Обраќање на министерката за одбрана Шекеринска на свечената церемонија по повод прием на професионални војници во АРМ 04.07.2018

Ова е период на промени и нови почетоци за Република Македонија. Обезбедивме датум за преговори со Европската Унија кој значи почеток на едно ново време, време на напредок, развој и подобар живот за граѓаните. Поканата за НАТО која ќе ја добиеме следната недела ќе значи почеток на една ера на стабилност и безбедност за нашата земја. Македонија чекори кон сигурна иднина. Далеку зад нас го оставаме времето на несигурност и изолација. Денеска сме тука да означиме уште еден почеток—почетокот на карирерата за 125 професионални војници во Армијата на Република Македонија.

Вие сте првата група од вкупно предвидените 375 нови професионални војници кои годинава треба да го зајакнат составот на АРМ. Сакам да ви кажам дека вие ја започнувате вашата кариера во вистинско, крунско време. Време на големи предизвици, модернизација и професионализација на армијата. Време во кое Македонија ќе ја унапредува одбраната и ќе го достигне стандардот на НАТО-алијансата.

Македонија мина низ бурен период на многу предизвици и тешки одлуки. Во тие моменти токму младите беа извор на инспирација и поттик за надминување на предизвиците со кои се соочувавме, но и главни носители на промените. Реформите на хартија се едно, но конкретните, реални промени, доаѓаат од луѓето, доаѓаат од луѓето кои сакаат да ја менуваат реалноста, доаѓаат од младите кои сакаат подобра иднина. Во секој од вас 125 војници кој ќе ја носи униформата на Армијата на Република Македонија ја гледам промената која допрва треба да дојде. Вие сте тие кои треба да бидат олицетворение на резултатите и вредностите кон кои се стремиме и за кои работиме. Вашата генерација е посебна—имате привилегија, но и одговорност да бидете прва генерација на војници во Армијата кои речиси целосно ќе ја развиваат својата кариера во рамки на НАТО сојузот.

Професијата која сте ја одбрале бара исклучителна доблест, подготвеност, посветеност и храброст. За тоа и како граѓанин и како министерка за одбрана, ви оддавам почит и искажувам искрена благодарност.

Вашиот влог и придонес граѓаните го препознаваат. Токму затоа АРМ, институција во која ќе ја градите својата кариера е институција која ужива најголема доверба помеѓу граѓаните на РМ. Убедена сум дека ќе ја продолжите традицијата на вашите претходници и дека и натаму Армијата ќе биде извор на доверба, на сигурност и безбедност.

Нашите партнери во светот имаат само зборови за пофалби за придонесот и работата на нашите војници во меѓународните мисии. Нашите припадници добиваат највисоки оценки за својот труд. Тоа најгласно говори за карактерот на нашата армија и за вредноста на секој поединец кој денеска ќе го потпише договорот со кој станува професионален војник. Горди сме на ова, и вие треба да бидете исто така.

Секој труд и придонес треба да биде соодветно вреднуван и награден. Затоа во оваа година на позитивни промени, обезбедивме зголемување на платите во Армијата за 10%. Знаме дека тоа е само почеток и мал чекор во подобрување на војничкиот стандард и вреднувањето на работата. Но, ве уверувам, ова е само почеток на многу позитивни промени во армијата. Владата, јас и целиот тим на Министерството остануваме посветени на подобрување на стандардот и условите за работа во Армијата на Република Македонија.

Почитувани војници,

Вие сте први на линијата на одбрана на татковината. Не само од надворешни опасности, туку и при природни катастрофи и непогоди. Вашите повозрасни колеги беа меѓу најзаслужните за успешно справување со летните шумски пожари и поплавите и сите други катастрофи. Униформата е гордост, униформата е привилегија и униформата е огледало на една држава.

Самитот на НАТО следната недела и поканата за членство која ја очекуваме исто е нов почеток. Вие сте тие кои ќе го пишуваат тоа поглавје како генерација на нови млади војници кои ќе бидат дел од најмоќниот воено-политички сојуз во светот.

Членството во НАТО гарантира безбедна иднина за граѓаните на нашата земја. Безбедноста е основен предуслов за економски развој, за повеќе инвестиции и нови партнерства.

Погледнете ги само искуствата на земјите околу нас. Пет години пред Бугарија да стане членка на НАТО странските директни инвестиции изнесуваа околу 7 посто од БДП. Петте години подоцна од зачленувањето во НАТО, странските директни инвестиции пораснаа на речиси 20 посто од БДП. Ова е само еден од многуте примери кој ја покажува врската помеѓу безбедноста и економијата. Помеѓу членството во НАТО и подобриот живот на граѓаните.

Членството ќе значи и конечна стабилизација и одржлив мир во регионот, подобра соработка со соседите, стабилен регионален пазар и проширување на можностите. Затвореноста и недовербата кон соседите ја заменивме со партнерство и соработка. ВО НАТО, Македонија рамо до рамо со светските велесили, ќе одлучува за сите важни светски безбедноси и политички прашања.

Почитувани војници,

Роберт Кенеди во една прилика рекол, “на светот му се потребни квалитетите на младоста: Темпераментот на желбата, доблеста на фантазијата, доминацијата на храброста врз стравот и апетитот за предизвик пред удобноста.”

Сметаме на вас дека ќе ги донесете овие квалитети во Армијата на Република Македонија бидејќи повеќе од било кога досега, ваквите квалитети се потребни за нашата татковина, за нашата армија.

Ви посакувам долги кариери исполнети со успеси и одлични резултати. Ви благодарам однапред на службата и добредојдовте во Армијата на Република Македонија.

Да живее Армијата на Република Македонија!

Да живее Република Македонија!

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail