март 2017, Касарана Илинден, Скопје, 01.03.2017

Почитувани,

Почитувани припадници на полкот за Специјални Операции,

Од мое лично име и од името на Министерството за oдбрана и граѓаните на Република Македонија, сакам да Ви го честитам „1 март – денот на полкот за Специјални операции“, со искрени желби за успех на личен и професионален план.

Денес, Република Македонија, и ВИЕ – Полкот за Специјални операции, слави 23 години постоење, 23 години развој, 23 години лидерство во армиските и безбедносните структури на Република Македонија.

Овие 23 години поминати, вие поставивте стандард за квалитет за тоа што значи вистински воин. Вие сте огледало на кое треба да се огледуваат другите припадници на Армијата на Република Македонија. Вашата храброст, патриотизам, обученост, чесност, одважност и креативност се препознатливи и високо цените во вашата – армиската околина, но и во одбранбената структура во Република Македонија. Граѓаните на Република Македонија се гордеат со вас.

Полкот за Специјални операции има многу важно место во целокупниот систем на одбрана на Република Македонија и Армијата на Република Македонија. Вие, давате посебна карактеристика, карактеристика која што постанува се поважна во современото безбедносно опкружување, а тоа е способност за брзо и енергично справување со неконвенционалните закани.

Лично се сеќавам кога вашата единица од баталјон прерасна во полк и тоа благодарение на визијата трагично загинатиот претседател Борис Трајковски. Јас ја имав честа и привилегијата да го водам неговиот кабинет и да ги спроведувам неговите идеи во практични дела.

Од моето доаѓање на чело на Министерството за одбрана еден од моите приоритети во развој на вооружените сили на Република Македонија, беше развојот на Полкот за специјални операции.

Иницирав и формирав секција за координација на специјалните операции при Полкот за Специјални Операции, со основна мисија да биде советодавно тело при Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ. Секцијата за специјални операции во следните неколку недели ќе добие свои канцеларии во новиот дел на зградата на Министерството за одбрана и Генералштабот на АРМ. Таа има задача да ги презентира вашите потреби, иницијативи и предлози за создавање услови за Ваше подобро функционирање директно во Министерството и Генералштабот.

Со цел ваше натамошно јакнење, а врз основа изнесените потреби од вас, Владата на Република Македонија и Министерството за одбрана стави фокус на: прво на припадниците на ПСО, второ опремувањето со најсовремени материјално – технички средства и трето, зајакнување на веќе воспоставените врски и создавање на нови врски со специјалните сили на партнерите од НАТО алијансата.

Можам да констатирам дека забележан е напредок кај сите овие сегменти.

Во однос на персоналот, во изминативе три години беше даден приоритет во пополнувањето на полкот за Специјални операции. Направена е промена на правилникот за прием на професионални војници во АРМ, со што се даде примат на кандидатите кои ги исполнуваат условите да станат припадници на пСО. Како резултат на ова се зголеми бројот на припадници на Полкот за специјални операции во 2015 и 2016 година за цели 34%.  Со оваа мерка не само што ја зголеми бројната состојба, туку го направи и повеќе од потребното подмладување на персоналот. Со ова се овозможува во периодот што следува, вие искусните припадници, да им ги пренесете стекнатите и препознатливи вештини на вашите наследници.

Во однос на материјално – техничките средства, Полкот за специјални операции активно го вклучив во главниот процес на модернизација на АРМ. Дел од проектите за модернизација на АРМ е и набавка на специјална лична опрема за војник, а покрај ова ќе бидат набавени и нови возила 4х4. Опремата ќе пристигне оваа и следната година. По 16 години ова е најсериозна модернизација. Сигурен сум дека идната година, на овој ден ќе бидете построени со новата опрема.

И третиот дел од планот за Ваше натамошно јакнење е поврзување на Полкот за специјални операции со поширокото семејство на специјалните единици од НАТО алијансата. Секцијата на Полкот за Специјални операции покажа грижа за идниот развој на специјалните единици и успеа да го интегрира Полкот за специјални операции во командата на НАТО алијансата. Како резултат на досегашното работење на ова секција и нијзината инцијатива вие сте денес поврзани со НАТО Командата за специјални операции.

Не случајно во јануари 2015 г. заедно со тогашниот командант на Полкот, генерал Ѓурчиновски, ја посетивме Командата за Специјални операции на САД во Тампа. Исто така лично се заложив, во контактите со моите колеги полски министри да се воспостави контакт помеѓу специјалните сили на Република Македонија и Република Полска. Пред неколку месеци имаше позитивен одговор од страна на Специјалните сили на Република Полска. Тие, исто така, ќе бидат советодавни партнери во вашиот иден развој. Очекувам дека овие иницијативи да резултираат во конкретни активности, обуки и заеднички вежби, како и потпишување на документи за соработка.

Во периодот пред нас и претходните месеци во неколку наврати разговарав за вклучување на нашиот полигон во Република Макеоднија за обука заедно со елитните единици од НАТО земјите членки.

 Припадници на ПСО, вашето место е многу значајно во развојот на Армијата на Република Македонија. Вие имате огромни искуства, огромни знаења и огромни вештини. Сегашноста, но и иднината, зависи од вас, припадниците, но и од вашето лидерство.

Лидерството на државата, како и вашите команданти знаат дека полкот е расадник на одважни старешини и војници, старешини со јасно изградени стандарди, стандарди кои што мораат да ги пресликуваат и во другите делови на Армијата. Вие, команданти, вие сте одговорни за вашите луѓе, за нивниот морал и подготвеност да бидат целосно спремни да ги извршат и најсложените и најтешки поставени задачи во системот на одбрана преку извршување на специјални операции.

Полкот за специјални операции треба да бидете пример за сите припадници на Армијата. Затоа побарав од Генералштабот на АРМ во иднина кога ќе се организираат курсеви за подофицери, предимство да имаат професионални војници од вашиот полк. Исто така моја визија е, во Воената академија, на ротирачка основа, по две години, да се упатуваат старешини од овој Полк, како команданти на наставните групи на питомците. Со ова ќе се овозможи трансфер на вештини и знаења од Полкот во другите единици на АРМ и кај сегашните питомци, а идни старешини на АРМ.

Денес, сите вие припадници на полкот, но и пошироко, припадници на Армијата на Република Македонија без разлика дали сте старешини или професионални војници, морате да знаете дека професионалноста се докажува постојано, со секојдневното изведување на поставените задачи без разлика каква должност ви е дадена. Вие, мора да знаете дека ваша основна функција е борбената готовност, што значи подготвеност да се исполни уставната функција на Армијата на Република Македонија, а тоа е бранење на територијалниот интегритет, суверенитет, независност и унитарниот карактер на Република Македонија.

Припадници на специјалните сили бидете одважни и храбри. Бидете заштитници на веќе воспоставените високи стандарди, бидејќи тие ве прават посебни. Специјалци, бидете чувари на вашето семејство, семејство кое што го формиравте пред 23 години, семејство препознатливо во нашето општество.

На крај, сакам уште еднаш да Ви го честитам денот на полкот за Специјални Операции со искрени желби за успех на сите вас.

ДА ЖИВЕЕ АРМИЈАТА НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

ДА ЖИВЕЕ РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail