ОБРАЌАЊЕ на министерот за одбрана на Република Македонија, г-ѓа Радмила Шекеринска – Јанковска, на Состанокот на Министрите за одбрана во формат Одлучна поддршка (29 јуни 2017 година, Брисел)

Почитуван Генерален секретар,
Почитувани министри за одбрана,
Дами и господа,

Како новоизбран министер, дозволете ми да ги поздравам долготрајните напори на НАТО и партнерите, вклучително и мојата земја, за безбедноста, стабилноста и развојот на Авганистан.

Од 2002 година, Република Македонија дава континуиран придонес кон безбедноста на Авганистан, преку учество со повеќе од 2.700 лица воен персонал во мисијата ИСАФ и во мисијата за Одлучна поддршка. Во овој момент, мојата земја има распоредено 39 лица воен персонал како штабен персонал, единица за заштита на сили, инструктори и експерти за обука и советување во Регионалните команди во Кабул и Север.

Додека од една страна обезбедуваше поддршка за безбедноста и стабилноста на Авганистан, Македонија, за жал, помина низ пролонгирана политичка криза која нè доведе до граница на внатрешен конфликт. Станавме пример за суштинската врска меѓу демократијата и стабилноста: или двете ќе ги унапредиме, или двете ќе ги изгубиме.

Како вицепремиер и министер за одбрана ве уверувам дека новата влада е силно посветена на исполнувањето на итните реформски приоритети што покажува дека
членството во НАТО како наш приоритет во надоврешната политика се отсликува во нашата зголемена посветеност кон операциите предводени од НАТО и структурите на НАТО.

Новата македонска Влада ќе го продолжи својот придонес во оваа мисија во 2018 година, и ќе ги истражи можностите за заголемување на нашето присуство во НАТО и мисиите предводени од НАТО (Мисијата Одлучна поддршка).

Драги пријатели,

НАТО инвестираше значително и мудро во Македонија за време на нашите внатрешни потешкотии. Наш приоритет е што поскоро полноправно членство во Алијансата, што претставува клучна гаранција за регионалната безбедност, стабилност и развој со оглед на новите безбедносни предизвици.

facebooktwittergoogle_plusredditpinterestlinkedintumblrmail